Првата дама на Украина си ја отвори душата за „Вог“: Тогаш последен пат го видов сопругот…

олена зеленска
Олена Зеленска / Фото: Принтскрин/Инстаграм/Vogue

Сопругата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Олена, во интервју за „Вог“ откри дека таа и нејзините деца биле испратени на безбедно неколку дена по руската инвазија на Украина, колку што е можно да се биде на безбедно во земја која секојдневно е угнетувана од крајот на февруари. Првата дама по кој ли знае кој пат го повика остатокот од светот да им помогне на Украинците, нагласувајќи колку е горда на своите храбри сонародници!

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Vogue (@voguemagazine)

Олена Зеленска откри како изгледал првиот ден од руската инвазија на Украина и дека последен пат го видела својот сопруг во кошула и костум.

„Многу добро се сеќавам на почетокот. Беше обичен работен ден и вечер… Децата се вратија од училиште, вообичаени домашни работи, се подготвуваа за следниот училишен ден… Бевме напнати. Многу се зборуваше за можна инвазија, но до последен момент беше невозможно да се поверува дека ќе се случи… Во 21 век? Во овој современ свет? Се разбудив некаде помеѓу 4 и 5 часот наутро од експлозија. Не сфатив веднаш дека станува збор за експлозија. Не знаев што може да биде. Мојот сопруг не беше во кревет, но кога станав го видов, веќе облечен, во костум како и обично (тоа беше последен пат кога го видов во костум и бела кошула – оттогаш е во војничка облека). „Почна“. Тоа е сè што рече. Не би рекла дека имаше паника. Можеби повеќе конфузијата. „Што ќе правиме со децата?“. „Чекај, ќе те известам. За секој случај спакувајте ги основните работи и документите“, рече и излезе од дома“, се присети Олена на тој страшен ден.

Олена и Володимир се родители на 9-годишниот син Кирило и 17-годишната ќерка Олександра. Олена признава дека немало потреба премногу да им објаснува на децата што се случува бидејќи како што вели „гледаат сè како и секое дете во Украина“.

„Тоа не е нешто што едно дете треба да го види, но децата се искрени и не можете ништо да сокриете од нив, а најдобрата стратегија е вистината. Многу разговараме затоа што треба да кажете што ве боли и да не го задржувате во себеси. Само тоа помага“, изјави таа.

Првата дама на Украина откри и како емотивно се справува со целата ситуација, но и како одржува контакт со сопругот.

„На почетокот немаше време за емоции. Беше неопходно да се грижам за децата и нивната емоционална состојба. Затоа се обидов да бидам самоуверена, насмеана, енергична, објаснувајќи им дека треба да се спуштат во подрумот и зошто не треба да го уклучат светлото. Се обидов оптимистички да одговорам на нивното прашање: „Кога ќе го видиме тато?“. „Наскоро“… Во првите денови, се надевав дека ќе можеме да останеме со него, но кабинетот на претседателот стана воен објект и мене и на моите деца ни беше забрането да останеме таму. Ни беше наредено да се преселиме на безбедно место – ако сега е можно да се најде безбедно место во Украина… Оттогаш, со Володимир комуницираме само по телефон“, раскажа таа.

 

И додека украинскиот претседател неуморно ги повикува и моли светските влади да заземат поцврст став против Русија, неговата сопруга го подига моралот на Украинците на социјалните мрежи, но и ја ангажира меѓународната заедница. Олена отвори канал на мрежата „Телеграм“ кој го користи за да обезбеди проверени информации за сите граѓани на Украина, а преку него Украинците можат да добијат совети како да се евакуираат, но и како да помогнат или да добијат психолошка помош. Иако се труди да биде силна заради семејството, но и заради сите Украинци, во интервјуто за „Вог“ откри кога и зошто заплакала за првпат.

„Тоа беше отприлика една недела по почетокот на војната, се јавив да дознаам каде се моите роднини и дали се живи. И во еден момент сфатив дека не знам дали некогаш повторно ќе ги видам ​моите најблиски! Веројатно тогаш за првпат се расплакав, првпат се ослободив од емоциите. Не можев да издржам. Секогаш ќе се сеќавам на моите познаници и пријатели, сите мажи и момчиња во воени униформи. Моите прекрасни пријателки, жени, кои беа толку кревки и елегантни во времето на мир и тоа што се во состојба да направат сега. Нивните приказни ме инспирираат. Јас сум толку горда на нив. И сонувам да ги видам повторно“, вели првата дама на Украина.

„Сакам сите луѓе во светот да разберат дека Украинките живееја мирен, модерен живот, како што живеат читателите на „Вог“ во секоја земја. Всушност, тие беа ваши читателки, бидејќи постои украинско издание на „Вог“. Тие не подготвуваа засолништа за бомби или ракетни напади. Но, од првите денови, откако руските проектили почнаа да рушат станбени згради во различни градови, стана јасно дека Русија нема милост за мирните животи. Сите Украинци престанаа да се чувствуваат безбедни. Моравме да научиме како брзо да ги собереме саканите на звукот на сирената и да се спуштиме во метрото или во најблискиот подрум. Жените мораа да ги напуштат окупираните градови како Буча и Хостомел, ризикувајќи ги своите животи со деца и стари лица, често пеш, без мажи, бидејќи окупаторите не ги пуштаат мажите. И сега, кога овие градови се ослободени, знаеме повеќе за тоа со што се соочиле украинските жени – целосна несигурност, насилство…“, раскажува таа.

„А колку жени останаа во сè уште окупираните градови Херсон, Мелитопол, Бердјанск? Не можам ни на моите роднини да им кажам што им се случува, бидејќи нема врска (со остатокот од светот). Во урнатините на Мариупол има десетици илјади жени со деца. А може само да се замисли низ каков кошмар минуваат барајќи храна веќе еден месец, бидејќи хуманитарна помош не е дозволена. Приближно четири милиони жени и деца мигрирале и сега се во други земји. А да се биде мигрант е тешко и психички и физички. Затоа што треба да почнете одново. Како е да се живее кога не можете ни да ја носите вашата лична облека? Како да му објасните на детето зошто не спие во својот кревет? Ова не би го посакале никому“, вели Олена Зеленска, која, исто како и нејзиниот сопруг, донесе одлука да остане во Украина со своите деца и покрај се.

Преку социјалните мрежи и медиумите таа испраќа јасни пораки до светот да дознае што точно се случува во нејзината земја.

„Сега живеам на ист начин како и другите Украинци. Сите имаме само една голема желба – мир. Јас, како и секоја мајка и жена, постојано се грижам за мојот сопруг и правам сè за да ги сочувам моите деца безбедни“, вели Зеленска, откривајќи дека нејзиното семејство и сите Украинци ѝ даваат надеж за подобро утре – „неверојатни луѓе кои се организираа како што би ѝ помагале на армијата, но и едни на други“.

„Сега сите Украинци се во војска. Секој прави што може. Има приказни за баби кои печеле леб за војската само затоа што го чувствуваат тој повик. Сакаат победата да ни биде што поблиску. Такви се Украинците. Сите се надеваме за нив. Се надеваме за себе“, вели украинската прва дама.

И што можат обичните граѓани ширум светот да направат за да им помогнат на Украинците?

„Главната работа е да не се навикнеме на војната – да не ја претвориме во статистика. Продолжете да протестирате, барајте од вашите влади да преземат акција. Украинците се исти како вас, но пред нешто повеќе од еден месец нашите животи се сменија од корен. Украинците не сакаа да ги напуштат своите домови. Повеќето од нашите луѓе веќе беа во странство, но не планираа да станат бегалци. Значи – третирајте ги како свои. Единственото нешто за што сонуваат овие мајки и деца е да се вратат дома, да го обединат семејството. Затоа помогнете им да се приспособат, ве молам – дома, на работа, на училиште – додека не се вратат“, емотивно посочи таа.

Олена Зеленска посочи дека секој во светот треба да знае дека Русија води огромна информативна војна на светската сцена. Секоја нивна информација треба да се третира со претпазливост и критичко размислување.

„Во последните денови видовме неколку проруски акции во Германија, Грција и други земји за поддршка на војната. Тоа го прават Русите. Нормален Русин треба да се срами од постапките на својата земја, злосторствата извршени од нивната армија. Никогаш не повикувам на насилство, но не смее да им се верува на оние кои ја поддржуваат војната“, вели Олена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот