Претставата „Како ќе го делиме мачорот“ ги отвора табу-темите поврзани со разводот

Претстава „Како ќе го делиме мачорот“ во ТДМ / Фотографија: Емил Петро

На младинската сцена на Театар за деца и младинци – Скопје, на 22 ноември 2023 година, во 20 часот, ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Како ќе го делиме мачорот“ по текст и во режија на Јане Спасиќ.

Режисерот Јане Спасиќ, инспириран од романите на познатата авторка за деца и млади, Џуди Блум, го пишува текстот „Како ќе го делиме мачорот?“, кој како и во нејзините книги, искрено ја отвора и согледува темата на развод во една фамилија и она низ што минуваат децата и родителите во тој процес.

– Непристрасно, смело, но и нежно, оваа претстава ги отвора табу-темите и ги прикажува повеќето стравови на децата и родителите, и притоа ги поставува вообичаените прашања, перспективи и дилеми на секој развод. На тој начин искрено и отворено ги раскажува премолчените разговори при овој тежок процес – стои во најавата на претставата.

Преку приказната за разводот на фамилијата Неделковски, претставата е како „отворен разговор“ за сите деца и млади кои го минуваат или го минале овој процес, но и поттик за родителите да ја разберат нивната позиција и потреби. Од друга страна таа, на еден свој начин е „другар“ на сите кои минале низ ова, едно место каде се одвиваат сите потиснати разговори, но и „прирачник“ за однесување за сите најблиски пријатели, другари и останати членови на семејството, кои сведочат за развод на своите ближни.

Дизајнот на постерот е на Матеја Николиќ

Иако, се занимава со една тешка тема претставата, релативно лесно, „шета“ по сите потиснати и скриени катчиња на една фамилија во развод, а со тоа прикажува многу светла на краевите на повеќе тунели, понудувајќи повеќе убави исходи, отколку лоши.

Во претставата играат Драган Довлев, Ана Левајковиќ Бошков, Матеа Јанковска, Никола Наковски, Ангела Димитрова, Ненад Митевски и Марија Ѓорѓијовска. Автор на текстот, драматизацијата и режијата е Јане Спасиќ, сценографијата е на Кирил Василев, а костимограф е Бранкица Јордановска. Првата реприза е закажана за 28 ноември 2023 (вторник), од 20 часот, известија од НУ Театар за деца и младинци – Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот