ПОЕЗИЈА: Творечкото искуство на Србо Ивановски е проткаено со едноставност и длабочина

Колаж со насловни корици од дела на Србо Ивановски

Во чест на еден од најзначајните македонски книжевни автори Србо Ивановски (1928 – 2014), а по повод десетгодишнината од неговата смрт направивме избор песни од неговите поетски збирки „Плодови на несониците“ и „Посегање по чудесното“.

Творечкиот опус на Србо Ивановски опфаќа поезија, раскази, романи, драмски текстови и детски книги. Роден е во 1928 година во Штип. Дипломирал на групата Јужнословенска книжевност на Филозофскиот факултет во Скопје. Во литературата се јавува по Втората светска војна.

Според книжевната критика, Ивановски е истакнат претставник на втората поетска генерација во современата македонска поезија. Работел како уредник во Телевизија Скопје. Тој е член и поранешен претседател на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) од 1949 година, како и член на македонскиот ПЕН-центар.

Автор е на голем број поетски, прозни и драмски дела. Дебитираше во 1950 година со книгата „Лирика“, а потоа, меѓу другите, ги објави и стихозбирките „Желби и меѓи“, „Средби и разделби“, „Бели крикови“, „Маѓепсан патник“, „Пена од планината“, „Прстен на времето“, „Горчлив корен“, „Близу до животот, близу до смртта“ и други.

Како тематска преокупација во неговата поезија се појавуваат егзистенцијалните состојби на современиот човек со неговите дилеми и искушенија. Поезијата на Ивановски освојува со својата едноставност и длабочина.

За своите дела, Ивановски е добитник на наградите „Кочо Рацин“, „13 Ноември“ и „Стале Попов“. За српското издание на неговата книга песни „Маѓепсан патник“ во 1976 година ја добил наградата „Бранко Миљковиќ“. За поемата „Елена“ во 2006 година ја добил наградата „Григор Прличев“. За целокупниот поетски опус, во 2008 година ја добил наградата „Книжевно жезло“, што ја доделува ДПМ. Починал на 12 март 2014 година во Скопје.

ОБРАЌАЊЕ

Dicerano gli antichi che la
poesia e skala a Dio…

Montale

Мајко, никогаш не сум ти се обраќал
никогаш не сум седел во твојот скут,
не сум се држел за твоите плетенки.
Никогаш не сум бегал од тебе
ниту пак сум ти приоѓал.
Па од каде тогаш твојот глас
наутро што ме буди?
Од каде твојата поткрепа
во часовите на паѓање?
Од каде твојата насмевка кога ќе се
навлажни небото под моето чело?

Поезијата е слегување и во срцето
не само качување кон Бога
а ти негде близу до неа
или се самата таа.

ЦВЕТОТ НА ТЕМНИНАТА И
НАРОДОТ ИЗБРАН ДА ИСЧЕЗНЕ

Цветот што ја осветли темнината
дали го означи
утрото на надежта?

Дали на венчето на цветот
ќе ја видиме раскажана
нашата приказна?

Или и таму ќе ја сретнеме забележана
грдата порака
за народ што треба да исчезне?

Неразумните веќе порачаа:
Нивното име не треба да се спомнува
и во приказните!

Грдите намери потсетуваат
на зајдувањето на сонцето
Кога птиците ги кријат очите
под крилата на темнината.
Кога грдите намери
сакаат да ја вратат Реката
во утробата на пештерата
каде што таа ги има сторено првите чекори
уште пред да се роди.

Сепак упорната Река
и по темнините
и по беспаќата
го продолжува патот.
Дали и нашата самоувереност
ќе продолжи да чекори?
Дали ќе ја прифати упорноста на Реката?
И каква ќе биде цената
на секој изминат чекор?

Упорното сонце
зар нема да ги надвладее
облацине на грдите намери!

Солзите зар нема да ни се насмевнат
од скршените огледала на светлината?
(јули 2010)

ЕДНА МАКЕДОНСКА ПРИКАЗНА

Кога ги избркале од домовите,
селаните од Егејот
во бовчите на сеќавањето
ги понеле куќите сосе оџаците
и со штркови гнезда на нив;
И прозорците ги понеле
сосе гласовите на мајките
што од нив ги довикувале децата.
Ја понеле и вербата што наликувала на порака –
дека при прогонот
најбрзо умира прогонството.

Врвејќи по патот
за кој мислеле дека води кон слободата
и Боговите биле со нив.

Но не оние, од Олимп.
Туку од полето помеѓу Солун и Воден
и Боговите од нивните села и цркви.

Не прашувам: кога се случило тоа?
Колку била црна ноќта
по нивното заминување?
Каде се населиле добрите духови
од нивните разурнати куќи?
И каде отскитале гласовите
од јазикот, што одамна бил роден?
(Браќата св. Кирил и Методи
пред векови го запишале в Солун.)

Под мојот прозорец живеат
Македонци од Беломорието.
Нив не сум ги прашал дали веруваат
дека селата и нивите
на прогонетите исчезнуваат!

Знам само дека нивната тага
паѓа секој ден од високо, како од планина,
со тежина на мртовец.

Секој ден во мислите
тие го изодуваат патот
по кој нивните татковци
го претрчале своето детство
а дедовците на нивните дедовци
ги воделе невестите дури во Солун
за да го запознаат морето.

И јадот и тагата минувале по тој пат
и многу оковани мажи
кои од грдиот сургун
никогаш не се вратиле.

Молскавиците и штрковите,
штрковите и молскавиците
пренеле многу радости
и многу црни ноќи
по тој пат.

Им се придружувам на рацете
што им мавтаат
на расцветаните беломорски цреши
и на надежите
на моите прогонети пријатели;
На рацете што и денес ја носат
тежината на патот
по кој заминаа в прогонство.

А биле вљубени само во слободата!

(Текстот и песните се објавени во „Културен печат“ број 222, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.3.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот