Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

„Предавници“, „шугави медиуми“, „џган“: Функционери од партијата на Вучиќ навредиле новинари 141 пат во септември

Фондацијата „Славко Ќурувија“ наведува дека меѓу функционерите, кои упатиле најмногу вербални напади врз новинари и медиуми во септември, се и самиот српски претседател Александар Вучиќ и претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ.

Фондацијата „Славко Ќурувија“ соопшти дека во септември регистрирала 141 вербален напад од страна на државни функционери и пратеници на Српската напредна партија (СНС) врз критички медиуми и новинари, што е, како што се наведува, четирипати повеќе во однос на август, објави „Н1“.

Според податоците на таа фондација, најактивни претставници на власта во вербалните напади врз медиумите и новинарите во септември биле пратеникот на СНС Небојша Бакарец (38 напади), шефот на пратеничката група на СНС во Собранието на Србија Миленко Јованов (33 напади), српскиот претседател Александар Вучиќ (19 напади), претседателката на парламентот Ана Брнабиќ (17 напади) и пратеникот на СНС Владимир Ѓукановиќ (11 напади).

„Доминантните наративи што се користеа во овие напади претставуваат обиди за дехуманизација, етикетирање на новинарите како предавници и странски платеници и професионална дискредитација на новинарите и медиумите. Во текот на септември медиумите беа нарекувани ‘предавничка банда’, ‘шугави медиуми’, ‘џган’, а нивното известување ‘луд пропаганден материјал’,“ соопшти фондацијата „Славко Ќурувија“.

Се наведува дека во нападите врз критичките медиуми и новинарите учествувале и „претседателот на СНС и советникот на претседателот на Србија, Милош Вучевиќ, министрите за финансии и економија, Синиша Мали и Адријана Месаровиќ, министрите за информирање и европски интеграции, Борис Братина и Немања Старовиќ, претседателката на собранискиот Одбор за култура и информирање Невена Ѓуриќ, претседателката на Собранието на Нови Сад Дина Вучиниќ, советничката за медиуми на претседателот на Србија Сузана Васиљевиќ, директорот на Канцеларијата за јавна и културна дипломатија Арно Гујон и членот на Главниот одбор на СНС Синиша Вучиниќ“.

„Најчести поводи за нападите беа протестите (41 случај), актуелностите и дневната политика (22 случаја), емисијата ‘Важни работи’ на Радио-телевизијата Србија (14 случаи), воената парада и одбележувањето на државните празници (шест случаи)“, стои во соопштението.

Се оценува дека „учеството на највисоките државни функционери во ширење навреди и дехуманизирачки пораки јасно покажува дека агресијата кон новинарите е институционализирана и нормализирана“.

„Реториката во која новинарите ги нарекуваат ‘фашистички ѓубриња’, ‘непријатели на државата’ и ‘мразители на Србија’ е редовен дел од политичката комуникација, со што сериозно се нарушуваат безбедноста на новинарите и довербата на јавноста во слободните медиуми,“ оцени Фондацијата „Славко Ќурувија“.

Мониторингот е спроведен од 1 до 30 септември, а за примерок се користени порталите „Информер“, „Ало“ и „Република“ и официјалните профили на социјалните мрежи на носителите на различни јавни функции „кои се издвојиле со честото таргетирање новинари“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот