Претставата „Мојот маж“ на Драмски театар Скопје учествува на фестивалот РУТА во Хрватска

Претстава „Мојот маж“ / Фотографија: Кире Галевски

Во организација на Театарот „Улисис“ на Бриони, Хрватска, се одржува летното издание на Регионалниот театарски фестивал РУТА. Гостувањето на членките од Регионалната унија на театри се реализира со изведба на претстави во рамките на фестивалската програма на театарско-музички проект на тимот на познатиот актер Раде Шербеџија, уметничката директорка Ленка Удовички и директорот Душко Љуштина.

На фестивалот настапуваат познати теататски куќи и музичари од десетина земји. Драмски театар Скопје со претставата „Мојот маж“ гостува в среда, на 30 август, во Хрватска.

Претставата „Мојот маж“ е колаж од расказите на Румена Бужаровска и авторски монолози. Режисер е Нела Витошевиќ, драматург е Викторија Рангелова – Петровска. Драматизацијата е на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова – Петровска. Костимограф на претставата е Роза Трајческа – Ристовска, сценограф Костантин Трпеноски и асистент сценограф е Моника Ангелевска. Музиката е избор на Нела Витошевиќ.

Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Сара Климоска, Сања Арсовска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева – Вељиќ, Игор Ангелов, Исмет Шабановиќ и Филип Трајковиќ.

Во рамките на фестивалот РУТА, со изведбата на претставата „Мојот маж“, Драмски театар досега гостуваше во Словенија на сцената на Местно гледалишче Љубљана во 2022 година и во Црна Гора на сцената на Градско позориште Подгорица во април годинава, каде имаше извонреден прием кај публика.

Претстава „Мојот маж“ / Фотографија: Кире Галевски

Претставата „Мојот маж“ на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во 2022 година освои пет фестивалски награди. Премиерата на „Мојот маж“ беше во февруари 2020 година, и досега имаше 26 изведби.

Есенското издание на фестивалот РУТА ќе се одржи во Скопје во организација на Драмски театар од 3 до 8 октомври. Македонската публика ќе има можност во ревијалната фестивалска недела да проследи шест претстави од водечките театри во регионот, членки на Регионалната унија на театри – РУТА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот