Првиот блок добива 5,5 отсто пониски сметки за струја, а пристап до мрежа од 200 денари ќе плаќаат и оние што штедат

Фото: Драган Митрески / Слободен печат.

Кај третиот блок, цената на струјата се зголемува за 2,88 отсто, а кај четвртиот блок зголемувањето на јануарските сметки ќе изнесува 1,86 отсто, објави претседателот на РКЕ

Цената на струјата за домаќинствата од први јануари 2024 година во првиот блок се намалува за 5,16 отсто, цената на евтината тарифа останува иста, кај вториот блок нема зголемување и кај двете тарифи. Кај третиот блок цената на струјата се зголемува за 2,88 отсто, а кај четвртиот блок зголемувањето на јануарските сметки ќе изнесува 1,86 отсто, објави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски. Во сметката за електрична енергија ќе има уште една ставка, за пристап до мрежа, која ќе ја плаќаат сите, трошеле или не струја, а која првенствено е наменета за сопствениците на викендици, станови или куќи кои не се во редовна употреба. Надоместокот за пристап до мрежа е 200 денари, соопшти Бислимоски.

-Сите потрошувачи, односно домаќинства ќе плаќаат 200 денари за пристап на мрежа. Дополнително потрошувачката на струја се намалува во земјата пред се поради поставувањето на фотоволтаици на домаќинства и компании. Не беше фер тој товар да го поднесат потрошувачите кои не поставиле фотоволтаици на своите кровови. Ова е правилен пристап според нашата институција – додаде Бислимоски.

Според Бислимоски, со новиот концепт пристап кон мрежа, се направила фер распределба на трошокот за мрежа меѓу редовните корисници и оние потрошувачи кои повремено ги користат објектите. Со примена на овој модел мрежарината се намалува за скоро 23 отсто.

-Доколку не се воведеше надоместок за пристап кон мрежа, цената на првиот блок ќе се зголемеше за 3,4 отсто, кај вториот блок зголемувањето ќе изнесуваше 8,62 отсто, кај третиот блок за 9,46 отсто, а кај четвртиот блок за 4,92 отсто. Ќе имаше зголемување на цената и кај евтината дневна тарифа за 15,42 отсто – изјави претседателот на РКЕ.

Бислимоски истакна дека РКЕ досега никогаш не одела спротивно на интересите на граѓаните, а така ќе биде и во иднина.

-Трет пат намалуваме цена на струјата во првиот блок, воведуваме евтина дневна тарифа, а имаме незначително поместување кај третиот и четвртиот блок. Нашите одлуки се базираат врз длабоки анализи – додаде тој.

Инаку, АД МЕПСО, Електродистрибуција и МЕМО побараа од РКЕ струјата од 1 јануари да поскапи 27 отсто, но можноста за толкав процент, Бислимоски ја исклучи кусо време по добивањето на барањата со најава дека ќе се анализираат пресметките. И министерот за економија Крешник Бектеши уверуваше дека струјата нема да поскапи од 1 јануари, бидејќи компаниите може да „побаруваат зголемување до 400 отсто“, што нема да биде прифатено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот