Психолозите откриваат: Бесот ни помага полесно да ги завршиме потешките задачи

Фото: Pexels/Polina Zimmerman

Се вели дека „убавиот збор железни врати отвора“, но кога станува збор за решавање на комплицирани задачи, истражувачите откриле дека гневот може да биде и моќен мотиватор за успех, пишува „Гардијан“.

Резултатите добиени за време на неодамнешни експерименти укажуваат на тоа дека луѓето кои се лути имаат подобри резултати на низа предизвикувачки задачи од оние кои биле емоционално неутрални.

„Овие наоди покажуваат дека гневот ги зголемува напорите за постигнување на посакуваната цел, што често резултира со поголем успех“, вели авторката на студијата, д-р Хедер Ленч.

Студијата, објавена во „Џурнал оф персоналити енд соушал псајколоџи“, опишува како истражувачите од Универзитетот А&М во Тексас, САД спровеле експерименти во кои учествувале повеќе од илјада луѓе и ги анализирале податоците од анкетата која опфатила 1.400 луѓе, со цел да го истражи можното влијание на гневот врз луѓето во различни околности.

Во еден експеримент, на учениците им биле покажани слики за кои претходно било откриено дека предизвикуваат гнев, копнеж, смеа, тага или воопшто не предизвикуваат некоја посебна емоција. Потоа од учесниците било побарано да решат серија анаграми.

Резултатите откриле оние кои биле лути поминале подобро од оние кои биле во други емоционални состојби, иако не била забележана разлика при решавањето на лесните анаграми.

Фото: Pexels

Истражувачите велат дека единственото објаснување може да се сведе на врската помеѓу гневот и поголемата упорност, при што тимот открил дека оние кои биле лути поминале повеќе време на тешкиот сет на анаграми.

Во друг експеримент, учесниците кои биле лути биле подобри во избегнувањето на знамињата во видеоигра со скијање отколку оние кои беа неутрални или тажни.

Трет експеримент, пак, покажал дека гневот, во споредба со другите емоции, влијаел на фактот дека учесниците повеќе мамеле кога решавале задачи, додека друг експеримент открил дека гневот е поврзан со пократко време на реакција на задачата.

Дополнително, одговорите на анкетите од општите избори во САД во 2016 и 2020 година покажуваат дека луѓето кои биле полути поради хипотетичката победа на претседателски кандидат што не го поддржувале, имале поголема веројатност да гласаат на следните избори.

„Луѓето често претпочитаат да ги користат позитивните емоции како алатки наместо негативните и имаат тенденција да ги гледаат негативните емоции како непожелни и знак на неприлагодување“, забележува Ленч.

„Нашето истражување е само уште еден од бројните докази дека комбинацијата на позитивни и негативни емоции придонесува за подобри резултати и дека користењето на негативните емоции како алатка може да биде особено ефикасно во некои ситуации“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот