Поетот Никола Маџиров донираше колекција книги за библиотеката на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје

Колекцијата книги е од Светската награда за поезија „Грифин“

Познатиот и наградуван македонски поет и преведувач Никола Маџиров, кој беше член на жири на Светската награда за поетска книга „Грифин“ во 2023 година, одлучи да ја подари во библиотеката на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје целата колекција од околу 600 поетски книги што беа номинирани за оваа награда.

По повод донацијата, на 22 ноември 2023 година Никола Маџиров имаше средба со студентите од Универзитетот „Американ Колеџ“ – Скопје на која присуствуваа и ученици-гости од Гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ од Скопје. Во разговор со нив, Никола Маџиров зборуваше за неговите почетоци и за поезијата денес, а прочита и свои песни.

Средбата со Никола Маџиров се организира во рамките на студиската програма по креативно пишување, која е акредитирана на Универзитетот „Американ Колеџ“ – Скопје како единствена програма од овој вид во земјата и регионот.

„Грифин“ е една од најпрестижните меѓународни награди за поезија со фонд од 130.000 канадски долари за лауреатот и 10.000 канадски долари за поетите избрани во најтесен круг. Добитник на наградата за 2023 година е американскиот поет Роџер Ривз.

Поетот Никола Маџиров со студентите и гостите на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје

Никола Маџиров е македонски поет, есеист, преведувач. За книгата „Преместен камен“ ја добива европската поетска награда „Хуберт Бурда“, како и наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. Претходно ги добил наградите на „Студентски збор“ за дебитантска книга, наградата „Ацо Караманов“ (1999), наградата за европска поезија на „Кингс Колеџ“ во Кембриџ (2016), главната награда на Меѓународниот фестивал за поезија „Орфеј“ во Пловдив (2019), како и Пекиншката награда на уметничката независна мрежа во Кина за современа светска поезија (2021).

Неговата поезија е преведена на четириесетина јазици. Негови стихови и есеи се објавувани и во лондонски „Тајмс“, американското списание „World Literature Today“, германските „Die Zeit“ и „Tagesspiegel“, а за поезијата на Маџиров се објавени критики на британскиот радиосервис „Би-би-си“, во германскиот неделник „Der Spiegel“, шпанскиот дневен весник „El Pais“ и други.

Врз основа на стиховите на Никола Маџиров музика компонираa соработникот на Бјорк и Лу Рид, американскиот џез композитор Оливер Лејк, италијанскиот композитор на класична музика Анџело Инглезе, македонскиот џез пијанист Гордан Спасовски, како и американските музичари Бека Стивенс и Мајкл Лиг, основач на џез-групата со неколку Греми-награди „Snarky Puppy“.

Никола Маџиров е координатор на меѓународната поетска мрежа „Lyrikline“ со седиште во Берлин и уредник во „Стремеж“. Преведувач е на американските поети Луиз Глик, Ли-Јанг Ли, Марк Стренд, Иља Камински, како и на Јехуда Амихај, Георги Господинов, Славенка Дракулиќ, Васко Попа и други.

Приредувач е на неколку прегледи на македонската современа поезија објавени во странски списанија и составувач на Антологијата на современата светска поезија на XX и XXI век, известија од Универзитетот „Американ Колеџ“ – Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот