Политиките да продолжат, да се подобрат и дополнат, порачува Ковачевски во програмата на новата Влада

Димитар Ковачевски
Димитар Ковачевски / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Клучната обврска на новата Влада е да ја зголеми ефикасноста и успешноста во реализација на стратешките правци и политиките за кои граѓаните дадоа доверба на парламентарното мнозинство. Политиките да продолжат, да се подобрат и дополнат, но пред сè, да се зајакне институционалниот капацитет и механизам за генерирање на резултати, позитивни исходи и видливи и мерливи ефекти за граѓаните и економијата.

Ова се наведува во Предлог-програмата за работа на Владата за периодот 2022–2024 година на мандатарот Димитар Ковачевски.

Ковачевски посочува дека мандатот за работа на Владата се базира на изборната волја на граѓаните од последните парламентарни избори одржани на 15 јули 2020 година, парламентарната и политичка поддршка претставена преку зголемено мнозинство на пратеници и довербата за спроведување на политиките дефинирани во Програмата за работа на Владата во периодот 2020- 2024 и донесените стратешки документи за нејзино спроведување во изминатиот период.

-Зад нас оставаме исклучително тежок и предизвикувачки период. Здравствените и економско-социјалните ризици оставија сериозни и негативни последици за нашите граѓани и држава. И во такви услови, успеавме да се соочиме со нив, да го одржуваме и надградуваме здравствениот систем во поддршка на личното и колективно здравје, да ја одржиме и подобриме вкупната економска активност и да го сочуваме животниот стандард на населението. Кризата предизвикана од пандемијата ги засили предизвиците, ги потенцираше системските и лични слабости, исто така овозможи мобилизирање на севкупниот национален човечки и институционален капацитет во справување со неa, се наведува во Предлог-програмата за работа на Владата за периодот 2022–2024 година, се вели во документот.

Ковачевски посочува дека пандемијата е сè уште активна, а дополнително се наоѓаме во енергетска криза. Според него, досегашните искуства од работењето на претходната Влада, направените објективни анализи и нужноста за промени како предуслов за борба со постоечките и новите предизвици, резултираа со потребата за избор на нова Влада.

– Да ги надминеме старите, подобро да се справиме со новите предизвици и да успееме во трансформацијата на нашата економија за потребите на новото време. Нудиме продолжување и интензивирање на политиките за забрзан економски раст и развој на државата, базиран на континуирани високи стапки на раст, зголемување на домашните и на странските инвестиции и директна поддршка на личната потрошувачка преку зголемување на минималната и просечната плата и пензиите, подвлекува Ковачевски.

Ќе сториме сè стапката на инфлација да биде стабилна, наведува Ковачевски, како предуслов за одржување на предвидливото и растечко економско окружување и ктивност, според обезбедениот План за поддршка и зголемување на животниот стандард и куповната моќ на населението. Здравствената и социјалната заштита и поддршка на населението се зајакнува, како што фундамент на нашите политики и акции станува човечкиот капитал генерално и конкретно.

Тој очекува рапидно зголемување на реализацијата на капиталните инвестиции, пред сè во стратешката инфраструктура во Коридорот 8 и регионалните и локалните инфраструктурни проекти.

– Планираме на објективна основа, како резултат на владината поддршка, но и како последица на одлуките на економските субјекти, зголемување на нивото на домашни и странски инвестиции. Директната и фокусирана поддршка ќе се зголеми, како што даночните и неданочни оптоварувања ќе останат идентични, ниски и предвидливи. Започнуваме процес на дополнителна поддршка за намалување на парафискалните давачки и зајакнување на финансиските стимулации за директна поддршка на бизнисот. Ќе ја реорганизираме, ќе ја реконфигурираме и ќе воведеме дополнителни форми за поефикасно работење на државната и јавна администрација на сите нивоа, вели Ковачевски.

Тој нагласува дека ефикасна, растечка и продуктивна економија подразбира бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата и целосно и ефективно владеење на правото и правната држава на сите нивоа. За Владата овие политики се највисок приоритет и примарен фокус.

-Очекуваме низ директен, транспарентен и инклузивен дијалог, да ги надминеме предизвиците за формален и институционален почеток на преговори за полноправно членство во Европската Унија, со зачувување на нашиот национален и државен идентитет и засебност. Убедени сме дека почетокот на преговорите ќе генерира врвен импулс и стратешки придонес во растот и развојот на нашата држава, потенцира Ковачевски.

Најавува дека во иницирањето и спроведувањето на стратешките политики ќе бидат целосно отворени, транспарентни и ќе нудат партнерски однос со сите прогресивни политички, економски и социјални домашни и меѓународни фактори. Уверува дека Владата ја има и ќе ја преземе најголемата одговорност.

– Во 2022 година прв и основен приоритет ќе претставува националниот одговор на енерегетската криза. Конечно мора да преземеме суштински, долгорочни и стратешки мерки за да ја спроведеме енергетската транзиција. За тоа да се случи имаме План, кој ќе го комуницираме и разработиме со домашната и со меѓународната експертска јавност. Краткорочните мерки за намалување на негативните ефекти се подготвени, но нашата цел е да започнеме енергетска транзиција која ќе овозможи Република Северна Македонија да ја стекне својата енергетска самостојност и независност базирана на обновливи извори на енергија, со зелена, достапна за сите и ценовно ефективна енергија. Убедени сме дека за тоа имаме капацитет и знаење, идентично како што
имаме цврста волја тоа да го спроведеме и да успееме, наведува Ковачевски во Предлог-програмата за работа на Владата за периодот 2022–2024 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот