Разговор со Марија Грубор-Вардарска: Слемот треба да биде доживеан

Победничка на дванаесеттиот Национален слем-натпревар, на кој учествуваа триесетина слемерки и слемери, е Марија Грубор – Вардарска, која со победата обезбеди учество на Европското слем-првенство идната година.

Националната слем-победничка Марија Грубор-Вардарска е поетеса, прозаистка, фотографка, есеистка, но и дипломиран психолог. Пред некоја година на татковото презиме Грубор го додава и поетското – Вардарска. Вели дека тоа презиме ги означува нејзиното потекло и припадноста – родена во Велес, до самиот Вардар, на улица „Вардарска“, а водата тематски ги дефинира и нејзиниот личен живот и творештвото. Во разговорот со неа ги откриваме и личните дефиниции за слем-поезијата.

На националниот натпревар за слем-поезија одржан во Прилеп победи по вторпат. Што беше клучно за твојата победа годинава? Со што се претстави?

– Мислам дека искуството и искреноста се значајни фактори. Имам објавено две збирки, ја изведувам својата поезија веќе една деценија, а со слем-форматот се запознав во 2017 година, кога воедно и победив првпат. Користам силни поетски слики и сирова емоција, и умеам добро да управувам со динамиката на својот глас. Се претставив со две песни, „Ентропија“ и „Петрихор“, од кои првата е осврт на едно внатрешно патување низ најнеудобните предели, додека втората раскажува за најсветли спомени и најмеки копнежи. Извесно време пред настапот, се прашав себеси: Што сакам да раскажам овој пат? Што морам да раскажам овој пат? Кои чувства и доживувања во мене вријат да бидат излеани и слушнати? Никогаш не пишувам сосила, со строги концепти и грижа што луѓето сакаат да слушнат, туку сакам да откривам во себе што ми е неопходно да искомуницирам со светот во дадениот момент. Понекогаш на светот баш му е гајле за тоа, и тоа е сосема во ред, но понекогаш знае да биде навистина релевантно и моќно.

Веќе си ја претставувала македонската слем-поезија на Европскиот натпревар. Какви се твоите искуства од првото учество и како планираш да се подготвиш за следниот натпревар?

– Европското слем-првенство во 2018 година беше едно од најдобрите искуства во мојот живот. Имав можност да запознам генијални слем-поети со бескомпромисен израз и несопирлива креативност, и да доживеам што сè може зборот да постане кога е во вистински раце. И покрај формалниот натпревар, меѓу учесниците постоеше одлична дружба и силна меѓусебна поддршка. Бидејќи бев сосема нова на слем-сцената, бев сосема свесна за тоа додека стоев на иста сцена со искусни слемери и не очекував многу од себе, но всушност, постигнав многу повеќе од тоа и освоив место во финалето. Тие настапи ми дадоа прекрасен поттик да ги ослободам мислата и изразот уште повеќе и да се изведувам себеси со уживање.

Слем-поетот се стреми да ја исполни секоја секунда со значење / Фотографија: Ерина Богоева

Иако слем-поетите се, исто така, поети, по што тие и нивната поезија се разликуваат од традиционалната поезија и поетско читање?

– Додека традиционалната поезија е конципирана да живее и се рефлектира во умот на читателот, една интимна зона со надреални правила на функционирање, слем-поезијата е конципирана да биде восприемена низ сосема други сетила, низ говорната интерпретација на самиот автор, што значи дека нејзиниот ефект ќе биде врзан за аудиовизуелниот облик во кој поетот ќе избере да ја претстави. Најдобрата песна на хартија не секогаш е најдобрата песна оживеана на сцена. Меѓутоа, тоа што го разликува слемот од други видови на поетско читање се правилата, како што е изведувањето на памет, временското ограничување, некористење никакви помагала и сл. Овие рамки се она што нè тера да размислуваме попаметно за тоа како да креираме настап со максимален ефект, користејќи само глас и тело. Слем-поетот се стреми да ја исполни секоја секунда со значење.

Македонската слем-заедница функционира многу компактно. Кои се вашите заеднички активности, покрај националниот натпревар, и на кој начин може да се стане член на заедницата?

– Она што ми е омилено во однос на македонската слем-заедница е нејзината отвореност кон секој што има храброст да застане на сцена и да се разоткрие пред една публика. Ова е флуидна сцена на која секогаш се појавуваат нови, добредојдени гласови, кои добиваат рамноправно учество и поддршка. Благодарение на дванаесетте години функционирање на „Поетри слем Македонија“, многу млади поети овде ја имаат добиено првата шанса да експериментираат со својот себеизраз во една крајно пријателска атмосфера. Оттука, да се има желба за изведување поезија е сосема доволно за да се стане член на оваа впечатливо хетерогена заедница. Заедничките активности во текот на годината вклучуваат пријателски натпревари, промовирање на заеднички објавени дела, како и екипни настапи на други културни манифестации и поетски фестивали. Притоа, и самата публика на слем-натпреварите веќе има своја сопствена култура, начин на комуникација со учесниците, вкусови и очекувања.

Македонската слем-заедница функционира многу компактно во една крајно пријателска атмосфера

Дали слем-поезијата ја објавувате во книги, или можеби поподатливо е да се објавува на компакт-дискови или на други носачи на звук?

– Слем-поезијата вообичаено се објавува во книги, но досега имаме создавано и алтернативни формати, како аудиовизуелни проекти и онлајн настапи. Ако ме прашате што мислам најискрено, би рекла дека слемот како таков треба да постои само таму и тогаш – на таа сцена и со таа публика, во само тој момент, зашто таа атмосфера е еден мал универзум во кој сè има свое место и поента, а синергијата која се креира и функционира на лице место не може во потполност да биде пренесена низ ниеден носач на слика и звук. За мене, слемот треба да биде доживеан. Никогаш не чувам снимки од своите настапи. Но, тоа е само еден несмасен личен идеал.

Во реалноста, се согласувам дека е многу поподатливо да се објавува на компакт-диск отколку во писмена форма – една напишана песна може да делува изненадувачки сосем поинаку кога е изговорена. За мене посебно откритие годинава е соработката меѓу музика и слем-поезија. Разговорот меѓу овие две форми и начинот на кој тие можат да се предизвикуваат, поддржуваат и надминуваат е нешто кое уживам да го истражувам во овој творечки период. Резултатот е мојот нов проект „Аспирин мун“ (Aspirin Moon) со џез-гитаристот Филип Букршлиев, кој неодамна успешно го изведовме првпат, а наскоро ќе биде снимен и издаден на носач на звук, за да може слободно да патува понатаму до својата публика.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 151, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-24 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот