Расцутеа онлајн трговијата, доставата на храна и банкарскиот сектор

Економската 2020 година, почна и заврши лошо, поради сеприсутниот страв од невидливиот непријател – коронавирусот. Најмногу настрадаа угостителските објекти, туризмот во целост, а кај речиси сите услужни дејности е забележан пад. Но, како што тоа секогаш се случува – „ако на многумина им се стемни, некому и му се раздени“. И ако се прави топ-листа на најдоходовните бизниси за 2020 година, првите две места се резервирани за онлајн трговијата и доставата на стока за широка потрошувачка и храна. Од друга страна, најпродаваните три производи во трговијата, според нашата мини анкета, се пижамите, велосипедите, телевизорите и компјутерите.

Со почетокот на ланската пролет се случи и „новата нормалност“ – принудно затворање и ограничување на движењето. Според последните објавени податоци за платежна статистика од Народна банка, растот на реализирани онлајн трансакции со домашни платежни картички кон домашни интернет продажни места изнесува 173 проценти. Во третиот квартал реализирани се 43,5 милиони евра кон домашните е-трговци, додека за првите девет месеци од 2020 година – 117,3 милиони евра, што е раст од 123 проценти споредено со 2019 година, кога вредноста изнесувала 52,7 милиони евра. Дека Македонците ги промениле навиките за време на пандемијата, говорат и резултатите од Анализата на е-трговијата, која ја спроведе Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Повеќе од 35 проценти од испитаниците купуваат во поголем обем, околу 20 проценти почнале да ги плаќаат сметките онлајн, а над 70 проценти се изјасниле дека ќе продолжат и по пандемијата, да купуваат онлајн во исто темпо. 

Освен онлајн трговијата, во кризата не поминаа лошо ниту банките, кои не само што ја задржаа добрата кондиција, туку во најголем дел остварија и позитивни финансиски резултати.

– Банкарскиот систем ја задржа стабилноста и отпорноста на шокови, во услови на продолжена и сè уште непредвидлива здравствена криза – оцени Советот на Народната банка во извештајот за ризиците во банкарскиот систем во третиот квартал од минатата година.

Податоците покажаа дека до ланскиот октомври, банките, имале поголема добивка, отколку истиот период 2019 година. Нивната добивка по оданочување на целиот банкарски сектор била 96 милиони евра, а во 2019 година, таа била помала за 2 милиони евра. Тука мора да спомене дека од април до октомври лани, банките на 70 отсто од своите клиенти им ја одложија наплатата на кредитите, заедно со каматите. Податоците од Народната банка покажуваат дека на 31 март 2020, додека банките нормално наплатувале рати и камати, нивната вкупна добивка била 18,4 милиони евра, а потоа, за наредните 6 месеци тие инкасирале уште 77,4 милиони евра.

Пандемијата ја испромовира и доставата на стоки за широка потрошувачка и храна, чии што нарачки од неколку десетици, лани скокнаа на повеќе стотици илјади. Ланската година беше особено значајна и за дигиталните агенции и сите бизниси кои работат преку интернет, а кои значително ги зголемија своите приходи. Меѓу нив секако е онлајн маркетингот, кој станува медиум, кој со годините дефинитивно ќе расте уште повеќе. Интернет-огласите се сѐ поприсутни, заради здравствените протоколи и заштитата на здравјето. Во тој контекст и изработката на веб-страниците се покажа како одлична идеја, бидејќи секојдневно никнуваат нови бизниси, па затоа ова станува сѐ побарана услуга.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот