Поплавите во Либија го прелеаја бранот мигранти кон Италија

Бротче со мигранти пристигнува на италијанскиот остров Лампедуза - Фотографија ЕПА

Според Меѓународната организација на ОН за миграции, во Дерна до катастрофата престојувале најмалку 10.000 мигранти, а во цела Либија во почетокот на 2023 година имало најмалку 706.000 мигранти

Новиот бран бегалци на италијанскиот остров Лампедуза, кој се поклопи со катастрофалните поплави во Либија, ја исфрли на површина суровата реалност со која се соочуваат милиони активни и потенцијални мигранти што настојуваат да побегнат од немаштија и хаос во Африка до благосостојба и стабилност во Европа.

Само неколку денови откако надојдените води од поројните дождови ги пробија двете брани кај либискиот град Дерна и збришаа неколку десетици илјади луѓе, на брегот на италијанскиот остров Лампедуза пристигнаа 7.000 мигранти за 48 часа. Премиерката Џорџа Мелони завчера го посети медитеранскиот остров што е поблизу до Тунис отколку до континенталниот брег на Италија за да ги најави нови мерки против нелегалната миграција и да им изрази поддршка на шесте илјади мештани, кои сега се во малцинство во однос на дојденците. На Мелони ѝ се придружи шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која истакна дека мигрантскиот бран е континентален, а не само италијански проблем, за кој Европската Унија мора да покаже солидарност и да изнајде заедничко решение.

Стотици загинати бегалци

Дерна, во меѓувреме, не може ни да ги изброи жртвите, а не да ги погребе за да спречи појава и ширење смртоносни епидемии. Новите биланси од хуманитарните агенции укажуваат дека загинале повеќе од 11.800 луѓе, но и уште толку се исчезнати. Непризнаените власти во источните региони на Либија објавија дека жртвите не може да бидат идентификувани и дека телата ќе бидат закопувани во масовни гробници. Нови податоци, пак, укажуваат дека најмалку 400 од загинатите биле мигранти од други региони и африкански земји, кои во Дерна планирале да престојуваат сѐ додека не најдат шверцерски бротчиња што ќе ги однесат до Италија.

Според Меѓународната организација на ОН за миграции, во Дерна до катастрофата престојувале најмалку 10.000 мигранти, а во цела Либија во почетокот на 2023 година имало најмалку 706.000 мигранти. ИОМ објаснува дека дел од мигрантите живеат и работат во Либија, но мнозинството престојуваат само привремено, додека не пронајдат транспорт до Европа. Се претпоставува дека мнозинството од исчезнатите лица се мигранти, бидејќи биле сместени во импровизирани живеалишта, најмалку отпорни на поплавите.

Илјадници луѓе што останаа без домови во Дерна вчера протестираа против градските власти, барајќи итна помош – Фотографија ЕПА

На Лампедуза пристигнуваат најмногу бродови со илегални мигранти од Тунис, кој е најблизу до италијанскиот остров, но има и многу од Либија. По катастрофата се очекуваат уште повеќе, за што сведочат и седумте илјади бегалци што пристигнаа за само два дена.

На мигрантите што пристигнале во Либија како клучна транзитна точка на долгиот пат кон Европа сега им се придружуваат и сѐ повеќе Либијци што стравуваат од „некоја нова Дерна“ во некое следно лето. Требаше да се случи огромна катастрофа во град со стотина илјади жители за да сфати европската и светската јавност дека животот во Либија е практично невозможен. Власта е грубо поделена на признаена влада во Триполи и непризнаена во Бенгази, но во многу места се чувствува влијанието на исламистички групи и на бандите што шверцуваат мигранти до Европа.

Италијанската премиерка и шефицата на владата на ЕУ најавија поостри мерки, но и зголемување на помошта за африканските земји, со цел да го запрат бранот пред луѓето да се натоварат во небезбедните бротчиња за ризично пловење преку немирното Средоземно Море.

Во фокусот ќе бидат мигрантите што не ги исполнуваат условите за азил и тие ќе бидат вратени во нивните земји. Времетраењето на притворот за овие лица е продолжено на 18 месеци, а се планира и да се зголеми бројот на привремените центри.

Климатски миграции

Европа, но и САД, кон кои се стремат луѓе од посиромашните и понестабилните земји, треба да се подготвуваат за уште поголеми бранови на „климатски мигранти“ како што ги нарекуваат експертите од агенциите на Обединетите нации и од меѓународните организации.

Агенцијата на ОН за бегалци во неодамнешен извештај укажува дека екстремните временски услови како последица на климатските промени секоја година директно загрозуваат животи на 20 милиони луѓе. Проекциите на УНХЦР укажуваат дека до 2030 година низ светот ќе има 260 милиони климатски бегалци, а Институтот за економија и мир проценува дека до 2050 година овој број ќе се зголеми на неверојатни 1,2 милијарда.

Потешко е да се направи краткорочна процена колкумина бегалци од Дерна и од Либија во следниве денови и недели би тргнале кон Италија. Се смета дека патот кон Европа е приоритетна опција за близу 30.000 луѓе што останале без домови поради катастрофата во Дерна и до кои бавно и тешко пристигнува хуманитарната помош.

Италијански полицајци разговараат со бегалци на Лампедуза – Фотографија ЕПА, Чиро Фуско

УНХЦР веќе предупреди дека до 19 јуни во Италија од Либија пристигнале повеќе од 25.000 мигранти, колку од сите други земји заедно. Во многу случаи ова ризично патување завршува прерано. Вкупниот број мигранти што загинале во бродоломи не може да се споредува со билансот од катастрофата во Дерна, но во морето гинат илјадници луѓе. На 13 јуни брод со 750 луѓе се преврте близу брегот на Грција, а беа спасени само 104 луѓе. Бродот тргнал од Тобрук, либиски град оддалечен 170 километри од Дерна, а пловел кон брегот на Италија.

Солидарноста на испит

Италијанските власти префрлија во Сицилија дел од илјадниците мигранти што пристигнаа на Лампедуза, но премиерката Џорџа Мелони и претседателката на Европската комисија ги повикаа членките на ЕУ на солидарност со Италија.

Бранот, сепак, повторно ги зголеми тензиите помеѓу политичките ривали спроти изборите за Европскиот парламент в година.

Франција прва објави дека нема да ги прифати барателите на азил од Лампедуза.

– Франција нема да го стори тоа. Франција сака да ѝ помогне на Италија да ги контролира своите граници за да го спречи доаѓањето на луѓе. Би било погрешна проценка да се претпоставува дека мигрантите што пристигнуваат мора веднаш да бидат дистрибуирани низ Европа или во Франција, која веќе прави доволно – изјави францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин.

Тој треба да пристигне во посета на Рим, на барање на претседателот Емануел Макрон за да разговара за европската соработка во врска со пристигнувањето на мигрантите во Лампедуза.

– Она што сакаме да им го кажеме на нашите италијански пријатели, со кои верувам дека целосно се согласуваат, е дека мораме да ги заштитиме надворешните граници на ЕУ и, пред сè, веднаш да ги проучуваме барањата за азил. Ако не ги исполнат условите, луѓето треба да бидат вратени назад во нивната земја – изјави Дарманин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот