Претседателот на Австрија за истрагата за Курц: Она што го гледаме е владина криза, но не и државна

Австрискиот претседател Александар Ван дер Белен / Фото: EPA-EFE/FILIP SINGER / POOL

Австрискиот претседател Александар Ван дер Белен вечерва им се обрати на граѓаните во врска со истрагата на обвинителството за проневера и поткуп, во која е вклучен и канцеларот Себастијан Курц, нагласувајќи дека ова е криза на Владата, а не на државна.

– Она што го гледаме е владина криза, но не и државна криза. Државата и нејзината администрација функционираат, и тоа може да се види. Основите на владеењето на правото се недопрени, поделбата на власта функционира и тоа се покажа изминатите денови, а така ќе биде и во иднина, објасни тој.

Ван дер Белен потсети дека секогаш ќе им се обраќа на граѓаните во тешки времиња и транспарентно ќе ги информира за ситуацијата.

Тој им порача на граѓаните дека во средата наутро, сите во земјата биле сведоци на необичен настан.

– Беа извршени претреси, па така и на кабинетот на канцеларот. Обвинителството води истрага и за канцеларот. Се работи за сериозни обвинувања – проневера и поткуп. Задача на судството е да ги испита сите сомнежи. Не знаеме дали оваа истрага ќе доведе до обвинение, и дотогаш ќе преовладува презумпцијата на невиност, објасни претседателот на Австрија.

Ван дер Белен рече дека се гледа нешто што не е добро за демократијата и може да се слушне и тон на непочитување кон луѓето и институциите.

– Имам различни очекувања од политички одговорни луѓе. Секој човек е невин додека не биде осуден, рече тој.

Ван дер Белен посочи дека во исто време, граѓаните имаат право на функционална влада.

– Се соочуваме пред тешки задачи, како што е надминување на пандемијата, усвојување буџетски насоки за борба против климатските промени. Ефективноста на владата сега е доведена во прашање, рече тој и додаде дека разговарал со парламентарните партии, за да добие слика за состојбата и довербата што владее или не владее меѓу нив.

– Во оваа фаза, важно е сите луѓе прво да размислуваат за државата, а партиските интереси мора да бидат потиснати. Австрија не може да си дозволи себичност. Апелирам до сите страни, особено сега, да не размислуваат за тоа што можат да извлечат во нивна корист на краток рок, туку за она што и треба на Австрија, подвлече тој.

Ван Дер Белен истакна дека во вторникот опозициските партии најавија поднесување барање за гласање доверба на владата.

– Пратениците ќе разгледаат и ќе донесат одлука за тоа како ќе постапат понатаму во земјата. Свикана е вонредна седница, а парламентот ве претставува вас. Очекувам дека пратениците ќе постапат во ваш интерес, да донесат правилни одлуки. Што ќе донесат наредните денови не може да се каже сега, и тоа е предмет на дискусија меѓу партиите. Како претседател, нема да давам јавни совети, но морам да се грижам за тоа секогаш да постои стабилна влада и ќе продолжам да го правам тоа. Ќе пазам ефективноста и интегритетот на сите институции да бидат обезбедени. Ќе се грижам со сите расположливи средства и ветувам дека во наредните денови секогаш ќе гледам на целината, пред сè на благосостојбата на нашата татковина, дека се почитуваат основите на соживотот и оти земјата останува во рамнотежа, рече тој.

Австрискиот претседател подвлече дека сигурно нема да се случи Република да биде исфрлена од рамнотежа.

 

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот