Продолжува сослушувањето на лидерот на Златна зора во судот во Атина

Во салата за свечености во судот во Атина, денеска продолжува сослушувањето на лидерот на Златна зора, Никос Михалољакос, во рамките на судскиот процес што се води против партијата со обвинение дека станува збор за криминална организација.

Вчерашниот прв дел од сослушувањето заврши тензично, откако претседателката на судот го заврши рочиштето и следеа слогани и дофрлања меѓу поддржувачите на Златна зора и семејството и пријателите на убиениот музичар Павлос Фисас, а меѓу двете страни се најдоа фоторепортери и силно полициско обезбедување.

Мајката на убиениот Павлос Фисас, негови роднини и пријатели извикуваа „Убиец” кон Михалољакос, по што поддржувачите на Златна зора го скандираа нивниот партиски слоган „Крв, чест, Златна зора”, за веднаш да добијат одговор од другата страна “Павлос е жив, уништете ги нацистите”.

Специјалните полициски единици формираа два коридори, за двете страни да не дојдат во директен контакт и за да се избегнат инциденти.

Тензијата траеше кратко, по што двете страни, од различни излези ја напуштија судницата.

Првиот дел од сослушувањето на Михалољакос траеше три и пол час.

-Изјавувам дека сум невин за обвиненијата против мене, сметам дека станува збор за политички наместен случај од 25 години, рече Михалољакос, на почетокот од неговиот исказ што траеше 40 минути, по што одговори на десетици прашања од обвинителите.

Првиот човек на Златна зора кој е обвинет за формирање и управување со криминална организација, во неговиот исказ говореше и за моментот кога беше уапсен коментирајќи дека дошле маскирани лица со црни блиндирани автомобили “како да го апсат Бин Ладен”.

Ги негираше тврдењата дека се криминална организација, рече дека обвиненијата доаѓаат откако во 2012 започнал да се зголемува рејтингот на партијата, истакна дека се една обична партија на националисти, а не на нацисти.

За убиството на музичарот Павлос Фисас, Михалољакос неколку пати повтори дека тоа нема никаква врска со партијата.

-Вашата позиција е дека нема врска со партијата?, праша претседателката на судот.

-Да, секако дека нема врска со партијата, рече лидерот на Златна зора.

-Тогаш убиството со што е поврзано?, праша претседателката на судот.

-Со убиство на еден човек, убиен од друг човек, кусо одговори Михалољакос.

Вчерашното судско рочиште и сослушувањето на Михалољакос го следеа и голем број претставници на грчки и странски медиуми, а во судницата беа присутни над 50 новинари.

Паралелно со почетокот на рочиштето, пред судот, мирен протест одржаа антирасистички здруженија и организации.

Процесот против Златна зора го нарекуваа еден од најважните и најобемните судски процеси во современата грчка историја, започна пред повеќе од четири години, на 20 април 2015, а сега веќе влегува во последната, финална фаза.

До сега беа сослушани речиси сите поранешни пратеници од партијата, а последен е лидерот на Златна зора, Никос Михалољакос.

Вистинското лице на Златна зора, се откри по убиството на Фисас.

Неколку часа по полноќ на 18ти септември 2013та како бомба одекна во Грција веста дека 34 годишен маж е убиен во атинската населба Керацини – левичарски ориентираниот музичар Павлос Фисас до смрт беше прободен со нож од Јоргос Рупакиас, член и поддржувач на Златна зора.

Клопчето започна да се одмотува, полицијата ги извади сите стари предмети кои се однесуваат на расистички напади, ги провери телефонските разговорите на убиецот Рупакиас и откри поврзаност со членови, но и тогашни пратеници на неонацистичката партија. Грчката тајна служба до обвинителството достави листа со телефонски повици меѓу Златнозорците веднаш по убиството на Фисас. Постоела континуирана комуникација меѓу еден од уапсените пратеници, со одговорниот на штабот во кој доаѓал убиецот. Телефонските разговори ги демантираа тврдењата на челниците на Златна зора дека немаат никаква поврзаност со убиството и дека не го познаваат убиецот.

Златна зора од политичка партија стана криминална организација. Десет дена по убиството на Фисас, следеа апсење на пратеници, одредување мерка притвор и собирање докази за активностите на Златна зора. Обемниот судски предмет откри дека Златна зора од 1987 функционирала како воена структура, хиерархиски подредена според неонацистичките модели, а апсолутен лидер е претседателот Никос Михалољакос.

19 месеци по убиството на Павлос Фисас, инцидент кој ја прелеа чашата, ги симна маските и го покажа вистинското лице на Златна зора, на 20 април 2015 во специјално прилагодена просторија во атинскиот затвор Коридалос и под силно полициско обезбедување, започна судскиот процес.

Дел од поранешните пратеници на Златна зора, како и лидерот Никос Михалољакос, 18 месеци поминаа во притвор, откако беа обвинети за формирање, здружување и водење на криминалната организација, која како политичка партија во 2012 прв пат влезе во грчкиот парламент, нешто што не успеа да се повтори и на последните парламентарни избори.

Случајот со криминалните дела на Златна зора започна за време на владата на Нова демократија и ПАСОК со апсење на осомничените, продолжи со

почеток на судскиот процес за време на СИРИЗА, а ќе заврши сега, кога на власта е Нова демократија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот