
Помош за Кочани само од безбедна далечина
Самохрана мајка на повредено момче од дискотеката „Пулс“ во Кочани дала отказ од работа за да се грижи за повредениот син, десетгодишниот син, но и за возрасната мајка која имала два мозочни удари.
Препорачано
– Јас му облекувам чорапи, го мачкам, масирам…, морав работата да ја напуштам за да му се посветам на детето. Е сега колку се може за работите поврзани со него – јас што имам ќе дадам, ама морам да имам нешто и помош. Од државата треба да имаме помош. Ние ништо немаме од државата – вели во емотивно сведоштво објавено на „Супорт Кочани“, Силвана Петрова, мајка на повредениот Трајче Петров.
Кога го пуштиле од болницата во Грција им рекле дека ништо не е готово и дека ќе му треба долг процес на заздравување.
– Многу хигиена, многу средства, пазење од сонце… Тие мислат набрзина ќе помине, ама нема. Не може ништо да работи моментално, јас му сечкам јадење, за тој со левата рака да може да го пренесе до устата – додаде Петрова.
Вакви пораки стигнуваат од Кочани, градот во кој после трагедијата ништо не е исто и кој секојдневно бара помош од државата. Мајка на загинато девојче во пожарот во дискотеката го повика премиерот да дојде во Кочани и да се соочи „лице в лице“ со нивната болка. Додека се испраќаат вакви пораки премиерот Христијан Мицкоски (и Владата) од безбедна далечина уверува дека организирано се гледа со родителите на загинатите и дека ќе продолжи да се гледа, да разговара и да помага.
– Апсолутно имаме организиран пристап и со најголемиот дел од родителите се видов, и ќе продолжам да се гледам, да разговараме, да помагаме и за оние коишто се повредени и за оние коишто за жал ги загубија своите најмили – уверува Мицкоски на прашањата за Кочани.
Конкретно како државата им помага на овие семејства, два месеца од трагедијата нема одговор. На прашањето од „Слободен печат“ до Владата конкретно за владината помош, оттаму ја посочија помошта од Црвениот крст, но тврдат дека обезбедиле и транспорт, сместување и логистика на семејствата на повредените кои се лекувале во странство.
– Владата и Црвениот крст одлучија да има една наменска сметка за сите погодени од трагедијата во Кочани и од таму во неколку наврати се исплатени средства и на оние кои загубија свои најблиски, но и на повредените за што јавноста редовно ја информиравме. Дополнително, Владата обезбеди и транспорт, сместување и логистика на семејствата на повредените кои се лекуваа во странство и целосно го покрива нивното лекување – рекоа од Владата пред околу две недели.
Оттаму уверуваат дека нивниот фокус во изминатиот период, но и во периодот кој следи е токму Кочани, град за кој владата најавува двојно повеќе пари од унгарскиот кредит, на јавниот повик за локалните самоуправи. Од Владата не одговорија на нашите дополнителни прашања колку пари се издвоени од буџетот за загинатите и повредените.
Која е улогата на комисијата за евалуација на повредените
Од Црвен крст, пак, за „Слободен печат“ објаснуваат дека тие ја собирале хуманитарната помош по трагедијата и прво линеарно им била доделена помош и на семејствата на загинатите и на семејствата на повредените, а за останатата помош што останала на сметките ќе се вршела објективна процена на кои од повредените колку пари им се потребни, со оглед на тоа што имаат различен вид на повреди. Генералниот секретар на Црвен крст, Саит Саити објаснува дека тие како организација им исплатиле иста сума пари на семејствата на загинатите, на повредените кои се лекувале во странство и кои се лекувале дома, но тие како организација немаат можност да плаќаат лекувања, туку само да им ја префрлат хуманитарната помош.
Според податоците кои ни ги соопшти Саити, вкупно била собрана помош од околу 150 милиони денари, а исплатени биле околу 107 милиони денари. Околу 46 милиони денари треба дополнително да им се исплатат на повредените.
Црвениот крст соопшти дека собрал 156.542.967 денари или околу 2.545.400 евра за поддршка на настраданите од катастрофалниот пожар во Кочани што се случи на 16.03.2025 година.
Заклучно со 23.05.2025 година, Црвениот крст на РСМ во неколку наврати изврши исплата на погодените семејства од пожарот во Кочани.
Со овие средства досега е обезбедена финансиска поддршка на семејствата на починатите лица во вкупен износ од 52.038.593 денари.
За настраданите лица од пожарот кои се лекуваа во странство вкупно се исплатени 44.163.258 денари, а за повредените кои се лекуваа во земјава вкупно се исплатени 11.247.250 денари.
– Преостанатите средства во износ од 46.593.866 денари на сметката на Црвениот крст, по направените проценки кои се во тек, за тежината на повредите и прогнозите за времетраење на лекувањето и потребите на повредените, направени од стручни и компетентни институции во државата, а со цел објективизација и постигнување на целите и задоволување на реалните потреби на настраданите лица, Црвениот крст навремено ќе пристапи кон распределба на средствата – велат од Црвениот крст.
Според нашите информации, транспортот на пациентите во болниците во странство го платила нашата држава, додека лекувањето во болниците во странство било на товар на земјата домаќин, односно земјите во чии болници беа сместени повредените.
Во кочанската болница деновиве се вршела евалуација на повредените, но според она што го кажуваат повредените за „Слободен печат“, таму сè уште ги третира само една докторка, а комисијата само површно ги прегледува.
Од Министерството за здравство за „Слободен печат“ не откриваат која била точната улога на комисијата.
– Во изминатите неколку дена комисија формирана од страна на Министерството со претставници од универзитетските клиники изврши евалуација на повредените од пожарот во Кочани, и врз основа на наодите ќе бидат преземени понатамошни мерки од стручен аспект. Во постојан контакт сме со раководството на Општата болница во Кочани околу ангажман на дополнителен медицински кадар, иако паралелно веќе е ангажиран кадар од Универзитетската клиника за пластична хирургија, како и кадар за рехабилитација од Клиничката болница во Штип – велат од Министерството за здравство.
Потоа излезе информација од кочанската болница дека тимот од лекари специјалисти од клиниките во Скопје, што во изминатите неколку денови престојуваше во Општата болница со проширена дејност во Кочани, ја заврши евалуацијата на состојбата на повредените од пожарот во клубот „Пулс“.
Прегледани се повеќе од 110 пациенти кои претходно се лекуваа во болниците во странство, а сега имаат секојдневна физикална терапија и преврски на повредите во Болницата.
Според директорката на Општата болница, Кристина Серафимова, дополнително на прегледот за евалуација се јавиле и повредените кои беа хоспитализирани на клиниките во државата. Во наредните денови специјалистичкиот тим треба да изготви извештај, по што ќе се знае во каква состојба се сите пациенти по два месеца од трагичниот настан.
Нов предлог-закон за Кочани
Во меѓувреме, опозициската СДСМ и коалицијата минатата недела повторно поднесоа предлог-закон за поддршка на повредените во Кочани, но овој пат по редовна постапка, со оглед на тоа што минатиот пат го поднесоа по скратена постапка и не доби поддршка од мнозинството во Парламентот.
– Ги слушнавме забелешките на парламентарното мнозинство дека треба да има поголема прецизност, дека треба подобра проценка на фискалните импликации, дека се потребни одредени технички корекции на законското решение. Токму во ова законско решение ги опфативме сите тие забелешки коишто беа досега дадени, а имаме и втора можност, во редовната постапка да се дебатира за законот, да се поправи, да се доуреди доколку за тоа има потреба во амандманската работа. Овој предлог-закон предвидува за семејствата на починатите да им се даде надомест од 80.000 евра, додека пак за сите оние кои што се со повреди, зависно од степенот на инвалидитетот, да се одреди сумата којашто треба да ја добијат. Во суштина се олеснува пристапот до институциите за здравствена, социјална, психолошка и секаква друга поддршка којашто ќе им треба – изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.
Сепак владејачката ВМРО-ДПМНЕ која го има мнозинството во Собрание, пак најави дека нема да го поддржи овој предлог, а еден од нивните аргументи е дека не сакаат да влезат во сценариото на СДСМ за политизација на трагедијата.
– Нашиот план за поддршка на засегнатите е следниот: ќе ги дуплираме средствата од Владата за помош на Општина Кочани и реализација на проекти, водиме преговори со инвеститори да отворат капацитети во Кочани или во непосредната близина, а премиерот Мицкоски најави две нови инвестиции и проширување на една актуелна постоечка во близина на Кочани, со 1.000 нови вработувања. Ги покриваме трошоците и лекувањето и ќе продолжиме, а здравствениот систем ќе биде посветен и мотивиран да ги помогне овие луѓе – изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.
„Слободен печат“ се обрати и до в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски со прашање дали се сретнал со некој претставник на Владата и конкретно каква помош бара Општината од Владата, но одговор не добивме.
Инаку, голем дел од помошта за повредените како компресивна облека за повредените се обезбедуваат преку „Супорт Кочани“, организација која постојано апелира дека им е потребна помош на повредените.
Обвинението за истрагата што се води за големата трагедија треба да биде готово на средината на јуни.
За трагедијата во Кочани сослушани 300 сведоци – се собираат и нови докази