Пред 50 години стјуардесата Весна Вуловиќ преживеа пад од 10.000 метри: Најголемата авио мистерија во Југославија

весна вуловиќ
Весна Вуловиќ / Фото: Принтскрин/Јутјуб

Пред 50 години, стјуардесата Весна Вуловиќ преживеала пад од авион од повеќе од 10.000 метри и влезе во Гинисовата книга на рекорди како единствена која преживеала пад од таква височина без падобран, пренесува „Би-Би-Си“.

Авионот на тогашната компанија ЈАТ (Југословенски аеротранспорт) на 26 јануари 1972 година не пристигнал на својата крајна дестинација.

Бомбата која била поставена од непознати сторители во авионот, експлодирала над тогашна Чехословачка. Загинале сите освен една жена, стјуардесата Весна Вуловиќ.

„Тој факт е сè уште неверојатен“, изјавил за „Би-Би-Си“ Илија Кукобат, историчар на воздухопловството и соработник во Институтот за современа историја. „Имаше случаи на луѓе кои преживеале падови од големи височини, како советските и британските авијатичари за време на Втората светска војна, но некој да преживее пад од 10.000 метри…“, истакнал тој.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by The Cold War (@thecoldwartv)

Авионската несреќа

Истрагата спроведена во тогашна Чехословачка, покажала дека експлозија на бомба била причина за авионската несреќа.

„Во краткото резиме на извештајот, објавен од нашата Федерална управа за цивилно воздухопловство, во редовниот годишен билтен за редовни авионски несреќи, пишуваше дека се работи за бомба“, објаснува Кукобат.

Авионската несреќа се случила кога избила експлозија од куфер кој бил потпрен на преградниот ѕид на првиот багажник, изјави за „Политика“ пред десет години Златко Вереш, тогашен шеф на југословенската контрола на летање и експерт за авионски несреќи.

„Се шират различни теории, затоа што раководството на СФРЈ никогаш не сакало да го објави името на човекот кој ја донел и поставил бомбата во авионот, иако е утврдено дека тој е припадник на хрватската екстремна емиграција“, во тоа време изјави Вереш.

Имало и други теории – една од нив била дека припадниците на чехословачката армија го урнале авионот кој наводно не смеел да лета на нивна територија за време на воена вежба. Но, сите тие остануваат како теории на заговор, истите никогаш не се докажале.

Весна Вуловиќ ја спасило тоа што останала во задниот дел од авионот, кој останал релативно недопрен. Авионот ДЦ-9 на ЈАТ се урнал во атарот на селото Српска Каменица, денешна територија на Чешка. Весна ја пронашол локален шумар по име Бруно Хенке.

„Сечев дрва во шумата кога ја слушнав експлозијата. Истрчав и видов луѓе како летаат низ воздухот“, рекол тој неколку години по несреќата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by SLAVIC MISERY (@slavicmisery)

Во војска, како што открил, научил колку е важна првата помош, па ѝ помогнал на 22-годишната Весна.

„Кога пристигна брзата помош, ја легнавме девојката на носилка и ја предадовме на лекарите“, додал тој.

Веста дека Вуловиќ го преживеала падот од 10.000 метри ги збунила најдобрите медицински експерти во тоа време, а медиумите експресно ја пренеле веста.

Чудо не бил вистински збор, морало да се смисли нов

Во тие години ЈАТ бил омилен работодавач кај младите поради можноста да патуваат низ светот и да заработат пристојни пари, а конкуренцијата за прием на обука била огромна.

Весна Вуловиќ по долго закрепнување почнала да работи како таканаречена национална стјуардеса, до нејзиното пензионирање.

Педесет години подоцна, на официјалната веб-страница на Гинисовата книга на рекорди, нејзиното име сè уште е напишано – го преживеала падот од највисоката висина во историјата.

Поради сето тоа, нејзиниот случај со децении привлекува големо медиумско внимание ширум светот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Michal Israel Volf (@michal.isi.volf)

Како Весна Вуловиќ преживеала?

Фактот стои дека на 10.000 метри нема живот, имајќи предвид дека декомпресијата може да направи голема штета… така што тоа што преживеала е вистинско чудо, велат експертите.

Ниту Лука Поповиќ, експерт за авиосообраќај, ниту денес не може да објасни како Вуловиќ ја преживеала несреќата. Вуловиќ во тоа време изјавила дека била врзана за седиштето во авионот, кое по експлозијата останало поврзано со тоалетите и паднало на планина покриена со снег.

Според едно нејзино сведочење, Весна Вуловиќ во Копенхаген кога се качила во авионот забележала дека еден од нејзините патници е чуден. Човекот наводно не се вратил во авионот и наводно поставил бомба, но тоа не е докажано.

„Дадов стотици интервјуа, секогаш повторувајќи ја истата приказна. По несреќата, ме најде шумарот Бруно Хенке, поранешен војник на Рајхот, кој со група селани со батериски ламби ја пребаруваа областа каде што се урна авионот. Ќерката на Хенке доби девојче по пет месеци и ѝ го даде моето име. На местото на трагедијата е поставен голем споменик“, откри Весна.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by El Profe Mancilla (@elprofemancilla)

По несреќата, Вуловиќ неколку дена била во кома

Имала фрактура на черепот, а подоцна и интрацеребрална хеморагија. Ги скршила двете нозе, неколку ребра, три пршлени и имала скршеница на карлицата. Поради овие повреди таа останала парализирана од половината надолу.

Благодарение на чешките лекари, особено на докторот Иво Фусек, кој ја оперирал во Прага, Весна Вуловиќ десет месеци по падот повторно проодела. Закрепнувањето го препишала на „српската тврдоглавост“ и исхраната во детството – чоколадо, спанаќ и рибино масло.

Весна стана почесен граѓанин на Српска Каменица, а претседателот на Југославија, Јосип Броз Тито ѝ го врачил одликувањето народен херој. Мирослав Илиќ, познатиот пејач на народна музика, ѝ ја посвети песната „Весна стјуардеса“. Таа почина во 2016 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот