Проектите „Тишина“ и „Варијации“ ќе бидат претставени во македонскиот КИЦ во Загреб

Пандора Апостолоска Саздовска и Сашо Саздовски

Визуелниот уметник Пандора Апостолоска Саздовска и скулпторот Сашо Саздовски од 18 до 25 октомври ќе имаат самостојна изложба во Македонскиот центар КИЦ во Загреб, Хрватска.

Визуелниот уметник Пандора Апостолоска Саздовска ќе се претстави со мултидисциплинарната инсталација „Тишина“. Монументалните дела имаат за цел да го претстават актуелното и ангажирано визуелно истражување на уметницата.

Нејзиниот проект ги истражува правата на имигрантите и го дефинира видот на уметност што се создава за да постои во одреден политички момент, со што се врши потенцијално политичко и општествено влијание врз самото уметничко дело.

Таа има развиено уникатно тело на уметност што се занимава со реалноста и сегашноста, а не со традиционалните начини на претставување. Овој пристап им овозможува на гледачите да искусат жива меморија на општествениот активизам, каде уметникот ги замаглува границите помеѓу уметноста и животот.

Целиот проект содржи длабок пост-концептуален пристап, со цел да се „разјасни“ дека уметноста понекогаш не мора да има значење сама по себе, туку да дејствува како столб на тековниот експеримент и дијалог во една поголема уметничка парадигма.

Како концептуален уметник, Пандора Апостолоска Саздовска го сведува материјалното присуство на делото на апсолутен минимум, создавајќи некаква „дематеријализација“ на уметноста. Спомените и личните приказни стануваат важен сегмент во нејзината работа. Инспирирана од секојдневната рутина, таа ги користи текстот и бројките за да изрази своевидна фрагментација на реалноста како критика на општеството во кое живееме.

Скулпторот Сашо Саздовски ќе се претстави со проектот „Варијации“. Проектот има за цел да ги презентира актуелните визуелни истражувања на авторот во скулптурата, паралелно со цртежот. Тој е дел од истражувачката серија на скулптури во кои авторот се обидува да ги спои природните материјали, како мермерот и гранитот, со вештачки добиените материјали создадени од човекот.

Во овој проект авторот инсистира на минималистичка, а сепак монументално конципирана форма и истражувањето на соодносите светло – темно, природно – вештачко, движење – спокојство. Неговите експерименти со различни медиуми се видливи и без оглед на нивната димензија тие имаат монументалност.

Делата на скулпторот Сашо Саздовски имаат за цел да го презентираат научно-истражувачкиот процес во кој авторот спојувајќи ги различните материјали се обидува да ја открие суштината на единство на спротивностите. Огромните, апстрактни димензии надвор од нашето разбирање секогаш ги поттикнуваат експериментите на уметникот во потрагата по сопствени, уникатни одговори. Постојаниот проток на енергија е доста провокативен во неговото континуирано патување низ скулптурата, стои во најавата на изложбата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот