Посебно катче за странските македонисти е отворено во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“

Весна Мојсова-Чепишевска и Снежана Стојчевска

Изданијата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) ќе бидат подостапни за членовите на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, со отворање посебно катче во Библиотеката наменето за овие изданија значајни за македонистиката.

Странските македонисти, секоја година, за своите истражувачки цели ќе можат по еден месец бесплатно да ги користат услугите на Библиотеката, во текот на нивните студиски и истражувачки престои – користење библиотечен материјал и користење на читалниците. Заеднички ќе се организираат настани за афирмација на македонските книжевни и културни вредности, наменети за странските македонисти, како и настани со кои ќе се афирмира Скопје, неговата историја и неговите културни вредности.

Ова меѓу другото беше договорено на средбата на директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска со директорката на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, Снежана Стојчевска, на која за првпат се официјализира оваа соработка.

– Во остварувањето на мисијата на МСМЈЛК при УКИМ, изминатиов период ја втемелуваме соработка со низа институции кои покажуваат подготвеност да имаат свој влог во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во странство, особено на странските универзитетски и научни центри и да ги поддржат или да се вклучат во активностите важни за странските македонисти. Драго ни е што од денес, меѓу тие институции се вбројува и Градската библиотека во Скопје, и тоа со конкретни, веќе планирани и договорени активности и со можности за странските македонисти. Покрај во Охрид, со учествата на нашите летни школи, странските македонисти, кога се во нашата земја, најчесто се со студиски и истражувачки престои во Скопје и затоа се надеваме дека за нив ќе биде од корист можноста за бесплатно користење на услугите на Библиотеката, со која за нив ќе се зголеми и достапноста на библиотечен материјал важен за нивните истражувања – истакна на средбата, директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Мојсова-Чепишевска.

Можностите за заеднички настани со други институции, наменети за странските македонисти, како што посочи таа, придонесуваат и за наставата по македонистика на странските универзитети. Затоа, особено во овој период кога на универзитетските центри во странство е забележлив интересот и за македонската култура, можностите за заеднички настани со Библиотеката, преку кои ќе се афирмираат културните вредности на Скопје се очекува да придонесат за јакнење на овој интерес, а со тоа и на културните врски со странските академски средини.

– Чест ни е со сиот наш капацитет да одговориме на оваа благородна работа, да ги чуваме, документираме и да ги направиме што подостапни насловите поврзани со сè што значи проучување на македонскиот јазик, литература и култура. Нашата местоположба, како и професионалноста на вработените во специјализираните оддели, се главните адути на нашата институција, која со голема посветеност одговора на барањата на сите истражувачи кои и досега доаѓале кај нас и го користат богатиот библиотечен материјал. Библиотеката е отворена и за домашните и за странските македонсисти, за кои обезбедивме едномесечно беслатно членство, а наскоро и соодветно македонистичко катче. Активностите што ги планираме заедно со Семинарот, ќе значат поддршка на македонистиката однатре, но и соработка со останатите културни и академски центри низ светот, каде што има луѓе кои ги почитуваат и проучуваат македонскиот јазик и култура – подвлече Снежана Стојчевска, директорка на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

На средбата се разговараше и за конкретни други активности за промоција и афирмација на македонските литературни вредности и воопшто на културните вредности кои се во форма на библиотечен материјал, пред странските македонисти и во соработката со странски образовни и научни центри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот