Претставата „Драма изгубена во времето“ е простор каде се преплетуваат различни перспективи и стварности

Сцена од претставата „Драма изгубена во времето“

На сцената на Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, во рамките на редовниот репертоар, на 21 декември, во 20 часот, ќе биде изведена претставата „Драма изгубена во времето“ на текст на Сашко Насев и во режија на Деан Дамјановски.

Во претставата играат Талија Настова во ликот на Таа, актерка на зрели години, и Самоил Стојановски како Тој, искусен актер. Сценографијата за претставата ја дизајнираше Филип Коруновски, видеодизајнот и фотографијата се на Данчо Стефков, аудиодизајнот е на Сашко Костов, а дизајнот на светло е на Марјан Тодоровски. Премиерата на претставата се одржа на 10 ноември 2023 во Велешкиот театар.

„Драма изгубена во времето“ е едно од последните драмски дела на Насев, работена според мотиви од расказот „Темносино, речиси црно“ на грчкиот писател Танасис Валтимос, но и според мотиви од други домашни и странски дела. Оваа драма претставува колаж од теми кои се концентрирани околу единствените два лика – ликот на Таа и Тој, двајца актери кои во текот на дејството се навраќаат на своите професионални и приватни животи. Во оваа игра на реминисценции се бришат границите меѓу реалноста и сценскиот живот и читателот често не знае дали ликовите се играат себеси или играат други ликови.

Насев тоа го многу умешно го прави преку нијансираните и зачудни ликови, неочекуваните пресврти, вештиот дијалог, како и преку употребата на средства од медиумот на филмот. Крајниот резултат е една современа драма во која театарската сцена е претставена како место на кое се преплетуваат различни перспективи и стварности, актери и нивните ликови и каде се слави животот во целата негова комплексност и убавина.

Сцена од претставата „Драма изгубена во времето“

Претставата „Драма изгубена во времето“ тргнува токму од таа „колажност“ на темите во текстот и ја развива во еден недефиниран простор кој може да биде театарска сцена, работната соба на писателот, неговата глава… Темите во претставата, организирани како во своевиден лавиринт, се преплетуваат околу прашањата – Што е стварноста, а што театарот? Каде завршува едното, а почнува другото? Колку е стварна стварноста?

– Ваквата структура на лавиринт, кој има само влезови, но не и излез, која само поставува прашања, но не дава одговори, е изградена со средствата на актерската игра, театарскиот, како и филмскиот медиум. Комбинирани заедно тие создаваат напната атмосфера на чекање – чекање да дознаеме нешто, чекање да заврши претставата, драмата, животот… – истакнува режисерот Деан Дамјановски.

Претставата „Драма изгубена во времето“ зборува за релативноста на односот помеѓу стварноста, паметењето и означувањето – помеѓу слученото, запишаното и одиграното. Таа зборува за невозможноста да се достигне Вистината и да се запознае Стварноста, што, од една страна е поразително сознание, но, од друга, толку многу инспиративно.

Сцена од претставата „Драма изгубена во времето“

Сашко Насев е еден од најплодните македонски драмски автори. Меѓу неговите најпознати дела се вбројуваат драмите „Грев или шприцер“, „Чија си“, „Женски оркестар“ (1 и 2), „Доле влада“, „Магдо, љубов моја“, кои се преведени на повеќе јазици и кои се играни над стотина пати на сцените во Македонија и надвор од неа.

Насев е автор на неколку филмски сценарија, меѓу кои и на сценариото за филмот „Самоуништување“ со незаборавниот лик „Чичко Кумплунг“. Автор е и на сценаријата за ТВ сериите „Бумбари“ и сега актуелната „Црвениот поет“. Сашко Насев е професор на Факултетот за драмски уметности на катедрата за Драматургија и филмско сценарио.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот