Претставата „Галеб“ на Турскиот театар гостува на фестивалот „Охридско лето“

Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, на 27 јули ќе биде изведена претставата „Галеб“ од Чехов во режија на Нела Витошевиќ, а поставена на сцената на Турскиот театар од Скопје.

„Станува збор за претстава за несреќни љубови, за нереализирани амбиции, за мазохистичката потреба човекот да го осознае страдањето, да се држи до и да ужива во него“, посочува селекторката на драмската програма, Сања Арсовска.

Во претставата играат Несрин Таир, Хакан Даци, Осман Али, Џенап Самет, Стефанија Начевска, Сузан Акбелге, Ебру Мусли, Селпин Керим, Метин Ибрахим и Неат Али.

Драматург е Викторија Рангелова, сценографијата е на Костантин Трпеноски, а костимографијата на Роза Трајчевска-Ристоска.

– „Галеб“ е драма која зборува за театарот и љубовта. Во ова култно дело, Чехов на трагикомичен начин ни ја пренесува атмосферата за минливоста на животот, во која се испреплетува синџир од ликови со промашени животи, со несреќни судбини, невозвратени љубови, ставени во животни околности со кои не можат или не знаат да се справат.

Во претставата ние се обидовме да навлеземе длабоко во тие ликови и да направиме едно современо видување на „Галеб“ и отворивме две важни теми: конфликтот помеѓу две генерации (постара и помлада) и последиците од невозвратената љубов.

Ставивме акцент и на проблемот на тоа како постарите генерации играат улога во кршењето на соништата на помладите и како го убиваат детето во нас. Оваа драма ја сакам уште од моите студентски денови и сите заедно ја сработивме со голем мерак – истакнува режисерката Нела Витошевиќ.

Претставата трае два часа и не се препорачува за лица помлади од 16 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот