Потпишан договор и со ЈСП: Се враќаат ли конечно приватните автобуси на скопските улици?

Фото: „Слобода превоз“

Откако деновиве градоначалничката Данела Арсовска го потпиша договорот со приватните превозници за нивно повторно вклучување во јавниот градски превоз, денеска тоа го сторил и директорот на ЈСП „Скопје“, Крсте Петревски. Така, како што тврдат од ЈСП, од утре 105 приватни автобуси ќе сообраќаат на скопските улици, кои според нив се модерни и ги исполнуваат еколошките стандарди. Доколку ова навистина се случи, тоа значи дека граѓаните од четврток без долготрајни чекања на автобуските стојалишта, без нервози и без турканици во автобусите ќе стигнат на своите работни места.

Приватните превозници ќе ги опслужуваат линиите: 23, 45, 61, 63, 73, 9, 11, 11A, 12, 47A, 55, 19, 20, 22, 52, 54, со 105 модерни автобуси кои ги исполнуваат еколошките стандарди согласно јавниот повик. Со новиот начин на работа и стандардизацијата во јавниот превоз, граѓаните ќе добиваат квалитетна и навремена услуга, а буџетите на Град Скопје и ЈСП Скопје ќе бидат заштитени од злоупотребите и самоволието кое во минатото било пракса – велат од ЈСП.

Градоначалничката Арсовска неодамна објасни дека со превозниците се потпишуваат два договора, едниот го потпишува Град Скопје за добивање лиценца и еден со ЈСП за начинот како ќе оперираат на линијата.

Што се однесува на квалитетот на приватните автобусите кои ќе бидат дел од градскиот јавен превоз, Арсовска на последниот брифинг нагласи дека ќе возат со постојните автобуси, но имаат обрска да ги модернизираат, па дел од превозниците веќе започнале да го подобруваат возниот парк, започнале да земаат кредити. Град Скопје имал намера и да ги субвенционира превозниците, односно да им даде дел од автобусите на ЈСП со еуро 4 стандард откако ќе се купат нови автобуси за градскиот превозник.

Какви ќе бидат автобусите што од утре треба да се вклучат повторно во сообраќај граѓаните сами ќе видат, но тргнувајќи од маките што ги претрпеа со превозот во последните шест-седум месеци, подобро е да има какви било отколку никакви.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот