
Пожарот во Кочани откри големи пропусти на МВР: Само 50 од 200 агенции за обезбедување работат по закон
Државниот советник во МВР, Горанче Савовски, изјави дека за првпат се воведени редовен, вонреден и контролен надзор на сите агенции за приватно обезбедување. На панел-дискусијата за пропустите во обезбедувањето по трагичната несреќа во Кочани, тој истакна дека претходно министерот формирал комисија што реагирала само на последици, но никогаш превентивно.
Само 50 од 200 агенции за приватно обезбедување во Македонија работат по закон, a МВР ќе врши задолжителен годишен надзор на сите фирми од овој сектор.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ова беше истакнато на панел-дискусија за мерките по трагичниот пожар во ноќниот клуб во Кочани, во рамки на регионалниот настан за безбедносната индустрија „Adria Security Summit 2025“, што се одржува на 8 и на 9 октомври во хотелот „Александар Палас“.
„Кои се одговорностите на приватното обезбедување?“
Сања Керметчиева од Комората за приватно обезбедување ја отвори дискусијата со пожарот во Кочани и со реакцијата на институциите.
„За жал, катастрофа со невидени размери ги шокираше нашата држава и светот, трагедијата со пожарот во ноќниот клуб во Кочани. Се констатираше дека тоа е резултат на системски пропусти, институционална неактивност и на корупција. Познато е дека пожарот беше предизвикан од пиротехниката и дека се проширил поради недостаток на противпожарна опрема и на исправни излези, како и поради недозволен капацитет на објектот. Од медиумите дознавме дека обвинение е поднесено против управителот на агенцијата, против четворица обезбедувачи и против лице што се смета за вистински сопственик на агенцијата,“ рече Керметчиева.
Таа додаде дека фирмата го обезбедувала клубот „Плус“ без писмен договор, без безбедносна проценка и без проверка на безбедносните услови во објектот.
„Според обвинението, на критичниот ден, обезбедувачите од „Рубикон“ не контролирале и овозможиле влез и присуство на малолетници во објектот по полноќ, а не спречиле ни влез ни користење пиротехнички средства што беа директна причина за пожарот,“ посочи таа.
Керметчиева посочи дека дискусијата треба да отвори прашања за одговорностите, обврските, стручноста и за професионалноста во секторот за приватно обезбедување.
„Обезбедувачите се овластени како полицијата, тоа звучи моќно“
Претседателката на Комората за приватно обезбедување, Верица Милеска Стефановска, нагласи дека приватното обезбедување е дејност од јавен интерес.
„Вработените во овој сектор имаат јавни овластувања, да легитимираат, да дозволат или забранат влез и излез, да забранат снимање, да употребуваат физичка сила, дури и огнено оружје. Ова звучи многу моќно, ги имаме истите овластувања како и полицијата. Но, постои и одговорност,“ посочи таа.
Таа објасни дека според законот е задолжителен договор за секоја услуга, а и дека компаниите и корисниците мора да ја сфатат тежината на тој договор.
„Не смееме да ги браниме нашите договори по инерција. Законот не бара од нас безбедносна проценка, но сепак мислам дека е важно да предвидиме во договорот за тоа каков е објектот, какви овластувања ќе имаме, каква е безбедносната проценка и кои се предизвиците. Криминалот се прави поинаку од претходно, мораме да внимаваме што ќе предвидиме во договорот, тој е важен и за нас и за корисникот кој треба да сфати дека услугата е пандан на полициската активност. Третата одговорност е на МВР за постојан надзор и контрола на овие компании,“ заклучи Стефановска.
„Само 50 од 200 фирми работат по закон – тоа е пропуст на МВР“
Државниот советник во МВР и претседател на Комисијата за надзор на Комората за приватно обезбедување, Горанче Савовски, призна дека постојат сериозни пропусти во Министерството.
„Факт е дека имаше ангажирана агенција за обезбедување на објектот во Кочани, дека немала договор и дека објектот се обезбедувал без соодветна проценка за безбедност. Овој случај во МВР беше анализиран за да се направи регистар со фирмите што се занимаваат со оваа дејност, колку вработени има и друго, а од 200 издадени дозволи, само 50 фирми работат по закон. Тоа е пропуст на МВР, наш пропуст,“ посочи советникот во МВР.
Тој додаде дека во едно тромесечие биле извршени 1.600 надзори врз компании од овој сектор, при што биле утврдени 70 прекршоци.
Савовски дополнително изјави дека за првпат е воведен задолжителен годишен надзор на сите агенции за приватно обезбедување.
„Изготвивме упатство за начинот на работа на агенциите за обезбедување за да ја поправиме грешката. Ова упатство првпат предвидува редовен, вонреден и контролен надзор. Досега не беше така. Досега министерот формираше комисија за контрола и надзор, а таа комисија постапуваше според последица, никогаш превентивно,“ објасни тој.
Савовски додаде дека граѓаните можат преку е-адреси да пријавуваат нерегуларности во безбедносните агенции.
Тој покажа оптимизам дека во иднина голем дел од работата на полицајците ќе ја врши нова технологија како што се камерите и дроновите.
„Тешко се разграничува кривична од прекршочна одговорност во случајот со Кочани“
Професорката на Правниот факултет, Александра Деановска Трендафилова, нагласи дека судскиот процес за пожарот во Кочани е сложен.
„Има тековен судски процес за инцидентот во Кочани, но првин тешко е да се разграничи кривична од прекршочна одговорност. Сложено е. Ако еден обезбедувач направил сѐ, лесно се утврдува прекршок или кривично дело. Друго е кога има вакви настани, разни луѓе прават разни работи,“ појасни таа.
Трендафилова дополни дека секој од обвинетите одговара различно поради различниот степен на директна вклученост во инцидентот, зависно од овластувањата и постапките.
Таа додаде дека обезбедувачите мора да ги разбираат своите овластувања.
„Обезбедувачите, на пример, лесно може да навлезат во повреда на приватноста, еден обезбедувач понекогаш постојано го следи клиентот, па ги слуша неговите приватни разговори и слично. Тоа се сензитивни овластувања. Истото важи за употребата на физичка сила. Обезбедувачите треба да бидат правници, а не се тоа,“ истакна професорката.
Трендафилова апелира агенциите да склучуваат договори и да организираат обуки за вработените, за полесно утврдување на одговорностите.
„Разузнавачите треба да им даваат информации на обезбедувачите“
Професорот од Факултетот за безбедност во Скопје, Злате Димовски, потенцираше дека приватното обезбедување прво реагира на терен. Тој се заложи за систем на размена на информации меѓу разузнавачите, полицијата и приватните агенции за обезбедување.
„Сѐ, што се случува на терен, е на нечија територија која е обезбедена од некоја агенција. Не можеме први да стигнеме таму, не може да стигне полицијата таму, напротив, први стигнуваат обезбедувачите. Тие се задолжени за таа територија. Ако немаат упатства како да постапат, ако не знаат да се координираат со полициските службеници кои први ќе дојдат на самото место, ако не го обезбедат самото место според правилата, ќе се уништи целиот доказен материјал, а последиците може да бидат фатални,“ предупреди тој.
Димовски поддржува размена на информации меѓу разузнавањето и обезбедувачите.
„Јас сум за размена на разузнавачки информации, нормално, на одговорни лица, дали во Комората или на пониско ниво, во секоја агенција да има одговорно лице кое ќе биде проверено, а да работи со разузнавачки информации, да стигнуваат до него дел од тие информации што му требаат за да се подготват агенциите. Пример, се случува класичен мирен собир, но не знаеме што ќе кулминира, какви провокатори ќе има, дали може да има инциденти. Ако службите знаат нешто, добро е да го пренесат тоа знаење на приватното обезбедување за да постапи соодветно на ситуацијата. Затоа е потребен тој систем на заедничко делување бидејќи Комората со сите свои членки, агенциите, спаѓаат во тој безбедносно разузнавачки систем на земјата,“ заклучи професорот.
На саемот на кој се одржа панел-дискусијата, беа претставени најновите решенија за видео надзор, сајбер безбедност, вештачка интелигенција и паметни градови, како и современи системи за превенција и заштита од пожари и други несреќи.