Расте бројот на мигранти на западнобалканската рута и покрај короната

Мигранти / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Бројот на илегални мигранти кои влегуваат во ЕУ се намали под влијание на пандемијата и рестриктивните мерки за коронавирусот, а единствената европска рута за бегалци што забележа значително зголемување е преминот на Западен Балкан низ Србија, говори последната годишна анализа на ризик објавена од Фронтекс.

Во документот, пренесен од порталот „Балканска безбедносна мрежа“, се наведува дека во 2020 година е забележан нелегален влез на 125.226 лица преку границите на ЕУ, што е намалување за 13 проценти во споредба со 2019 година, кога беше регистриран илегален влез на 141.846 бегалци.

Добро познатите мигрантски маршрути од границите на Полска, Црното Море, источниот и западниот Медитеран, Албанија и Грција бележат драстичен пад на бројот на луѓе кои ги користеле за да стигнат до границите на Унијата.

„Западноафриканската, централно-медитеранската и западнобалканската рута, од друга страна, имаа регистрирано зголемување на бројот на бегалци. Во 2020 година, нешто помалку од 27.000 луѓе илегално преминаа од Србија во Унгарија, Хрватска и Романија, што е значително повеќе од минатата година кога преминаа околу 15.000,  наведува Фронтекс.

Во текстот се додава дека, за разлика од претходните години, кога најбројни мигранти во Србија беа од Авганистан и Пакистан, сега Сиријците се на прво место. Зад нив се Авганистанците и Ирачаните.

Анализата на Фронтекс сугерира дека зголемувањето на западнобалканската рута е последица на претходниот миграциски притисок врз рутата која поминува низ моравско – вардарската долина.

„Почетокот на пандемијата и воведувањето на рестриктивни мерки влијаеше на тој простор да се затекнат поголем број бегалци. Затоа, по релаксирањето на мерките, голем број луѓе побрзаа да го продолжат патот кон ЕУ во релативно краток временски период “, додаваат од таму.

Кога се гледа индивидуално, за разлика од претходниот период кога мигрантите претежно преминуваа во Унгарија, сега бројот на откриени мигранти кои се обиделе да ја преминат границата со некои превозни средства укажува на тоа дека насоката се движела кон Хрватска.

Она што останува неодредено е колку луѓе од Србија ја преминуваат Дрина до Босна и Херцеговина, бидејќи нема прецизна статистика за таа граница.

Според официјалните податоци, во Србија во моментов има нешто повеќе од 5.000 мигранти, а тие на нејзината територија остануваат во просек 23 дена.

Во својот извештај, Фронтекс проценува дека сегашната пандемиска криза ќе продолжи да влијае на интегрираната контрола на границите на Европската унија во 2021 година, во смисла на намален прилив на луѓе, но дека ефектите од миграциските текови, прекуграничниот криминал и тероризмот ќе продолжат да се чувствуваат.

„На среден рок, сите прекугранични предизвици со кои се соочува ЕУ ќе бараат заеднички одговор од владата, бидејќи граничните власти и безбедносните агенции се само дел од целиот процес и не можат сами да го решат проблемот“, се додава во текстот.

Извор: Бета

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот