Повеќе од 200 илустрации на автори од Хрватска и од Македонија ќе бидат изложени на отворањето на „Литера 2023“

Петтото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ ќе биде отворено на 23 мај, во 19 часот, во Музејот на град Скопје. Фестивалот годинава ќе се одржи под мотото „Свет со љубов“, а свечено ќе го отвори министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Во рамките на петдневната богата програма, Музејот на град Скопје до сабота (27 мај) ќе биде епицентар каде ќе се одржуваат мастеркласови, работилници за професионалци и за деца, промоции, читање сликовници и многу други настани. На 25 мај (четврток) ќе се одржи и конференција на темата „Македонска современа сликовица“, што ќе започне на пладне.

На „Литера 2023“ гостуваат тројца врвни илустратори од Хрватска: Доминик Вуковиќ, Николина Манојловиќ Врачар и Бранка Холингсворт Нара. Ним им се придружуваат петтемина академски уметници од нашата земја: Александар Иванов, Викторија Егорова, Гоце Илиевски, Калиопи Трпчева и Сања Симоска, кои се пријавија на конкурсот на фестивалот и беа селектирани за големата изложба. За поддршка на македонската илустрација фестивалот ќе им откупи по едно дело.

Од тимот на „Литера 2023“ велат дека овој мал јубилеј на фестивалот ќе го одбележат со петдневно славење на професиoналната илустрација наменета за деца, сликовниците и литературата за деца.

– Во тоа ќе ни помогнат тројцата врвни илустратори и креативци од Хрватска. Нивното присуство на фестивалот е особено важно, бидејќи преку мастеркласови и предавања своето искуство ќе го пренесат на младите илустратори и сите што сакаат да се занимаваат со оваа професија во нашата земја. Особено ни е важно да ги поддржиме македонските професионални илустратори. Нè радува интересот на авторите кои учествуваа на конкурсот. Тоа е знак дека постои интерес за илустрацијата, но треба да им се даде вистинско место на авторите – велат од тимот на „Литера“.

Фестивалот „Литера“ е фокусиран на новите генерации. Преку квалитетна илустрација за деца се развива визуелната култура на децата. Концептот на фестивалот е од отворен тип. Фестивалот го поддржува Министерството за култура, „Халкбанк“, „Ефектива“, „Органик нар“, Умно.мк и други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот