Разговор со Ѓорѓе Јовановиќ за „Горчлив шеќер“ во МСУ: Тотално уметничко дело со чувство на благост и горчина

Фотографија: Маја Јаневска-Илиева

Во Музејот на современата уметност – Скопје од 19 септември 2023 до 10 февруари 2024 година е поставена изложбата „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ, а куратори на овој комплексен мултимедијален проект се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

Речиси и да нема област од уметноста во која Ѓорѓе Јовановиќ не ги „вплеткал“ своите творечки прсти. Оттаму, сосема природно е неговата самостојна изложба „Горчлив шеќер“ да има мултимедијална и интердисциплинарна димензија.

Преку овој проект Јовановиќ прави интегрирање на целокупната негова творечка практика, која опфаќа најразновидни изразни форми и медиуми, од цртеж и инсталација до перформативност и интерактивност.

Што беше пресудно да направиш поетична, хумористична, трагикомична визуелна приказна за хаотичната современост?

– Се трудев да го опсервирам денешниот свет, кој е преполн со брзи промени и прекршувања, безброј трагедии и турбулентни периоди, пандемии, војни и економска криза. Свет во кој се бришат или ништат многу нешта што се цивилизациски придобивки. Свет што станува сѐ повеќе дехуманизиран и во кој, за жал, пополека, иако не сакам да поверувам, го губиме чувството на заедништво, солидарност, емпатија, милост, добрина… Од таа почетна точка тргнав во реализацијата на „Горчлив шеќер“ и преку повеќеслојна и мултисензорна уметничка интервенција се обидов да отворам простор за преиспитување на меѓучовечките релации, состојбите на локално и глобално ниво во услови на сложена општествена ситуација, која е одредена од бројни кризи и егзистенцијална неизвесност.

Во духот на Аполинер би можел да кажам дека „Горчлив шеќер“ е приказна за случајната средба на Калимеро, една запалка и Доналд Трамп на операционата маса, па оттаму користејќи го искуството на надреализмот и дадаизмот, но сега ставени во нашиот современ, хаотичен контекст, сакав да искреирам дела и простори што нема да илустрираат или да дефинираат одредени појави, туку повеќе ќе предизвикуваат прашања и критичко промислување на светот во којшто живееме денес.

На крајот, пресудно беше и тоа дека и покрај тоа што уметноста кај нас на моменти имам чувство дека станува периферна работа, поради мојата силна верба во трансформативната моќ што таа ја поседува, созревањето на идејата за оваа изложба, која ја работев во изминатите три години, но и од инает, кој сметам дека секој автор треба да го има, и покрај фактот дека работиме во тешки и неблагодарни услови, се впуштив во уште една нова авантура.

Би сакал, ако е можно, секој посетител по заминувањето од изложбата да го понесе чувството на благост и горчина / Фотографија: Маја Јаневска-Илиева

Како да го протолкуваме насловот „Горчлив шеќер“?

– Го оставам тоа да биде протолкувано индивидуално од секој посетител, но секако би сакал, ако е можно, секој посетител по заминувањето од изложбата да го понесе чувството на благост и горчина, некакво чувство како од онаа реплика од филмот „Надвор од законот“ (Down by Law) на Џим Џармуш: „It’s sad and beautiful world“ (Ова е тажен и прекрасен свет).

Самата изложба е поставена како театарска сценографија. Колку сегменти се вградени во неа?

– Повеќе би сакал самата поставка да ја гледам како „тотална инсталација“, или пак „тотално уметничко дело“, во која е интегриран и театарот, поточно театарската сценографија, која ми е особено драга и со која се имам занимавано низ годините.

Инсталацијата ја сочинуваат слики, објекти, скулптури, колажи, звучни објекти, текст, видеа и анимации. Во делот на видеата и анимациите се поместени четири приказни од современи македонски писатели и мои драги пријатели, Румена Бужаровска, Петар Андоновски, Хана Корнети и Алекс Букарски, кои секој на свој особен начин ги раскажуваат приказните за животот, денес и овде во Македонија. Исто така, ми беше важно и отворањето на теми кои не се толку често третирани на нашата современа ликовна сцена, како и создавањето на простор за комбинација на различни уметнички дисциплини и пробивањето на острите или воспоставени рамки на уметничка креација и продукција.

Никогаш не ми било доволно да се вкотвам во еден медиум и особено ми е важно да експериментирам / Фотографија: Анжелика Апсис

Во твојот интерес за работа се визуелната уметност и експерименталниот филм, анимации, стрип и музика. Како успеваш доследно да создаваш нови дела во сите овие области?

– Овој пристап ми доаѓа сосема природно. Никогаш не ми било доволно да се вкотвам во еден медиум и особено ми е важно да експериментирам. Тоа е едноставно дел од мојата природа. Овие одлуки за користење различни медиуми не биле донесени свесно, и како што се прошируваа моите интереси за тоа како можете да дејствувате на различни начини преку ликовната уметност, овие интереси за експериментирање со различни форми се појавија природно. Оттаму „преселбата“ од еден во друг медиум никогаш не сум ја чувствувал како товар, туку како огромен предизвик. Ми се чини дека што и да правите она што е битно е да го истерате до крај, доследно, па така, работата во различни медиуми или нивното комбинирање станува предност.

Дали „Горчлив шеќер“ е заокружување на еден период и почеток на нова етапа во твоето творештво?

– Не би можел да знам. Повеќе го гледам како уште една нова кота по патот по кој се движам, исто какво што е моето творештво, нелинеарно, наликува повеќе на концентрични кругови отколку на скалила, како некој фантазмагоричен град во кој има широки авении, ама и слепи улички… творењето не е праволиниска работа, не знам по која улица ќе тргнам. Она што со сигурност го знам е дека љубопитноста и принципите остануваат исти.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 199, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот