Поетска награда „Антево перо“ за Јулијана Младеновска-Тешија

Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ на 20 октомври, на централниот настан од годинашното јубилејно петто издание, што се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, ги врачи наградите на избраните автори.

Манифестацијата се одржува во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, академик Анте Поповски и е поддржана со програмата за 2022 година на Министерството за култура на Република Северна Македонија.

По поздравното обраќање до присутните на директорката на Музејот, г-ѓа Даниела Николова, следуваше претставување на најуспешните наслови пристигнати на Конкурсот за необјавена збирка поезија на македонски јазик, за кои на авторите им беа врачени традиционалните поетски награди, кои ги доделува организацискиот одбор на Манифестацијата.

Жири-комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), пред да пристапи кон донесување на завршната одлука за наградата „Антево перо“, што подразбира печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори, го изрази своето задоволство од одличниот одзив за оваа награда.

Пристигнале 76 стихозбирки, со најразлични поетики и поетски имагинации, од кои во потесен избор за наградата влегоа пет стихозбирки: Славица Гаџовска-Свидерска со „Golgotha Feminarum“, Јулијана Младеновска-Тешија со „Куќа“, Шифра Имануел со „Умоверзум“, Тања Павлеска со „Созборка“ и Виолета Танчева-Златева со „Глуво време“.

Јулијана Младеновска-Тешија и Весна Мојсова-Чепишевска

По темелно разгледување на вредностите на секоја од овие пет стихозбирки и по завршните дискусии на членовите на жирито, Комисијата едногласно донела одлука наградата „Антево Перо“ за 2022 година да ѝ припадне на стихозбирката „Куќа“ од Јулијана Младеновска-Тешија.

– „Врата. Влезете“ ни вели поетесата и зачекоруваме во „Куќа(та)“ на Јулијана Младеновска-Тешија. Стиховите што нѐ пресретнуваат ни посакуваат светло и весело добредојде. Ова е особено интересна и длабоко восхитувачка поезија, која уште од првиот допир со неа нѐ внесува во некоја нова димензија од секојдневното, но и посебното, интимното, скриеното, личното. Преку графичките интервенции во текстот, поетесата става акцент и го насочува вниманието кон оние нешта што нејзе ѝ се важни, но во исто време, не го занемарува и останатиот текст. Оваа поезија во исто време има збор, музика, слика и танцува во ритам кој е надополнет со интертекстуално вклопените модерни музички парчиња. Токму со тоа, оваа поезија изобилува со фигуративна експресија, која навлегува во сопствената лична димензија на читателот и се меша со емоциите што ги предизвикува. Конечно, авторката многу мудро и многу интуитивно ја избрала куќата за да ја покаже повеќезначноста на тој поим. Со тоа суптилно се доближува до Антевата куќа, која, иако овде е прикажана на многу помодерен и поразличен начин, во основа е синоним за телото, домот, земјата и татковината. На тој начин оваа поезија се карактеризира со врвни естетски вредности и претставува поетски идиом на македонскиот јазик – стои во образложението на Комисијата.

Во согласност со пропозициите на Манифестацијата, Комисијата, исто така, решила да додели и две награди „Антев златник“. Комисијата едногласно одлучила наградите „Антев златник“ за 2022 година да ги додели на Виолета Танчева-Златева за „Глуво време“ и Славица Гаџова-Свидерска за „Golgotha Feminarum“.

Жирито дискутирало и за трите стихозбирки што влегоа во потесен избор за наградата „Антев часовник“, што се доделува со цел откривање и афирмација на нови, млади, талентирани поети што творат на македонски јазик: Софија Тодороска со „Контури“, Матеја Богдан со „Посветено“ и Рената Пенчова со „Точки во бескрајот“. Со одлука на Комисијата, наградата „Антев часовник“ ѝ припадна на стихозбирката „Точки во бескрајот“ на поетесата Рената Пенчова.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 151, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-24 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот