Помилувања и други претседателски умилкувања

27 април EPA/MAJA ZLATECSKA

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Гордана Силјановска Давкова, и кандидатот на Европскиот фронт, Бујар Османи, во предизборната кампања веќе најавија – кандидатката, дека ќе ги помилува осудените за насилниот упад во Собранието на 27 април, а кандидатот, дека ќе ги помилува осудените за случајот „Алфа“.

Уште неизбрани, дел од кандидатите за претседател на Македонија јавно порачаа дека планираат да помилуваат осуденици и дека тоа ќе им биде меѓу првите задачи ако седнат во „Вила Водно“. Сепак, осудените за случаите „27 април“ и „Алфа“, кои претседателските кандидати најчесто ги споменуваат во кампањата, може да се надеваат на помилување само ако по изборот на новиот претседател на државата, осудениците, адвокатите или блиски на семејствата на осудените поднесат молба со која се бара бришење на пресудата или укинување, како што предвидува Законот за помилување, а не како што ќе му се посака на новиот шеф на државата.

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Гордана Силјановска Давкова, и кандидатот на Европскиот фронт, Бујар Османи, во предизборната кампања веќе најавија – кандидатката, дека ќе ги помилува осудените за насилниот упад во Собранието на 27 април, а кандидатот, дека ќе ги помилува осудените за случајот „Алфа“.

Според Законот за помилување, кој Собранието го донесе минатиот месец, постапката за помилување се поведува со молба на осудениот или неговиот бранител, со писмена изјава за согласност на осуденото лице, а може да ја поднесат и брачниот другар, вонбрачниот другар, роднина по крв во права линија – брат, сестра, посвоител, посвоеник, хранител или старател.

„Молбата се поднесува по правосилноста на пресудата. Молба со која се бара бришење на осудата или укинување, односно определување пократко траење на определена правна последица од осудатa може да се поднесе по издржаната, застарена или простена казна кај осудата на казна затвор, плаќањето на парична казна, истекот на рокот за проверка кај условната осуда, извршувањето на општокорисната работа и правосилноста на одлуката за ослободување од казна“, пишува во Законот за помилување.

Гордана Силјановска, претседателски кандидат Фото: Фејсбук Мицкоски

Силјановска: Да, ќе ги помилувам, така ќе дојде до помирување

Силјановска Давкова повеќепати во јавните настапи најави дека од позиција на претседателка ќе ги помилува осудените за „27 април“. Според неа, делото што им било ставено на товар за време на судењето („терористичко загрозување“) не одговарало на степенот на насилството и дека оваа квалификација била одредена од новинар.

– Тоа се случи за оние што не сакаа амнестија, сакаат да ја докажат правдата. Ако не завршат постапките во Стразбур и ако сѐ уште се во затвор – да, ќе ги помилувам. Така ќе дојде до помирување – рече Силјановска Давкова.

На вториот ден од изборната кампања, од Струга Силјановска порача дека во името на правдата, етиката и моралот, претседателот на државата потребно е понекогаш да се одважи и да посегне по сопирачката наречена помилување.

– Вам, граѓаните, кога некогаш неоправдано ќе се најдете во судот, пред лицето на правдата, односно на неправдата, многу ви е важно дали има шанса од една кочница наречена помилување. Да, помилувањето не е случајно, има долга историска традиција. Го користеле кралеви, кралици, претседатели, ама кај нас мислам дека не се користело кога треба или се злоупотребувало кога не треба. Потребно е во името на правдата, на етиката, на моралот, претседателот понекогаш да се одважи и да посегне по една кочница во однос на судот. Тоа ќе го направам и честопати го спомнувам, особено кога ги имам на ум обвинетите од „27 април“. Страшно ме погоди судбината на Јане Ченто. Зар е можно судбината на неговиот дедо да се повторува во 21 век, во современа Македонија. Замислете, да бидете обвинети за организирање терористичка закана или за уривање на уставниот поредок на Македонија. Последиците ќе ги чувствувавме до ден денес ако имаше таква закана – констатира Силјановска.

Стево Пендаровски на митинг /Фото: Фејсбук

Пендаровски: Најавуваат амнестија на оние што сакаа да убиваат пратеници

На најавата на Силјановска, реагира претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски.

– Наместо да се извинат за најсрамниот чин во историјата на македонската држава – 27 април 2017 година, кога организираа насилен бунт само да не ја предадат власта на оние кои ја добија довербата на граѓаните, денес дел од тие пратеници во својата изборна програма најавуваат амнестија на оние кои сакаа да убиваат пратеници – рече Пендаровски од предизборниот митинг во Штип.

Тој од граѓанска трибина во Охрид порача дека ним никогаш не им паднало на памет да ги тепаат другите пратеници, но дека опозицијата тоа го направила на 27 април. Тој додаде дека партијата која во 2012 ги избрка новинарите и пратениците од Собрание, а во 2017 година, засилени со толпа која тие ја организираа тепаа пратеници и ги доведоа до работ меѓу живот и смрт, сега ќе ги амнестирале насилниците.

– И денес најавуваат дека тие насилници ќе добијат амнестија, дали ви се верува? Немајте верба во луѓето што насилниците ги нарекуваат уставобранители, а нас нè нарекуваат предавници. Не верувајте во луѓе кои велат дека тие се патриоти, ние изроди. Не верувајте им на луѓе што сакаат да се доберат до власт и потоа да владеат како ништо да не се сменило од 2017 година – рече Пендаровски.

Бујар Османи/Фото: Принтскрин

Во првиот предмет за упадот во Собранието беа обвинети 33 лица, од кои со Закон за амнестија беа помилувани 15 лица. За 16 осудени за „тероризам“, судот донесе пресуда со вкупно 188 години затвор.

Османи пак, е дециден дека прва задача ако седне во претседателското столче ќе му биде да ги помилува осудените за случајот „Алфа“.

– Бидејќи се појавија видеодокази што ја покажуваат невиноста на лицето, но Судскиот совет се уште го одолговлекува одлучувањето. Мислам дека помилувањето ќе биде моја прва одлука – изјави Османи.

Осудени на доживотна казна затвор за предметот „Алфа“ се Агим Ислами и Алмир Дрпљанин и веќе починатиот Реџаил Ќерими. Одбраната на осудените лица поднесе ново вештачење кое, според нив, ја потврдува нивната теза дека осудениот Ислами нема врска со нападот и убиството на припадниците на единицата „Алфа“ во ноември 2008 година, на паркингот на Природно-математичкиот факултет (ПМФ), при што беше убиен еден полицаец, а двајца беа повредени. Пресудата за овој случај беше донесена во април 2010 година.

Аболиција за време на постапката, според новиот закон, веќе не е можна

Во Законот за помилување нема ограничување за тоа за кои кривични дела не е можно да има помилување, односно секој осуденик, без разлика за какво дело е осуден и на колкава затворска казна, може да поднесува молби за помилување. Претходно, не беше можно да се даде помилување за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против здравјето на луѓето, за трговија со дрога и за дела против човечноста и меѓународното право. Ја нема ниту некогашната одредба дека претседателот по исклучок може да дава помилување без спроведување на постапката кога тоа е од интерес за Републиката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот