Разговор со битолскиот сликар Панде Петровски: Линијата не е само граница меѓу две површини

Панде Петровски во Галерија „Остен“ / Фотографија: Мерт Расим

Самостојната изложба на дела од циклусот „Метаморфози“ на битолскиот сликар Панде Петровски го најавува „Остен Биенале 2024“, а самиот уметник годинава бележи јубилеј 65 години творештво.

Сликарот Панде Петровски е роден во 1939 година во Брусник, Битола. Завршил Педагошка академија во Скопје, ликовна насока во класата на Вангел Коџоман. Работел како наставник по ликовно воспитание од 1964 до 2002 година. Член е на ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и ДЛУБ (Друштво на ликовните уметници Битола). Во последниве дваесетина години е координатор на Меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“ – Битола.

Во Галерија „Остен“ во Скопје од 28 март до 14 април се поставени негови слики од циклусот „Метаморфози“. „Најновиот циклус на Панде Петровски не само што е повеќе од циклус, туку е и своевиден автохтон, обемен опус, дневничко и упорно запишуван со специфичен ликовен јазик: зрел, изграден и сериозно обликуван и духовно преобразуван во потполна ликовна посветеност“, забележува ликовниот рецензент Владо Ѓорески.

Циклусот „Метаморфози“ е творечки резултат на потполно изградената ликовна зрелост на скромниот и едноставен, но искусен автор Панде Петровски.

Во Галерија „Остен“ е поставена Вашата изложба со наслов „Метаморфози“. Станува збор за специфичен ликовен јазик. Која е тематската инспирација за циклусот „Метаморфози“?

– Преобразувањето како природна појава отсекогаш ми било нејасно прашање, за кое никогаш не најдов посоодветен и целосен одговор. Вчудовиден бев кога ќе видев една прекрасна пеперуга со преубави форми и бои на крилјата, а за која знаев дека настанала од грда, грозна гасеница. Не најдов соодветен одговор ни во науката, а уште повеќе ни за сите други преобразби на формите, па дури и на материјата и во растителниот, а особено во животинскиот свет. Третирајќи го сето тоа како своевидна реалност, ме тераше на размислување, истовремено ме инспирираше и за ликовно творење.

Таа длабока инспирација ми овозможуваше слободно и неограничено транспонирање на неправилните форми и нивното обединување во асиметричната композиција на делото. Така започнав со циклусот „Пресеци“ во 1997 година (Уметничка галерија – Битола), за повторно да се впуштам на истата тема после дваесетина години со циклусот „Метаморфози“.

Преобразувањето како природна појава е инспирација за делата на Панде Петровски / колаж

За креација на делата од циклусот ја користите линијата како основна азбука во сликарството. Што претходи на потегот со кој линијата ја ставате на платно?

– Независно дали линијата е повлечена на хартија, платно или на каква било друга рамна површина, таа не е само граница меѓу две површини, таа во суштина и самата е површина. Иако во теоријата е еден од основните елементи во ликовниот говор, таа има рамноправно значење со сите други ликовни елементи од ликовниот јазик или најстарата писменост, јас кога цртам едноставно со полутоновите се обидувам и да сликам.

Годинава одбележувате 65 години творештво. Како го градевте творечкиот опус од циклус во циклус?

– Мојата прва самостојна изложба беше во 1959 година. Во овие изминати 65 години творештво со неколкуте илјади создадени дела отворив над 40 самостојни изложби, работејќи на најразлични теми од десетина циклуси, како што се: Линеарни имагинации, Пресеци, Стара битолска архитектура, Мотиви од нашите села, Хераклејски импресии, Пејзажна стилизација, Метаморфози…

Еден од Вашите циклуси ја опфаќа старата битолска архитектура. Што градот Битола значи за Вас?

– Во моето детство улиците беа со коцки или со турска калдрма, а куќите главно, освен на Широк сокак, беа поедноставни со еден или два ката. Немаше моторни возила и таму радосни со весели игри го поминувавме денот. Тоа детство не само што не се заборава, туку станува и останува вдлабена трајна инспирација. Затоа подоцна кога почнав да цртам и со туш, а не само со молив и ќумурче, мотиви ми беа не само куќи и дуќани, туку и фурни и цели чикмаци, но, за жал, од сите тие имам зачувано само два цртежи кои ми се најдрагоцени затоа што ми ја чуваат мојата животна определба за уметноста. Инаку, Битола е градот во кој еве го поминувам целиот работен и животен век.

Во овие изминати 65 години творештво со неколкуте илјади создадени дела отворив над 40 самостојни изложби / Фотографија: Мерт Расим

Од основањето во 2005 година сте учесник и координатор на ликовната колонија „Де Ниро“. Каков предизвик за Вас е да се биде дел од колонијата „Де Ниро“?

– Кога ме повика Драги Филевски во неговата пицерија „Де Ниро“ во 2005 година и ми кажа дека планира да организира Меѓународна ликовна колонија, бев почестен што ја имав честа да го пренесам моето досегашно искуство од учество на повеќе ликовни колонии. Првиот собир беше во Спортско-рекреативниот центар „Стрежево“ над Нижополе, со учество на петнаесетина уметници. Темата беше слободна под мото „Моја слика – Моја вистина“, а со еден мултимедијален концепт како што продолживме еве и до оваа дваесетта година.

Впрочем, во сите овие години покрај активната творечка атмосфера во заедничкото ателје, на учесниците се настојуваше да им се обезбеди и пријатна другарска атмосфера, убаво расположение, разни средби со музичари, поети, актери, но и посета на знаменитости во Битола и во други наши градови, со цел тие да ја запознаат нашата земја, а убавите впечатоци и спомени како ликовни амбасадори да ги пренесат во своите татковини.

Инаку, точно е и покрај тоа што бев координатор, бев и рамноправен учесник и сликав со големо задоволство наоѓајќи се меѓу колегите од кои повеќето беа и со светска афирмација, а покрај македонските уметници, ги имаше од Америка, Кина, Бразил, Индија, Виетнам, Мексико, како и од повеќе европски земји.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 225, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот