Позитивната атмосфера ги подгрева надежите за успех

Фото: МИА

Ако можеле Франција и Германија да се помират и денес да бидат лидери на ЕУ, ќе се помират и Македонија и Бугарија, при што Бугарија ниту оддалеку не ѝ го сторила на Македонија она што Германија ѝ го сторила на Франција – вели аналитичарот Муслиу.

Претседателот Стево Пендаровски во текот на февруари ќе оди во официјална посета на Бугарија на средба со колегата Румен Радев, со цел, како што вели, да даде личен придонес за евентуално позитивно решение на спорот меѓу Бугарија и Македонија. Тој денеска во својот кабинет ќе ги прими претставниците на забранетата партија на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин, откако пред две седмици посетата беше најавена, па одложена поради ситуацијата со ковид-19 и на која, како што велат од партијата, теми на разговорите ќе бидат положбата на македонското малцинство во Бугарија и бугарско-македонскиот спор.

Пендаровски: Добар почеток, но далеку сме од решение

Пендаровски вчера оцени дека почетокот на новата фаза од билатералните односи е одличен, но сè уште сме далеку од подлабоко навлегување во процесот на решавање на проблемот.

– Мојот став е дека двајцата претседатели мора да дадат позитивен придонес за успешно завршување на овој процес, зашто тоа е стратегиски интерес на двете држави. Убеден сум дека Радев го дели моето мислење. Станува збор за одличен почеток на оваа нова фаза, има две нови влади, двајца нови премиери што не доаѓаат од старата школа, се слуша нова реторика, се чувствува нова енергија, а има и нова методологија – нови работни групи и комисии, наместо лисабонските предлози. Но, морам кристално јасно да кажам, станува збор само за почеток, за иницијална фаза во која двете страни искажуваат добри желби како би сакале процесот да се одвива. Далеку сме од подлабоко навлегување во процесот и сè уште многу далеку од негово евентуално позитивно завршување – истакна вчера Пендаровски на тркалезна маса за пристапувањето на Западен Балкан кон ЕУ.

Претседателот на Бугарија Радев во изминатиов период ги омекна ставовите и најави можно тргање на ветото. Иако велеше дека за решавање на спорот не треба да се даваат рокови кога премиерот Петков ни даде шестмесечен рок, сега, по неговата средба со премиерот Димитар Ковачевски во вторникот во Софија, Радев рече дека се потребни јасни временски распореди за постигнување резултати и за решавање на отворените политички прашања.

– Потребно е да се посочат и краткорочните задачи што треба да се решат пред почетокот на преговорите на нашиот југозападен сосед за членство во ЕУ и да се постават долгорочни цели по отворањето на преговарачкиот процес со јасни механизми за нивно постигнување – најави Радев.

Времето е битен фактор

Стојко Стојков од ОМО Илинден Пирин оценува дека е можно последните изјави на Радев да значат најава за можен исчекор, но за тоа ќе треба време.

– Мислам дека се под огромен притисок и почнуваат да ги менуваат реториката и наративот. Историските прашања, прашањата за јазикот и идентитетот речиси и ги снема, што е позитивно, но да не заборавиме дека тие официјално не само што не се тргнати, туку беа потврдени на средбата на Комитетот за национална безбедност порано овој месец. Но, дури и при позитивен развој, потребно е време за пред бугарските граѓани да се „продаде“ симнувањето на ветото како успех, а не како повлекување – вели Стојков за „Слободен печат“.

И Алберт Муслиу гледа позитивни промени и го смета времето за клучно.

– Треба да се цени позитивната енергија. Нам не ни се потребни боксери во Владата, ниту популисти, ниту, пак од ова треба да се прави реално шоу. Нашата влада има обврска да го реши спорот со Бугарија и се обидува тоа да го направи за да почнеме преговори за членство во ЕУ. Овој наратив што го слушаме сега е многу попозитивен од минатата година. Сега се работи да се постигне едно надминување на моментот, за што е неспорна позитивната енергија. Да бидеме умерени и свесни, а не популисти, оти популистичките изјави и однесување досега не доведоа до ќорсокак. Надминувањето на спорот е процес и битно е да почне, па како што ќе одминуваат разговорите, како што ќе се развива економската соработка и ќе се гради инфраструктурата, ќе се создаваат позитивни услови и за политичките решенија. Ако можеле Франција и Германија да се помират и денес да бидат лидери на ЕУ, ќе се помират и Македонија и Бугарија, при што Бугарија ниту оддалеку не ѝ го сторила на Македонија она што Германија ѝ го сторила на Франција. Така што, времето лекува сѐ и така ќе биде и во македонско-бугарските односи – вели Муслиу.

Османи на пратениците ќе им ги каже одговорите на „пет плус еден“

Денеска во Собранието се очекува министерот за надворешни работи Бујар Османи да реферира каков одговор испратило МНР на бугарските барања „пет плус еден“, од кои едно, за краткото и долгото уставно име веќе е надминато откако Македонија минатата недела испрати нота до ОН. Претседателот на собраниската комисија за надворешна политика Антонијо Милошоски вчера рече дека се очекува интересна расправа.

– Очекуваме да бидеме запознаени како пратеници за што станува збор во одговорите на „пет плус еден“ и дали таквите одговори се совпаѓаат и се во рамките на усвоената Декларација од македонското Собрание, каде што утврдивме заеднички национални позиции – рече Милошоски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека пратениците и тој како спикер знаат што прави Владата во процесот на дијалог и преговори со Бугарија.

– Донесовме Резолуција во Собранието и определивме насоки, препораки и рамки по кои треба да се движи извршната власт во спорот. Според законскиот пропис и надлежностите во меѓународните односи, Владата одлучува, но ние како Собрание стоиме над главата на извршната власт и секако имаме соодветни информации, во кој правец и за што се разговара со Бугарија – рече Џафери во гостување на ТВ Сител.

ВМРО-ДПМНЕ побара седницата да биде јавна, со цел и јавноста да се запознае со одговорите на министерот Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот