Професорот, драматург и уметник од Берлин, Андреј Мирчев гостува на фестивалот „Крик“

Плакат за настанот во КСП „Центар-Јадро“

Во рамките на осмото издание на „Крик“ – фестивал за критичка култура, во организација на „Контрапункт“, годинава тематски насловено „Заробени во слободата“, на 25 јануари (четврток), во КСП „Центар-Јадро“, со почеток во 18 часот, Андреј Мирчев ќе одржи предавање проследено со дискусија на тема „Иконокластични изведби: Кон агонистичка политика на слики“.

– Фокусирајќи се на концептот на иконoкластична изведба, предавањето го обмислува мачниот однос помеѓу уметничките практики и современата политика обележана со неолиберална амнезија. Во контекст на тековните културни војни, актите на кршење на сликите означуваат субверзивни тактики за нарушување на циркулацијата на неофашистичките идеологии усогласени со територијалната логика на капитализмот, патријархалното и колонијалното насилство.

Во исто време, упорното уништување на социјалистичките споменици е едно од одлучувачките алатки на историскиот ревизионизам после падот на Берлинскиот ѕид. Деконструирајќи ги симболите и претставите на моќта, овие чинови го оспоруваат неолибералниот јавен простор изграден околу исклучувањето на Другоста, но може да доведат и до негово зацврстување. Во обид да се артикулира агонистичка политика на слики, ќе се испита двосмислената идеја за иконокластични изведби и ќе се фрли светло врз нивната естетска моќ за да ги изложи алтернативните модели на родова, расна и класно свесна субјективација – стои во најавата на настанот.

Андреј Мирчев е професор, драматург и визуелен уметник. Неговите истражувања се занимаваат со дијалектички трансфер помеѓу теоријата и практиката, а неговите интереси се просторната теорија и теоријата на изведба, интермедијалноста, меморијата и архивите.

Мирчев бил научен соработник во Меѓународниот истражувачки центар „Преплетување на културите на перформанс“ во Берлин. Предавал на Институтот за применети театарски студии во Гизен, на Универзитетот за уметност и дизајн (HfG) во Карлсруе и на Институтот за театарски студии ФУ Берлин. Во моментов е гостински професор на Универзитетот за уметности во Берлин.

Како и во последните неколку години, фестивалот за критичка култура „Крик“ и годинава ќе се одвива во неколку кластери низ годината, овојпат со тематски наслов „Заробени во слободата“.

– Низ разни теориски, уметнички и социјални практики ги испитуваме и ги истражуваме формите на рабните, субверзивни стратегии на алтернативните простори на слободата кои ќе стојат наспрема репресивните општествени и институционални форми кои го контролираат нашето слободно време, сфатено како време во кое ги остваруваме нашите императивни цели, поврзано со создавањето на општествени заедници кои се грижат за заедничкото добро, за зелените политики аплицирани во сите сегменти на заедницата и кои сакаат да ги редефинираат актуелните, капиталистички, „пазарни“ политички концепти кои безмилосно газат врз сѐ што треба да го создава емпатичниот, праведен и солидарен поредок – истакнуваат од „Крик“.

Постојани стратешки партнери на „Контрапункт“ и на „Крик“ се „МаМа“ од Загреб, „kuda.org“ од Нови Сад и „Култур трегер“ од Загреб. Графичкиот дизајн е на студиото „Кома“. „Контрапункт“ и фестивалот „Крик“ се поддржани од Министерството за култура на Северна Македонија, Гете институтот, Европската Унија преку проектите на програмите „Креативна Европа“, „Re-Imagine Europe“ и „Peripheral Visions“. Предавањето на Андреј Мирчев се реализира во соработка со КСП „Центар-Јадро“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот