Претставници на Владата и на Светска Банка дискутираа за примената на Стратегијата за развој на човечкиот капитал

Министрите за финансии, за труд и социјална политика и за образование и наука, Фатмир Бесими, Јагода Шахпаска и Мила Царовска, како и претставници од канцеларијата на претседателот на Владата и од Министерството за здравство одржаа онлајн состанок со директорот на Светска банка за Северна Македонија, Масимилијано Паолучи и експертски тим на Светската банка.

На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, се дискутираше за начинот на отпочнување на „Стратегија за развој на човечкиот капитал”, како еден од приоритетите на Владата, особено во пост ковид периодот. Беше истакнато дека човечкиот капитал е исклучително важен за секоја земја и вложувањето во истиот треба да биде одговорност за секоја Влада, но и пошироко, да постои општоприфатен консензус за структурните реформи во оваа област.

Инвестициите во човечки капитал се во центарот на „Стратегијата за раст и развој”, истакна министерот за финансии Бесими и посочи дека инвестирањето во човечкиот капитал е еден од столбовите на кои се заснова „Стратегијата за ревитализирање и паметен раст (Smarter Growth)”, со која ќе се постигне забрзување на економскиот раст на среден рок, а воедно ќе се постигне негова одржливост.

– Од исклучително значење е создавање и промовирање на еднакви можности, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образованието, науката и здравството, поттикнување на поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување. Со вложување во човечкиот капитал и паралелно дејствување кон заздравување од ковид кризата, поттикнување на одржлив и инклузивен раст и подобрување на конкурентноста на приватниот сектор, стапките на економски раст кои порано се движеле од два до 2,5 отсто, на среден рок можат да достигнат четири до пет отсто, посочи Бесими.

Министерката Шахпаска истакна дека Министерство за труд и социјална политика ги адресира предизвиците на ранливите категории на граѓани, особено во услови на пандемија.

– Имавме можност да ја тестираме социјалната реформа донесена 2019 година и нејзината успешност и првите резултати ги видовме за време на кризата. Тоа искуство ни потврди дека сме на вистинскиот пат во правењето промени во општеството, преку поддршката на ранливите категории на граѓани. Имавме одлична соработка со Светска банка во делот на предучилишното образование и воспитување, социјално ранливите категории, младите лица, но и во поддршката на старите лица преку социјалните услуги, посочи Шахпаска.

Министерката Царовска посочи дека образованието е клучно во градење на човечкиот капитал.

 

Преку образовниот процес создаваме идни генерации кои треба да го градат, водат и развиваат нашето општество. Образованието е основа за создавање на квалитетен човечки потенцијал и Министерството за образование и наука и државата постојано ќе вложува во него, рече Царовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот