Разговор со Емил Ниами: Нашата научна средина е дефанзивна

Книгоиздателството „Ми-Ан“ на 12 јули во паркот пред КИЦ-Скопје го промовираше Речникот на хомонимите во македонскиот јазик од Емил Ниами, а станува збор за трет речник во низа од истиот автор.

Докторот по филолошки науки Емил Ниами е автор на првиот Речник на паронимите во македонскиот јазик и на првиот Речник на антонимите во македонскиот јазик, за кој ја доби и наградата „13 Ноември“ за наука во 2021 година.

Со еден збор тој себеси се смета за славист. Од 2015 година Ниами работи во Рускиот центар при УКИМ, а негово поле на интерес се лексикологијата, лексикографијата, традуктологијата и социолингвистиката. Овие денови го промовираше својот најнов труд Речникот на хомонимите во македонскиот јазик.

Во еден краток период од една година промовиравте три речници за македонскиот јазик – за паронимите, антонимите и најновиот за хомонимите. Што е во основата за ваквиот научен интерес за македонскиот јазик и колку време се подготвувани речниците?

– Всушност, станува збор за изданија од три години. Поради пандемијата со ковид-19 Речникот на паронимите во македонскиот јазик (2020) и Речникот на антонимите во македонскиот јазик (2021) беа промовирани во јуни минатата година, а оваа го промовиравме Речникот на хомоними во македонскиот јазик (2022).

Првите два речника го чекаа светлото на денот долго време поради незаинтересираноста на финансирање во времето кога тие беа подготвени за печат, односно во 2010 и во 2011 година. По десет години поддршката беше добиена, така што ги добивме во печатена форма за пошироката јавност. Овие два речника произлегоа од мојата магистерска, односно докторска дисертација, каде ги разгледував паронимите и, соодветно, антонимите во македонскиот во споредба со рускиот јазик. Речникот на хомонимите, пак, беше логично продолжение, со оглед на тоа што македонската лексикографија не поседуваше вакви речници.

Речникот на хомонимите во македонскиот јазик е логично продолжение на научната работа на Емил Ниами

Составувањето речници е долгогодишна и посветена работа, а обично тоа се прави на институционално ниво. Како се одлучивте сам да ја преземете таквата обврска?

– Не можам да кажам дека сум некаква жртва, иако во повеќе пригоди така и звучи, односно дека индивидуално сум направил нешто што го прават цели институти. Едноставно љубознателноста ме поведе по тој пат. Сакав да ги проучам овие односи на лексемите во македонскиот јазик, а најдобар начин за нивна презентација е во лексикографски облик. Згора на тоа една од моите потесни специјалности е токму лексикографијата, така што коцките се составија.

Пишувањето речници за мене претставува вистинско задоволство. Отсекогаш сум го сакал оној убав и пријатен замор што го чувствувате додека со часови работите, особено во последните две недели кога ви е потребна целосна концентрација за целосен увид во нештата, кога сте пред компјутерот 16 до 18 часа на ден, кога секое ѕвонење на телефонот го чувствувате како некој да сака да ви го расипе расположението. Едноставно тоа е љубов, а не пожртвуваност, така што не чувствувам дека сум направил некаков херојски подвиг.

На какви истражувања се фундирани трите речници?

– На научни. Порано лексикографијата се сфаќаше како занает, денес таа е подигната на научно ниво. Мојот секојдневен допир со македонскиот јазик го направи своето. Без оглед дали пишувам текст, дали читам или комуницирам со некого писмено или усно, овие јазични феномени испливуваат. Ќе ви се чини чудно, но за секој од нив, покрај обемната научна литература, читав и огромен број разновидни текстови – белетристика, новинарски текстови, публицистика, блогови, постови и коментар – но, не само содржински туку продлабочено на ниво на препознавање на секој од овие лексички односи во македонскиот јазик.

Порано лексикографијата се сфаќаше како занает, денес таа е подигната на научно ниво / Фотографија: Маја Јаневска-Илиева

Каков тип на познавање на јазикот е потребно за да се стигне до ниво на негова научна вивисекција?

– Денес е навистина тешко да се постигне тоа ниво. За себе, искрено, сметам дека не сум го достигнал, со оглед на фактот што науката воопшто се развива со брзина на светлината. Иако хуманистиката е во постојана криза, денешните платформи на Интернет ни даваат можност за објавување, за учество на конференции, со што се зголемува интеракцијата, стануваат достапни многу нешта кои порано ни беа недостапни. Но! Тоа значи и голема обврска – доколку пишувате за некое прашање, задолжително мора да ја простудирате сета научна литература што ви е достапна, да анализирате, да соберете материјал, долго да размислувате за да дојдете до заклучок, па дури потоа сето тоа да го изложите во писмена форма.

Кога станува збор за јазикот, пак, мора да констатирам дека тоа е една материја која не само што бара чувство, ами бара и анализа, размислување, читање, а, секако, и дискусија. Многу сум среќен што имам неколкумина колеги од земјава и од странство со кои дискутираме на определени јазични теми. Звучи смешно или, како што сега е модерно да се каже забегано, но во нашите разговори на површина излегуваат многу интересни заклучоци, дилеми, кои нѐ тераат да копаме подлабоко, да бараме повеќе примери, да анализираме зошто токму така зборуваме, зошто токму тој збор го употребуваме, што се крие зад сето тоа.

Колку ваквиот тип на научни книги, всушност, се најсилните адути во афирмацијата, но и во потврдата на постоењето еден јазик?

– Велат дека хартијата трпи сѐ, но истовремено хартијата и чува сѐ. Каков било труд за македонскиот јазик кој е направен со научен приод, со факти, претставува материјален доказ за постоењето или непостоењето на нешто. Доколку сакаме да се осврнеме на односот на поголемиот дел од бугарската наука, со оглед на тоа што ми се чини оти и прашањето е во таа насока, морам да кажам дека она што тие го прават е маркетинг, односно ширење научни невистини. Но, морам да истакнам дека и од наша, македонска, страна постои голем пропуст.

Многупати сум истакнал дека нашата научна средина е дефанзивна, оти настапува на сцената само кога сме нападнати и треба да се браниме, наместо континуирано да создаваме трајни научни дела што ќе бидат достапни на сите. Вината лежи и во скудното финансирање од страна на државата, а кај хуманистичките науки тоа е неопходно, зашто тие сами по себе не се економски продуктивни и не можат да остварат профит, но дел од вината е и кај научниците во нашата земја кои страдаат од егоцентризам.

Сметам дека, од една страна, крајно време е да ги фрлиме настрана своите суети и да почнеме да работиме како што треба, да се вклучува и да се дава кураж (наместо да се потценува и да се обесхрабрува) нова, млада научна сила, а од друга страна и државата треба да биде поотворена, подемократски настроена кон научната мисла и да обезбеди нејзино финансирање.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 137, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот