Поевтино и побрзо ми е да дипломирам, отколку да земам возачка дозвола

Порта Македонија, позната и како „Триумфална капија“
Порта Македонија, позната и како „Триумфална капија“ / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Кандидатка која се обидува да добие возачка дозвола во Скопје повеќе од шест месеци, во редакцијата на Слободен печат се пожали дека процесот на стекнување на возачка Б- категорија (за патнички моторни возила) е крајно финансиски исцрпувачки за секој кандидат,  а одлуките на комисијата, смета кандидатката, се претежно финансиски мотивирани.

Таа наведува дека со сите дополнителни трошоци за дополнителни часови и со сите неуспешни обиди да положи за возачка дозвола за автомобил, нејзината возачка дозвола ќе ја чини барем 800 евра, ако не и повеќе.

Кандидатите со кои контактираше „Слободен печат“ се жалат дека на секои десет дена одат во автошколите и оставаат од 2.000 до 2.500 денари за дополнителни часови за градско возење (покрај извозените, задолжителни со обука 36 часови која чини во просек 23.000  денари), по што повторно и повторно не можат да положат. А возачките дозволи им се потребни, затоа што некогаш и работното место им е условено од нив. За споредба, во САД, возачка дозвола чини 20 долари, не е вклучена авто школа во процесот, а самото оценување на компетенциите на кандидатот не го прави автошкола, туку полициски службеник. Од почетокот до крајот на полагањето, дури и материјалите за полагање се бесплатни, а единствено се плаќа печатењето возачка дозвола, која излегува од принтерот за неполна минута откако процесот е комплетиран.

Лекарка од Скопје одбила да даде мито

-Јас за градска положив од шести пат. Се заинатив и не платив мито никому, иако како доктор, кој работи среде пандемија, ми се случуваше и по четири часа да чекам кај Зоолошката градина, да не можам да отидам на работа на време, да чекаат колеги за да предадеме смена, поради тоа што закажуваат по 20 души во ист ден, а не можат ниту теоретски ниту практично да постигнат да ги спроведат испитните возења тој ден. Четвртиот и петтиот пат ме туркаа за банални работи, ама нека им стои. Дури и еден од испитувачите ми држеше лекции што и како требало, па на крај му објаснив дека ако треба и нема да купам чизми за ќерка ми, ама мито нема да дадам – вели таа.

Другиот наш соговорник, кандидат за полагање, се пожали дека не бил пуштен да положи зашто не застанал на трепкачко зелено светло, иако бил на еден метар од семафорот. По негова проценка, возачот има право да помине доколку процени дека има време за тоа. Поради тоа, паднал на испит.

– Си носат самите камера, ја местат на шофершајбната и снимките ги носат во испитен центар. Дополнителните часови се плаќаат, исто така.. Полигон тестови се 2.500 денари. градско возење  е 2.500 денари. За секое наредно полагање се плаќа 3.500 денари (автомобил, плус такса за испит) .Се охрабруваат кандидатите да земат повеќе часови, ако се во можност. А секој дополнителен час чини 1.000 денари за два часа инструктажа и плус 1000 денари за возилото, вкупно 2000 денари.

  За време на испит ме носат по мали улички, тесни, кај што нема место, каде од секаде излегуваат пешаци, велосипеди, мора сето тоа да се чека, да се заобиколува. Некој ќе ти излета на коловоз и готово, ќе те турнат. Прашувам – зошто ми кочите? Не ти кочам, не можеш да развиеш брзина. Не смееш да се буниш, бидејќи повторно можеш да налеташ на член на комисијата.  Инструкторот, по иницијалната обука, ми кажа дека многу кандидати си одат дома вознемирени од неправдата, некои и плачејќи – вели нашиот соговорник.

-Јас не можев да се разминам со еден автомобил на мала тесна уличка. Од страната секаде имаше паркирано автомобили и не можевме да се разминеме. Се залепив до тротоарот. Го загребав со гумата тротоарот и се разминавме со друго возило. Малку подолу ми закочија и ми рекоа дека сум ја качил гумата на тротоар.  Јас негирав, но ме правеа будала при здрава памет.  Просечно полагање од искуство на моите другари е половина година, најмалку три до пет пати паѓање и приближно 1.000 евра трошок. А ако си некој антиталент за возење, тогаш не знам колку пари треба да дадеш за да положиш – вели нашиот соговорник, додавајќи дека е поевтино да се дипломира на универзитет отколку да земе дозвола за управување патничко моторно возило. Просечна школарина на универзитетот „Кирил и Методиј“ за тригодишно  студирање на еден од факултетите изнесува вкупно 500 евра, по 6.000 денари школарина и дополнителни 4.000 денари за книги и други давачки – вели соговорникот.

Деманти од Испитен центар

Со цел да се дојде до вистината, „Слободен печат, упати серија прашања до „Испитен центар“, ДООЕЛ Скопје и нивниот управител: дали наведеното друштво е единствената институција со јавни овластувања (доверени од државата) за спроведување испити за добивање на возачки дозволи на територијата на Скопје; колку кандидати се пријавени за полагање возачка дозвола минатиот месец и колку од нив положиле од првпат, колку од вторпат, колку од трет, четврти, петти пат; и дали навистина има кандидати што не можат да положат и по осум до десет пати и на што се должи тоа? Дали е точно дека сопругата на управителот на „Испитен центар“ ДООЕЛ, Скопје, Златко Ангеловски била управителка на автошкола? За последново постои поднесена претставка до Антикорупциска комисија за судир на интереси, земајќи ги предвид јавните овластувања кои ги има ,,Испитен центар“ ДООЕЛ Скопје.

Од сите наведени прашања добивме одговор на само едно – дека сопругата на управителот на ,,Испитен центар“ ДООЕЛ Скопје не е управител или сопственик на автошкола, но при внимателна проверка на историјатот на фирми во Централен регистар е утврдено дека постоеле две фирми (СЕЛИКА ФИ-БИ ДОО Скопје и СЕЛИКА ДОО Скопје) за обука на возачи во постапка на ликвидација (избришани од Централен регистар), во кои името на Златко Ангеловски фигурирало како орган на управување, а фирмите во ликвидација се наоѓале на иста улица и број со фирмата која денес под идентичен назив и иста адреса одржува обука за возачи во денешнинава, но со други лица како органи на управување и сопствеништво.

Од авто испитен центар демантираат тенденциозно спречување на кандидатот да добие возачка дозвола. Тие велат дека бројот на полагањата зависи од квалитетот на обуката и покажаното знаење од страна на кандидатите за време на спроведување на возачкиот испит кој се спроведува според законот за безбедност во сообраќајот, правилникот за проверка на знаењето на кандидатите за возачи и оценувачките листи објавени во Службен весник.

„Во случај кога кандидатот за возач не го положи возачкиот испит, има право на приговор до испитниот центар, во рок од 24 часа од спроведувањето на возачкиот испит кој го разгледува комисија составена од членови на МВР и МОН во соогласност со ЗБСП. Возачкиот испит се снима со двострани камери кој овозможуваат видео и аудио запис и снимениот материјал се чува во испитниот центар 90 дена од спроведениот испит според ЗБСП. Авто испитен центар, ги охрабрува сите кандидати ако навистина некој им бара мито, тоа да го пријават веднаш до надлежните институции, особено тргнувајќи од фактот дека нудењето и давањето на мито е кривично дело. За чинењето на дополнителните часови за обука ќе се обратите до авто школите затоа што испитниот центар не врши обука на кандидати туку организира и спроведува возачки испити за кандидати за возачи”, велат од Испитен центар за „Слободен печат“.

МВР тврди дека редовно контролира

Од МВР за нашата редакција велат дека посебна комисија врши надзор врз работата на испитните центри. Контролите се вршат без исклучок во сите испитни центри во земјава согласно закон и утврдена методологија. 

„Со контролите покрај увидот во потребната документација и докази, се врши и непосреден увид на терен за утврдување на потребните пропишани услови за работа, потребниот стручен кадар, просторните услови, материјално техничките средства за работа, потребната информатичка опрема, техничката исправност и опременост на возилата, и начинот и времетраењето на спроведување на возачкиот испит согласно категоријата за која се полага. За извршените контроли и утврдените состојби на лице место, се изработува записник и се преземаат законски мерки ако има утврдено неправилности или недостатоци во работењето. Во просек исто како и во останатите центри месечно, во Скопје се вршат од четири до шест контроли односно најмалку една неделно со даден посебен осврт на начинот на работењето на испитните комисии во време на спроведување на испити со кандидати за возачи”, велат од МВР.

Се поставува прашањето, во услови на константен буџетски дефицит и превработеност во јавниот сектор, зошто државата ги пренела, меѓу другите, своите јавни овластувања за полагање испити за возачка дозвола на приватниот сектор и се откажала од не така мал приход а воедно и контрола на процесот, кога испитите се вршат без овластен претставник на МВР, а познато и е на јавноста како поминуваат „свиркачите,, во постапки на пријавување на нерегуларности, жалби и слично. Штом  ќе се воспостави позиција на доминантност и единственост во некоја од браншите , шансата за злоупотреба се немерливи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот