Презентирана студија за одржливо управување со биоразградлив отпад во Вардарски плански регион

Фото: МИА

Студија за одржливо управување со винскиот и друг биоразградлив отпад во Вардарски плански регион беше презентирана денеска во Велес, во рамки на проектот „Биореал”. Студијата ја изработи ЕПИ Центар Интернационал, во рамки на проектот од ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Грција, а за потребите на ЈКП „Дервен” од Велес.

Целта на овој проект е преку јавно приватно партнерство да се изградат централи на гас кои ќе работат на био гориво-биомаса, со што отпадoт од депониите, свињарски фарми и земјоделието, наместо бескорисно да скапува и да ја загадува животната средина, ќе се искористи за добивање електична енергија, од која корист ќе имаат и општините и комуналите претпријатија и приватните инвеститори. Инвестицијата за центарали на гас би чинела од 2.400.000 до 2.700.000 евра, со тоа што очекуваниот поврат на средства да биде од 7.9 до 9,9 години, со годишна добивка од 267.199 до 298.230 евра.

Како што појасни за МИА, Христијан Станоевиќ од Епи Центар Интернационал, главната цел на оваа студија е да им се укаже на Јавните комунални претпријатија од Вардарскиот регион и Општините, како може да биде третиран и искористен органскиот отпад.

– Проектот им нуди на надлежните, односно општините од Вардарсиот плански регион и ЈКП во соработка со јавно приватно партнерство можност овој органски отпад кој сега бескорисно скапува по депониите и ја загадува животната средина да биде искористен како енергетски извор за производство на електрична енергија или топлина, како и можност за користење на повластени тарифи за користење на алтернативни извори на енергија – информира Станоевиќ.

Тамара Тодоровска координатор на проектот, за потенцира дека понудените решенија се во насока на систематско искористување на овој специфичен органски отпад со главен фокус на намалување на еколошкиот притисок и овозможување на порационално искористување на ресурсите.

Тодоровска врз основа на податоците даде осврт на моменталната ситуација во комуналниот сектор и ги посочи причините за несоодветно третирање и менаџирање со органскиот отпад на депониите.

Во рамки на проектот, изготвувачите понудија интегрирани технолошки решенија во насока на генерално модернизирање на системот за управување со органски отпад.

– Придобивките од проектот се повеќекратни: ќе се овозможи интегриран систем за управување со отпад и управување со достапниот биоразградлив отпад, обезбедување на економски ресурси за развој преку зелени инвестиции, заштита на водните ресурси, животната средина и јавното здравје и промоција на нови алатки, техники и методи за третирање на отпадот, појасни Тодоровска.

За работење на централа на гас преку органски отпад според оваа студија на годишно ниво потребни се: 20 илјади тони свинско течно ѓубре, 1.400 тони ресторански отпад, 600 тони годишно од вински отпад-комиње, 9.000 тони годишно тревна силажа, биоразградлив комунален отпад. Инсталираната моќност на централата би бил 560 киловати, а производството на електрична енергија 4.525 мега вати часа годишно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот