Работодавачите бришат часови и ја злоупотребуваат неделата

Работници во текстилна фабрика / Фото: СП. архива

Според сегашниот Закон за работни односи, во неделата мора да има еден ден на неделен одмор, но тоа не мора да биде недела. Ако се работи во недела, ниту според законот, ниту според колективните договори, следува додаток на дневницата. Додатокот следува само за прекувремена работа, односно ако во текон на една седмица се работи повеќе од 40 часа.

Но, како што велат од Сојузот на синдикати на Македонија, контролата за тоа колку часа се работи во текот на една седмица е кај работодавачите, па и неделата, според нивните сознанија, често влегува во вкупниот неделен фонд од 40 часа работа и за неа не се плаќаат прекувремени часови.

– Работниците имаат електронска евиденција или пак се потпишуваат во книги за да се утврди колку часа работат во текот на неделата. Но, и едното и другото е во рацете на работодавачите. Имаме сознанија за менување на податоците, за бришење на часовите, но работниците не се осмелуваат за тоа јавно да зборуваат, а кога има електронско следење на работното време, тешко може и да се докаже дека работодавачите вршеле промени на податоци. Така, знаеме на кој начин се вршат манипулациите, но правдата не може да се истера на виделина. На пример, работодавачите ќе преправат дека место 8 часа во текот на денот, работниците работеле покусо и така ќе ја вклучат и неделата, па за тој ден, иако се работи прекувремено, нема да следува надоместок за прекувремена работа – објаснува за „Слободен печат“ Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

Дури и да мора да се работи во недела, ќе мора дополнително да се плати

Тој уверува дека сите заложби на Синдикатот се во насока на тоа новата регулатива, со која ќе се овозможи прогласувањето на недела за неработен ден, да стави крај на сите можни злоупотреби со неделата, односно неделата да биде неработен ден за сите, освен за строго дефинирани дејности, и тоа со дополнително плаќање.

– На средбите со Владата и со работодавачите инсистираме точно да се знае во кои дејности ќе може да се работи во недела. Сега се договоривме за 34 дејности и тие треба да влезат во законската регулатива. На тој начин треба да се оневозможат злоупотребите од работодавачите, односно да се работи само во оние дејности каде што навистина производниот процес, или, пак, потребите на општеството, тоа го бараат како неопходност. Но и дури да е неопходна работата во неделите, таа мора дополнително да биде платена – објаснува за „Слободен печат“ Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

Димовски вели дека нивното инсистирање е дополнителниот износ на дневницата да биде најмалку 50 проценти, и ако се работи во недела, тогаш слободен ден да биде сабота или понеделник.

– Инсистираме во Законот за работни односи да се прецизира дека тие што мора да работат во недела да имаат и додаток од 50 проценти на дневницата. Но, со колективни, со грански договори и со синдикални договори со работодавачите ќе се бориме тој процент да биде и поголем. Бидејќи поповолното право за работниците е важечко, таму каде што ќе успееме да го обезбедиме, тоа и ќе важи. Ако со општиот колективен договор за стопанството, кој мора да се менува со прогласувањето на недела за неработен ден, успееме да издејствуваме поголем процент, тој практично ќе важи за целото стопанство – вели Димовски.

Слободен простор во сегашниот закон

Во петокот имаше Економско-социјален совет, на кој се зборуваше за недела неработен ден. На овој совет, присуствуваат претставници на Владата, на работодавачите и на синдикатот. По состанокот, вицепремиерот Фатмир Битиќи изјави дека при крај е конципирањето на законското решение.

Но, додека не се донесе нов закон, во актуелниот Закон за работни односи пишува: „Работникот има право на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато“ и „Ден на неделен одмор по правило е недела или друг ден во неделата“.

Според Законот за работни односи е дефинирано и дека „полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно. Работната недела по правило трае пет работни дена“.

Во истиот закон се наведени и исклучоци: „Работникот е должен на барање на работодавачот да врши работа преку полното работно време (прекувремена работа): 1) во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата; 2) ако е потребно продолжување на деловниот или производниот процес; 3) ако е нужно да се отстрани оштетување на средствата за работа, што би предизвикало прекинување на работата; 4) ако е потребно да се обезбеди безбедност на луѓето и имотот, како и безбедноста на прометот и 5) во други случаи определени со закон или колективен договор“.

Во Колективниот договор за стопанството, пак, е наведено дека прекувремената работа се плаќа најмалку дополнителни 35 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот