Примариус Сузана Камберова, специјалист дерматолог: Габичното заболување на скалпот е честа инфекција, особено кај деца до 12 години

приватна архива

Габичните кожни инфекции се заразни заболувања, особено чести  во детската возраст. Габичките опфаќаат голем број на видови/одделни причинители, а оние кои предизвикуваат заболувања на кожата и нејзините аднекси (влакна, нокти) се нарекуваат дерматофити.

Како доаѓа до појава на оваа инфекција

Тоа значи дека овие габички може да предизвикаат болест на делот од кожата прекриен со влакна (косматиот дел на главата) или на  т.н. „голата“ кожа, или онаа каде нема долги терминални влакна (тело, раце, нозе ). Најчесто се случува, доколку габичната инфекција зафати регија со влакна, инфекцијата да навлезе нешто подлабоко во кожата и да биде потешка за лекување, додека на останатиот дел од телото, инфекцијата вообичаено е поповршна и поедноставна за третман. Се разбира, секогаш постојат исклучоци, па така и површинската инфекција со габички, под одредени услови, може да навлезе подлабоко и да биде „отпорна“ на конвенционалните третмани.

Габичното заболување на скалпот е честа инфекција, особено во возрасна група деца до 12 години. Причинета е од неколку вида на габички. Некои причинители почесто се поврзани со одредени географски подрачја, и важен е и податокот дека дел од нив  можат да се најдат како причинители на болест кај домашните миленичиња (кучиња или мачки) или кај стоката во руралните средини.  Директен допир/контакт со заразено домашно милениче е еден од најчестите  патишта на ширење на заболувањето. Понекогаш заболувањето кај заразеното животно може да се манифестира со промена на бојата на влакната/крзното на местата зафатени со инфекција. Секако, во ваков случај потребна е консултација со ветеринар.

Како се манифестира

На заболеното место, кај децата, најчесто се јавува губиток на косата (на едно место или на повеќе помали жаришта, во зависност од проширеноста на инфекцијата). Влакната може да се „поткршени“ на неколку милиметри од коренот на главата или сосема да отпаднат во прамени. Се јавува и црвенило, јадеж и формирање на лушпи и крусти.

Доколку инфекцијата земе замав (не се лекува навреме), може да се појави и поизразено воспаление, кое се манифестира со поголеми „јазли“ на местото на инфекцијата, кои се отечени, црвени, воспалени, болни и често од нив се цеди гној. Детето може да има и температура, да се чувствува малаксано, да се  појават отечени лимфни јазли во регијата на вратот, и друго. Во ваквиот воспален јазол косата отпаѓа. Сѐ се тоа симптоми на посериозен стадиум на инфекцијата, кога секако е неопходно да се консултира специјалист. Овие промени се  познати под името „керион“ и често се манифестираат кога детето се заразило со габичниот причинител од  болно животно, односно, кога се работи за т.н. „зоофилен“ тип на габичка, која човечкиот организам ја доживува како потуѓа од  т.н. „антропофилни“ (човечки) типови на габички, па кон таа инфекција развива посилна имуна одбрана, а тоа носи и поманифестни знаци на воспаление.

Дијагностика и лекување

Длабоките габични воспаленија, како оваа погоре опишаната, се докажуваат со откривање на причинителот под микроскоп (се зема брис од воспаленото место) и со засевање на материјал (гној или слично) на одредена култура, во специјализирана лабораторија. Откако на овој начин се потврдува  присуството на габичката, се пристапува кон лекување, најчесто со одредени медикаменти кои се нарекуваат „антимикотици“ и кои се земаат по орален пат (се пијат) додека мачкање на соодветни масти или употреба на антимикотични шампони, ни служи како дополнение на терапијата.

Доколку се работи за поблаг причинител и поповршна габична инфекција, најчесто на телото, таа се манифестира во почетокот во вид на црвени точкасти дамки или гнојанчиња, кои постепено се шират сѐ повеќе и повеќе, формирајќи најчесто правилни кругови. Промените изгладаат прстеновидно-најнагласен им е работ, кој е и лесно издигнат од околната кожа, на него се гледаат ситни лушпи, додека центарот на промената бледее и станува посветол. Понекогаш може да се појават неколку прстени еден во друг (како концентрични кругови).

Доколку се остави нелекувана и оваа инфекција сѐ повеќе ќе се шири и ќе се формираат нови и нови жаришта со самозаразување. Соседните кругови, растејќи, ќе се доближат еден  до друг и ќе се спојат, формирајќи  полициклични форми со необичен изглед.

Во почетокот на заболувањето, доколку во некој од стадиумите на развој не се препознае габичната инфекција, туку погрешно се заклучи  дека се работи за контактна алергија, и се започне третман со локални кремови со кортикостероиди, тоа само ќе ја „маскира“ вистинската слика на болеста, благо ќе ја залечи, односно ќе ѝ ги ублажи видливите карактеристики и симптоми, и ќе ѝ овозможи да навлезе подлабоко во кожата и да настане покомплицирана форма на болеста, која е мошне тешка  за лекување. Затоа, секогаш треба да се исклучи можноста за габична инфекција,  уште на почетокот на лекувањето на болестите кои може да изгледаат клинички слично.

Терапијата на поповршните форми на габичните заболувања, кои не се комплицирани, вообичаено се спроведува со употреба само на локални антимикотични препарати. Лекувањето секогаш трае подолго, во просек неколку недели, и продолжува и 10-тина дена по исчезнување на видливите симптоми на кожата. За тоа време заболениот треба исклучиво да има посебен прибор за лична хигиена (крпа, чешел, четка, перница, капа). Треба секако и да се отстрани изворот на заболувањето, за истото да не се повтори, а доколку  се работи за домашно милениче, тоа да се лекува кај ветеринар.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот