Преводот на книжевност за деца е во фокус на конференцијата на издавачи „Млади европски приказни“ во Охрид

Книжевен превод од проектот на „Чудна шума“

Во рамки на проектот „Млади европски приказни / Young European Stories“ на издавачката куќа „Чудна шума“, од 24 до 28 август во Охрид се одржува конференција на европски издавачи – партнери и учесници во проектот.

Конференцијата се одржува под мотото „Кажи ДА за добра книга“ (кое е мото и на целиот проект „Млади европски приказни“), а учесници, покрај „Чудна шума“, се партнерите-издавачи од проектот „Мителдојчер ферлаг“ од Германија, „Ибис графика“ од Хрватска, „Одисеја“ од Србија и издавачката куќа „Гаврош“ од Македонија, како и агентот за литературни преводи од Литванија, Бенас Берантас.

На конференцијата, која се одржува од 24 до 28 август во Охрид, издавачите ќе споделат искуства од својата работа и предизвиците со кои се соочуваат помалите, квалитетни и некомерцијални издавачи во Европа и пошироко, како и потребата за вмрежување, заедничка соработка и можностите за проширување на соработката во иднина. Посебен акцент на конференцијата ќе се стави на можностите за превод на квалитетна дела од помали јазици на поголемите книжевни пазари, како Германија, Италија, Франција, Шпанија, Велика Британија…

Главната уредничка на „Чудна шума“, Билјана С. Црвенковска, истакнува дека: „Ова е веројатно прв проект за превод и циркулација на европски дела во македонското издаваштво каде гледаме вмрежување на повеќе издавачи – не само од регионот, туку и од Европа – и каде носителот на проектот е македонски издавач. Горди сме што успеавме да се соединиме, да оствариме соработка со овие одлични издавачи и што правиме и идни планови и продолжуваме со соработката. Веќе имаме и втор заеднички проект на повидок, проект кој ќе биде и поширок и пообемен од овој и ќе започне следната година. Сево ова, секако, немаше да биде можно без поддршката која ја добиваме од програмата ’Креативна Европа‘ на Европската Унија, но и безрезервната поддршка и помош која ни ја пружија поискусните партнери во проектот и без нив, верувам, немаше да бидеме толку успешни.“

„Млади европски приказни / Young European Stories“ е тригодишен проект за превод, објавување и промоција на европски книжевни дела за деца и млади.

Во рамки на проектот ќе бидат преведени и објавени 14 книжевни дела за млади читатели од различни возрасти, од деца од предучилишна возраст, па сѐ до тинејџери од 16 до 19 години. Книгите се преведуваат од холандски, унгарски, хрватски, германски, норвешки, шведски, словенечки, турски и романски на македонски јазик, како и од македонски на хрватски и германски јазик.

Книжевните преводи ги прават искусни и наградувани книжевни преведувачи: Дарко Спасов од словенечки, Ели Пујовска од холандски, Лидија Димковска од романски, Златко Панзов од унгарски, Родна Русковска од шведски, Калиопа Петрушевска од хрватски, Ксенија Чочкова од германски, Искра Бадева од норвешки и Васко Марковски од турски на македонски јазик, како и Корнелија Маркс од македонски на германски и Магдалена Кукиќ од македонски на хрватски јазик.

Сите книги кои ќе бидат преведени во рамки на проектот се дела за деца и млади што обработуваат значајни теми. Сликовниците, наменети за деца за предучилишна возраст, обработуваат теми како прифаќање на различностите и инклузивност, миграцијата, справување со траума и губиток, подигање на свесноста за грижата за животната средина и за климатските промени; слични теми обработуваат и романите за деца од предтинејџерска возраст, додека книгите за млади дополнително обработуваат и теми за родовата еднаквост, сексуалноста и проблемите со кои се соочуваат младите луѓе во современиот свет.

Превод на „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ на германски јазик

Досега, во рамки на проектот се објавени две книги – сликовницата „Каде е мојот дом“ на турската авторка и илустраторка Сезен Аксу Ташјурек – превод на Васко Марковски од турски на македонски јазик (издание на „Чудна шума“), која на најмладите читатели им ја посочува опасноста од климатските промени и како тие влијаат на околината и на животинскиот свет; и илустрираниот роман за деца на Билјана С. Црвенковска со илустрации на Нита Муча „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ („Stella Dark“) – превод од македонски на германски на Корнелија Маркс (издание на „Мителдојчер ферлаг“). Набргу се очекува и хрватското издание на книгата „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“.

– До крајот на 2025 година ќе имаме многу креативни работилници, читања, промоции, фестивали, гостувања на автори, илустратори и преведувачи, трибини и дебати, конференции и дружења, активности за поттикнување на читачките навики, но пред сѐ – ќе имаме многу убави книги кои обработуваат значајни теми – преведени на повеќе јазици и достапни за младата читателска публика. Особено сме горди и на тоа дека годинава го организиравме фестивалот „Млади европски приказни, млади креативци“, кој е посветен на книжевноста за деца и на детската креативност – истакнува Билјана С. Црвенковска.

Проектот е кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот