Поука по огнената стихија: Општините не можат сами да се справат со големи пожари

фото МИА

Материјалната штета на куќите е минимална, со помош на ДЗС, ЦУК, војската и полицијата успеавме да го локализираме пожарот пред да ги зафати куќите. Нема човечки жртви ниту повредени. За жал, изгореа 600 хектари шума што не може да се надомести ниту за 100 години, вели градоначалничката на Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска.

Во Кочани има само 17 пожарникари, кои опслужуваат население од 38.000 жители, што никако не ги исполнува законските обврски пропишани во Законот за пожарникарство. Според Законот, во Кочани треба да има 31 пожарникар.

Градоначалникот Николчо Илиев признава дека е направен пропуст, но тој лично смета дека и да имало толкав број вработени пожарникари, тие самите, без помошта на другите општини, немало да можат да го изгаснат пожарот.

– Ниту една општина не може да има толку возила и пожарникари за самостојно да може да изгасне толку голем пожар. Ние лани добивме противпожарно возило за гаснење пожар во висококатници, а имаме и уште шест други противпожарни возила, кои не се многу нови, но се во одлична кондиција. Инвестиравме во опрема, имаме нова заштитна опрема за пожарникарите, и за интервенција, единствено ни требаат теренски возила поради непристапниот терен – вели во изјава за „Слободен печат“ градоначалникот на Кочани, Николчо Илиев.

Тој најавува вработување пет нови пожарникари, кои пред да бидат вработени, ќе добијат соодветна обука, но смета дека проблемот со недостигот на пожарникари може да се реши со законски измени за доброволни противпожарни друштва.

– Доколку се направат законски измени со кои ќе се овозможи формирање доброволни противпожарни друштва, би било идеално. Идејата е да ги плаќаме пожарникарите кога ќе има потреба од нивна интервенција, но да функционираат самостојно, а не како дел од општинската администрација – вели Илиев.

Што се однесува до моментната состојба со пожарот во Кочани, Илиев информира дека од завчераутро сѐ е под контрола.

– Штетите не се големи, најважно е што нема човечки жртви. Свикавме седница на Советот на општината, со цел да се зголеми буџетот за вакви намени. Разговаравме со луѓето што се оштетени, во моментов се чека увид од судски вештаци за да може да се процени материјалната штета – рече Илиев.

Во Старо Нагоричане, уште една општина што беше зафатена од големи пожари на Илинден, бројот на вработени пожарникари одговара на бројот на жители, вели градоначалничката Жаклина Јовановска.

– Во општината има 5.000 жители, а ние имаме вработени девет пожарникари, колку што е законската обврска. Имаме две противпожарни возила, едно ридско теренско и едно поголемо со капацитет од пет тона вода, но тоа може да се употребува само во ниските предели. Неодамна набавивме и основна опрема за пожарникарите – вели Јовановска.

Таа е среќна што нема човечки жртви.

– Материјалната штета на куќите е минимална, со помош на ДЗС, ЦУК, војската и полицијата успеавме да го локализираме пожарот пред да ги зафати куќите. Нема човечки жртви ниту повредени. За жал, изгореа 600 хектари шума што не може да се надомести ниту за 100 години – додава Јовановска.

Според Законот за пожарникарство, минималниот број на професионални пожарникари во противпожарните единици треба да изнесува:

– во општините до 10.000 жители – девет професионални пожарникари,

– во општините од 10.000 до 15.000 жители – 13 професионални пожарникари,

– во општините од 15.000 до 24.000 жители – 17 професионални пожарникари и

– во општините со над 24 000 жители – еден професионален пожарникар на 1.500 жители.

Пожарникарската служба не е играчка за локалните власти

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот