Пописот ќе биде здравствено безбеден, по меѓународни стандарди и со хонорар до 600 евра за попишувачите

Фото Слободен Печат/ Драган Митрески

Доктор Жарко Караџовски од Комисијата за заразни болести на последната прес конференција напомена дека здравствените протоколи за пописот се подготвени и се ригорозни и овозможуваат непречено попишување на населението. Со оглед дека сме во пандемија заштитата на здравјето на луѓето се наметнува како главен приоритет во спроведувањето на пописот.

Затоа на граѓаните им е оставена можноста да се попишуваат и на отворено, во своите дворови, паркови пред зградите, на тераса и секаде онаму каде што жителите ќе проценат дека се најзаштитени.

Дополнително, протоколите предвидуваат и целосна заштита на попишувачите, преку носење заштитна опрема, дезинфекција и остварување што помалку блиски контакти. Ако во целост се почитуваат мерките и протоколите и ако граѓаните се свесни за значењето на статистичката операција тогаш пописот ќе се спроведе успешно. А за да биде целата операција ефикасна и со собрани релевантни и точни податоци, неопходни се обучени и спремни попишувачи. Веќе се пријавиле околу 4 500, а бројката која недостасува ќе се комплетира во следните три дена, кога истекува рокот.

Според динамиката, од понеделник започнуваат тестирањата и обуката на попишувачите за да можат од први април да стартуваат со теренските активности.

До сега се пријавиле голем број студенти, млади, невработени и други, со цел да помогнат во успешноста на пописот. Ним ќе им се исплатат хонорари до 600 евра за ангажманот од еден месец. Попишувачите не смее да се задржуваат кај граѓаните подолго од потребното време за попишување, ниту да имаат контакт со предмети и близок контакт со домаќините.

За првпат во нашата држава, после 20 години, ќе се спроведе попис според меѓународно утврдени критериуми кои на површина треба да извадат точни податоци, а потоа врз основа на нив да може да се креираат социјални и економски политики, со крајна цел подобрување на системот и на животот на граѓаните. Податоците ќе се внесуваат електронски, потоа ќе се споредуваат со неколкуте бази на податоци, за на крајот да нема ниту една грешка, ниту во бројот на жители, ниту во структурата на населението.

Деновиве, додека се спроведува пописот за дијаспората, стана јасно дека пописот ни е неопходен ако сакаме да функционираме како држава. Затоа сме сведоци на се помалиот отпор кон оваа статистичка операција. Нејзиното одложување нема да промени речиси ништо, затоа што никој не може да гарантира каква ќе биде здравствената состојба за неколку месеци или за една година, а државата губи и време и пари преку погрешни политики кои ги носи со години, затоа што одамна сме немале попис на населението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот