Повлекување по дваесетгодишна воена интервенција: Американско бегство од авганистанскиот пораз

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Бајден како прв рок за дефинитивно повлекување го одреди 4 јули, Денот на независноста на САД. Идејата беше да се слави победата во војната. Потоа е одреден датумот 11 септември, што требаше да симболизира дека мисијата е завршена на 20-годишнината на нападот на Ал Каеда врз САД. Конечно беше одреден датум без симболика – 31 август

Стотици камиони префрлаат тони оружје, опрема и муниција во авиони за евакуација заедно со последните 3.000 американски војници, кои по најдолгата војна во американската историја го напуштаат Авганистан, оставајќи го на милост и немилост на талибанците.

– Јас сум четвртиот американски претседател што ги надгледува американските трупи во Авганистан. Двајца републиканци, двајца демократи. Нема таа одговорност да ја префрлам на петтиот – изјави претседателот Џо Бајден во април, соопштувајќи дека сите американски војници (и од НАТО) ќе се повлечат до 11 септември.

Бајден како прв рок за дефинитивно повлекување го одреди 4 јули, Денот на независноста на САД. Идејата беше да се слави победата во војната. Потоа е одреден датумот 11 септември, што требаше да симболизира дека мисијата е завршена на 20-годишнината на нападот на Ал Каеда врз САД. Конечно беше одреден датум без симболика – 31 август.

Тоа што најдобро опремената армија на светот по две децении се повлекува од војната против инфериорниот противник, кого не успеа да го совлада, е рамно на пораз. Американците поминаа исто како и Британците во 19 век и Советите во 20 век.

А, тоа што американските и војниците од НАТО го напуштаат Авганистан во моментот кога нивните директни противници – талибанците – се во незадржлив налет, значи дека затвораат очи пред она што ја чека централноазиската земја: нова граѓанска војна, соборување на централната власт во Кабул и можна обнова на Исламскиот Емират.

Срамно повлекување

Во почетокот на овој месец американската војска тивко, среде ноќ, ја напушти Баграм, својата најголема и последна база во земјата, а оваа трка кон излезот ќе има катастрофални последици: стотици и илјадници убиени цивили, додека меѓународната помош ќе биде отежната поради незапаметената суша. Да не говориме за сосема оправданото сомневање во ветувањето што талибанците им го дадоа на Американците дека ќе ги прекинат сите врски со радикалните групи како Ал Каеда или Исламска држава во Авганистан.

Многумина и низ САД и низ светот затоа говорат за „срамно повлекување“. Критиката на природата и на времето на американското воено повлекување, честопати се изедначува со поддршката на постојаното воено присуство, игнорирањето на спиралата на убиените или корупцијата што странските трупи ги оставаат зад себе.

Бајден има спремни одговори: „Да ги прашам оние што сакаат да останат: Уште колку? Уште колку животи на американски ќерки и синови сте спремни да ризикувате? Колку долго да останат?“.

Претседателот инсистира дека Америка нема да ги остави илјадниците Авганистанци што работеа како преведувачи или ѝ даваа други услуги на американската војска. Им вети дека САД ќе биде нивниот дом, ако го сакаат тоа.

Не, критиката пред сѐ е насочена на начинот на кој е водена војната – што функционерите од Пентагон со години го признаваа во приватни разговори, но никогаш не и јавно.

Лекции од минатото

Авганистан потона во хаосот на граѓанската војна по повлекувањето на Советите. Тогаш и беа создадени талибанците, кои подоцна му дадоа засолниште на Осама бин Ладен. Објективно има закани оваа ситуација да се повтори. Опседнати со сопствената „исклучителност“, Американците не ги научија лекциите од минатото.

Војната во Авганистан беше покрената во 2001 година, со ветување дека ќе претставува задоволување на правдата поради терористичкиот напад врз Америка на 11 септември, но нов годините се претвори во одмаздничка мисија. Понудата од поразените талибанци за преговори пред две децении беа игнорирани. Тоа што администрацијата на Доналд Трамп при крајот на 2019 година во Доха потпиша спогодба со талибанците може да ѝ донесе полза само на Америка – никако и на авганистанскиот народ.

– Не е ова крај на приказната. Ова е крај на едно поглавје – порачува од Кабул генералот Кенет Мекензи, главниот командант на американската Централна команда, исто така обидувајќи се да убеди многумина Авганистанци дека Америка не ги предала и дека нема да им ги препушти на талибанците.

САД во сите овие години не успеаја да создадат ефикасна авганистанска армија, која би им се спротивставила на талибанците, кои заземаат една провинција по друга, честопати и без борба. Војниците на регуларната војска масовно се предаваат. Талибанците само во последните два месеца воспоставија контрола врз повеќе од 160 од вкупно 400 локални управи.

Суровиот шеријат

Меѓу местата и селата што талибанците веќе ги зазеле, имаше и такви што беа упоришта на нивните противници. Дали ќе има одмазда? Во склад со ригидната интерпретација на исламското законодавство, шеријатот, кој беше основа за нивната власт, на девојчињата им е забрането да посетуваат училишта. Обврзувачки е носењето „бурка“, која честопати го покрива целото тело и лицето и има само од надвор непроѕирен визир за очи. Талибанските судови за многу прекршоци пресудуваат јавно камшикување.

Американците фрлија во воздух стотици милијарди долари, потрошени за вооружување и обука на војската, која честопати не е во состојба да го сочува ни Кабул од терористички напади. Централната власт во главниот град, која ја изгуби довербата од народот – ако воопшто и некогаш ја имала – тешко ќе може без Американците зад својот грб да им се спротивстави на талибанците.

Проамериканскиот изум, претседателот Ашраф Гани, не само што не е популарен, туку не е способен ни за војна ни за мир. Директно е одговорен за подемот на талибанците, а со неспремноста да ја споделува власта, ги загрози перспективите на политичките преговори што би воделе кон мирна распределба на власта.

Спогодба без Кабул

Мировните преговори на талибанците со претставниците на властите во Кабул повремено се одржуваат во Катар, но без конкретни резултати. Талибанците се потпираат на воената сила и зошто би ја делеле власта со партнерите на Западот, на кои не им ги простуваат бруталните напади во кои масовно гинеа цивили? Завршната спогодба помеѓу САД и талибанците од февруари 2020 година, всушност јавно им дава предност на талибанците. Авганистанската влада не беше ни вклучена во преговорите.

Две третини од населението на Авганистан се помлади од 25 години. Тие не го паметат времето во кое екстремистичката идеологија на талибанците ја управуваше земјата. Ќе паметат само дека Америка и нејзините сојузници им го оставија Авганистан онаков каков што го направија во изминатите две децении.

Америка по две децении, најмалку 2.400 загинати луѓе и трошоци повисоки од 2.200 милијарди долари ја изгуби војната, но Вашингтон избегнува да каже дека САД од Авганистан заминуваат исто како и од Виетнам – поразени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот