Почнува комисиската расправа за отворање на Уставот: ДПМ-НЕ за уставни измени

Фото: Мицкоски, пратеници Фејсбук

ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача на власта да не се надева на поддршка ни за иницијативата за отворање на Уставот, ниту за тоа Бугарите да бидат запишани во Преамбулата, што е услов во преговарачката рамка за да продолжат пристапните преговори за членство во Европската Унија.

Во Собранието утре ќе почне расправата за уставните измени. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе присуствуваат и ќе гласаат против иницијативата за отворање на Уставот, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, ден пред почетокот на собраниската расправа за уставните измени на Комисијата за уставни прашања со која претседава претседателот на Собранието Талат Џафери.

Мицкоски најави и дека исто сценарио ќе има и на пленарната седница закажана за 18 август и порача власта да не се надева на нивната поддршка ни за иницијативата за отворање на Уставот, ниту за тоа Бугарите да бидат запишани во Преамбулата, што е услов во преговарачката рамка за да продолжат пристапните преговори за членство во Европската Унија.

Поради спротивставените ставови помеѓу власта и опозицијата, претседателот на државата Стево Пендаровски смета дека првото гласање за уставните измени ќе биде кон крајот на септември. Неофицијално, во игра е сценариото според кое воопшто нема ни да дојде до гласање на потребата за отворање на Уставот, ако власта „во меѓувреме“ не обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот.

– Јас повеќе од една година го кажувам нашиот став, тој е јасен и не гледам причина дека под ваков диктат ќе биде променет. Процедурата ќе почне во парламентот и кога точката ќе биде ставена на дневен ред, пратениците ќе гласаат против. Така ќе биде и на самата седница за уставните амандмани подготвени од таканаречената комисија предводена од Маргарита Цаца Николовска. Не знам зошто и содржината на амандманите е вметната во иницијативата и со тоа ја влошија позицијата на државата. За да почнат уставните измени, немаше никаква потреба во првиот чекор да ја имаме и содржината на текстот, туку требаше само иницијативата за отворање на Уставот. Но, очигледно овие луѓе повеќе сакаат да слугуваат на Радев и на Бугарија, отколку на македонскиот народ. Ние нема да поддржиме иницијатива што во овој момент ќе значи отворање на Уставот – дециден е Мицкоски и ѝ посака среќа и успех на Албанија на патот кон ЕУ.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ако европските бирократи дозволат Македонија да не ги почне преговорите, ќе направат уште една историска грешка и неправда кон македонскиот народ.

– На овој народ му е преку глава од ветувања, а од нула исполнување, овој народ има достоинство и ако тие мислат дека треба таква политика да водат, ние ќе се бориме нашето достоинство да го аргументираме – вели Мицкоски.

Шефот на државата Пендаровски смета дека со оглед на тоа дека ставовите на двата блока во македонското Собрание се многу јасни и досега непроменети, не очекува првата фаза гласање за евентуално отворање на уставните промени да се случи во август, туку некаде кон крајот на септември. Во однос на рокот, промената на Уставот треба формално да заврши до 30 ноември, додека трае скринингот од ЕУ.

И додека Мицкоски инсистира на предвремени избори, Пендаровски смета дека треба да се фокусираме на продолжување на европскиот пат.

„Претседателот смета дека во овој период не треба фокусот да биде на предвремени избори, туку на важните одлуки кои треба да се донесат во однос на продолжување на нашите европски интеграции. Но, со оглед на тоа дека носењето одлука за одржување предвремени парламентарни избори е во рацете на политичките партии и на македонското Собрание, претседателот смета дека за ова прашање одлука треба да донесат партиите и пратениците“, објаснија за „Слободен печат“ од кабинетот на Пендаровски.

Тој смета дека е потребно и очекува да има интензивни разговори помеѓу власта и опозицијата за уставните измени затоа што се работи за клучно прашање за исполнување на нашата долгорочна цел – членството во Европската Унија и во таа насока не смее да се пропушти овој стратешки момент за иднината на државата.

Пендаровски смета во овој период нема простор за одржување лидерска средба за уставните измени, со оглед на тоа дека процедурата почнува во Собранието и таму треба да биде главната дебата меѓу власта и опозицијата.

Според информации од високи функционери од власта, можно е откако ќе заврши расправата за уставните измени, иницијативата за отворање на Уставот Џафери да ја „заборави“ во фиока, односно пратениците да не гласаат. Откако расправата ќе заврши, Џафери ќе најави дека точката ќе ја стави на гласање тогаш кога ќе се создадат услови, што би можело да значи и – никогаш.

Мицкоски вели дека на власта треба да ѝ биде јасно дека нема и ќе нема двотретинско мнозинство за уставните измени. Тој ја предупреди да не направи уште една историска грешка, односно да ја почне процедурата за која нема поддршка од опозицијата. Мицкоски повтори дека излез од ситуација се предвремени парламентарни избори, распуштање на парламентот и бришење на техничката влада.

Според најавите, предлогот за отворање на Уставот се очекува да го образложи премиерот Димитар Ковачевски. Во комисиската расправа, која формално треба да трае 10 работни дена ќе дебатираат пратеници од сите парламентарни партии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот