Пратениците ќе спијат во „интернат“, ќе се возат во јавен превоз?

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Да се изгради пратенички „интернат“ во кој ќе бидат сместени народните избраници кои живеат надвор од Скопје, или пак, да им се доделат бесплатни автобуски билети за патување од дома до работа и обратно. Вакви предлози упатија дел од политичките аналитичари, кои сметаат дека само на ваков начин може да се заштедат парите од државната каса, бидејќи, како што објаснуваат, огромни се цифрите што месечно се издвојуваат за кирија и за патни трошоци. Сличен став дели и претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, која истакна дека пратениците треба да се откажат од сите надоместоци и да донесат закони со кои ќе ги избришат своите привилегии.

Таа објаснува дека невкусно е тие да имаат високи привилегии додека народот се соочува со тешка сиромаштија. Во собраниските кругови, пак, се зборува дека дел од пратениците веќе побарале да ги раскинат договорите за становите за кои државата им плаќа кирија од 400 евра, плус сметки до 100 евра. Како што дознаваме, пратениците се одлучиле на ваков чекор откако во јавноста се појави информацијата дека голем дел од нив ги изнајмуваат становите од свои блиски пријатели и роднини, а воопшто не живеат таму.

Засега од Собранието не сакаа да дадат одговор на прашањето дали има вистина во сето ова, ниту, пак, сакаа да посочат за кои точно пратеници станува збор. Неофицијално, државата им плаќа кирија и сметки на вкупно 14 пратеници, односно од државната каса годишно се издвојуваат речиси 80.000 евра. Интересно е тоа што голем дел од пратениците користат двојни привилегии, односно освен тоа што добиваат стан, тие добиваат и пари за патни трошоци.

Втора шанса

Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска смета дека кога ги гласаат прописите со кои си ги одобруваат привилегиите, пратениците треба во предвид да ја имаат економската состојба на земјата.

– Не е вкусно од една страна пратениците да имаат високи привилегии, а од друга страна народот да се соочува со тешка сиромаштија. Јас од пратеничкиот дом апелирав, еве за почеток, како борба против корупцијата, нека биде откажувањето на пратениците од своите привилегии. Но, во секој случај, државата треба да им овозможи на пратениците да функционираат. Сепак, тоа треба да биде во рамките на економската моќ на државата. Зошто, на пример, на пратениците, наместо патни трошоци не им се одобри бесплатно користење јавен сообраќај, автобуски или железнички, на територија на целата држава? Со тоа многу би се намалиле патните трошоци, кои не знам дали буквално им следуваат според тоа што е напишано, бидејќи таму се вели „може да се користат за службени цели“, а тие ги користат за доаѓање на работа. И тоа е дискутабилно и треба да се искристализира – објаснува Ивановска.

Поранешниот претседател на Собранието Стојан Андов вели дека намалувањето на трошоците на пратениците било актуелна тема и за време на неговото претседателствување со законодавниот дом. Како што се потсетува Андов, последен пат пред 17 години се појавила иницијатива сите пратеници од внатрешноста да се сместат во една зграда, но таа идеја, како што вели, тогаш пропаднала.

– Во 2002 година разговаравме за тоа пратениците од другите градови да добијат по еден апартман во зграда која ќе биде исклучиво за таа намена. На тој начин требаше да се намалат патните трошоци, но сепак таа идеја на крајот не заврши славно. Сметам дека сега би можело да се направи нешто такво. Потребно е само да се изгради интернат само за пратениците од внатрешноста, но секако, треба и тогаш добро да се внимава кој ќе добие апартман. На пример, сметам дека пратениците од Куманово, Велес и од Тетово не треба да бидат во оваа група, бидејќи овие градови се многу блиску до Скопје – објаснува Андов.

Двојни привилегии

Вкупно 14 пратеници го користат правото за кирија, покажува последниот извештај на „Инбокс 7“. Дванаесет од нив користат двојни привилегии – покрај тоа што земале пари за патни трошоци, од државата наплатувале и кирија за станови што ги користеле во замена за тоа да не патуваат секојдневно до родниот град. Најзвучни имиња на таа листа се битолчанецот Александар Кирацовски од СДСМ и велешанецот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. На Кирацовски, кој до неодамна беше и генерален секретар на владејачката партија, државата во изминатава година му плаќала кирија од 390 евра, а тој во последните четири месеци од 2018 година додека престојувал во стан во Скопје, на име на патни трошоци добил нешто повеќе од 1.000 евра. На неговиот политички опонент, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, државата му плаќа нешто помалку за кирија, односно 370 евра, но и тој зел сума од дваесетина илјади денари на име на патни трошоци. Само двајца од 14 пратеници, велешанецот Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ и стружанецот Рубин Земон од Партијата за општествен и економски напредок, користат само кирија, но не и патни трошоци.

Двојни привилегии минатата година користеле уште 10 други пратеници. На листата кај ВМРО-ДПМНЕ со двојни трошоци се битолчанките Лилјана Затуроска и Лилјана Кузмановска, прилепчанката Ане Лашкоска, штипјанката Благица Ласовска, кочанчанката Магдалена Манаскова и радовишанката Нада Ципушева. Ним друштво им прават колешките од СДСМ – струмичанката Катерина Кузмановска, прилепчанката Кети Смилеска и кавадарчанката Мери Лазарова. На државни јасли е и најстариот пратеник, Бранко Маноиловски од ДУИ, роден во гостиварското село Кичиница.

Според анализата, само минатата година 76 пратеници потрошиле 496.000 евра за патни трошоци, а тоа значи дека во просек на секој пратеник му биле исплатени околу 6.000 евра. Најмногу од сите потрошил стружанецот Алија Камберовски, пратеник од Партијата за европска иднина, кој добил 18.156 евра за патни трошоци. Тој е рекордер и според исплатените патни трошоци за 2017 година, бидејќи за само девет месеци добил 12.846 евра. На второто место на листата за најголеми трошаџии се наоѓа пратеничката на СДСМ Мира Стојчевска од Делчево, која во 2017 година потрошила 11.736 евра.

Невладината организација „Цивил“ од неодамна започна петиција за укинување или драстично намалување на привилегиите на државните функционери. Оттаму бараат укинување на апанажите на кое било ниво за која било позиција, укинување на доживотните пензии за поранешните претседатели, укинување парични и други надоместоци за сите управни одбори, како и драстично намалување на патните трошоци на функционерите, поточно, обезбедување средства во висина на цената за јавниот превоз.

Џафери: Нема злоупотреби со патните трошоци

Собранискиот спикер Талат Џафери вели дека не постојат никакви индиции за евентуални злоупотреби на патните трошоци на пратениците.

– Секој што има дилема дека во нешто има злоупотреби, има соодветна институција која треба тоа да го потврди. Има Државен завод за ревизија, има Антикорупциска комисија, има Јавно обвинителство. Ако постои сомнение за некого, треба да се посочи конкретно со име, не може да се зборува за општа практика на злоупотреба – вели Џафери.

Тој додава дека според законот, определен број пратеници се изјасниле да користат стан во вредност на она што е пропишано со одлука на соодветна надлежна комисија во Собранието.

– Во таа одлука пратеникот кој седи овде, на крајот на неделата кога ќе оди дома во еден правец му следи патен трошок. И на почетокот на следната недела кога ќе се врати во станот му следува патен трошок за враќање, значи за четири недели, четири дена. Констатацијата дека тоа е злоупотреба е дека сега покрај станот, си користи и патни трошоци. Не користат патни трошоци за секое потпишување, за секое присуство на седница, затоа што имаат соодветен договор, регулиран со внатрешните процедури, низ која постапка и процедура го користат правото на стан – објаснува Џафери.

Тасева: Ако користи стан, не може и патни трошоци

Претседателката на „Транспаренси интернешнл“, Слаѓана Тасева, смета дека патните трошоци се неспоиви со средствата за кирија.
– Доколку пратеникот користи стан што му го плаќа државата, тогаш не може да користи и патни трошоци. Или едното или другото. Ако сака стан што му го плаќа државата, тогаш сам ќе си го плати патот до дома и до работа. Ако, пак, сака да добива пари за патни трошоци, тогаш ќе си спие дома и секој ден ќе си патува до работа – вели Тасева.

Алатката за отчетност „заглави“ на 2018 година

Половина година измина, а на интернет-страницата на Владата, која објави Алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции, нема ниту еден податок за трошоците на функционерите за 2019 година. Сите податоци се за претходните четири години. Со самото отворање на страницата прво што може да се види е дека поранешниот премиер Никола Груевски, имал најмногу трошоци како функционер, а актуелниот премиер Зоран Заев е на четвртото место. Стари се и податоците во делот „Закуп на стан за лица кои живеат надвор од Скопје“, каде што на прво место по трошоци стои поранешниот министер без ресор, Џери Наумоф.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот