ПОЧНА СЕЗОНАТА НА СЛАВИ: Погледнете колку ќе ве чини кетеринг, а колку ако сами ја подготвите трпезата

фото: Фејсбук

Пред нас е периодот кој изобилува со многу слави, но и со многу храна и пијалок, а за тоа, потребни се многу пари. Иако одбележувањето на славите со текот на времето значително се смени, нешто останува исто – богата и разновидна трпеза, за што е потребно и многу време, а кое се намалува со сегашното темпо на живот. Затоа, не е невообичаено што, покрај оние кои самостојно ја подготвуваат трпезата за слава, многумина се обраќаат кај оние кои можат да им помогнат да ги пречекаат гостите со разновидна и богата понуда – кои се професионално вклучени во подготовката и испораката на храна, односно кетерингот.

Колку пари ќе потрошат за да се подготват за прослава на славата, без оглед дали домаќините одлучуваат сами да го направат тоа или да користат кетеринг услуги, зависи од бројот на гости, количината на храна, дали славата е посна или мрсна, а секако и од „дебелината“ на паричникот.

Кое решение и да го изберете, за трпеза на која ќе има храна за најмалку 20 лица е потребно најмалку 10.000 денари, и тоа со голема економичност и грижа при купување или избор на изборот на јадења кои ќе ги нарачате, а крајниот износ може да биде и неколку десетици илјади денари.

Сосема е јасно дека се потребни повеќе пари доколку се користат кетеринг услугите, но овој начин на подготвување на славите за домаќините значи дека гостите ќе ги пречекаат одморени, и нема да ги имаат трошоците што честопати не се гледаат при само-подготовка – како што е потрошена електрична енергија и вода, неуспешни оброци, премногу купување…

фото: Фејсбук

Дека користењето на кетеринг услугите за празнување на славите е се почесто во мода, потврдуваат и од фирмите кои се занимаваат со вакви услуги, од каде посочуваат дека имаат се повеќе работа, а потенцираат дека кога се поголеми слави, како на пример св. Никола, тие имаат и до десетина испораки на ден, и за комплетното мени за слави, во кое се вклучени мезе, салати, главното јадење, и се разбира, сармите и малите колачи, потребни се околу 600 денари по човек или за околу 30 лица тоа би изнесувало 18.000 денари.

– Во последно време се почесто добиваме нарачки за слави, без разлика дали станува збор за мрсна или посна. Секоја кетеринг служба си има свој начин на работа, генерално сите се слични, но сепак различни. Има дел од услугите што се нудат во менито, но има и дел од услугите кои се доплатуваат. Цената на менито варира во зависност од храната која се нуди, но исто така се вклучени и чаршафи, прибор за јадење и салфетки, меѓутоа столици, коњопои, маси и келнери сето тоа се доплатува. Генерално да, луѓето се почесто се одлучуваат за кетеринг услуги и речиси и да е искоренета подготовката во домашни услови. Кај нас полека се вградува културата за кетеринг, без разлика за каков вид на прослава станува збор – велат за „Слободен печат“ од „Канапе кетеринг“.

Со ангажирањето на кетеринг услугите, клиентите освен што добиваат сервирана, декорирана и свежо подготвена храна и пијалоци, добиваат и комплетно поставување и декорирање на масите, чинии за гостите, потребен прибор за јадење, како и сите придружни и потребни асесоари.

– Морам да истакнам дека се повеќе имаме ангажмани за слави во нашата фирма, затоа што оние кои празнуваат немаат потреба, ниту да купуваат, ниту да подготвуваат, ниту да сервираат, како и да средуваат по веселбата. Во принцип кај нас, а и кај другите сервиси за кетеринг, минималната бројка за нарачка е за 20 лица, па така и просечно добиваме нарачки за 30 до 40 лица. Кај нас цените започнуваат од 560 денари по лице, па нагоре. И покрај тоа што имаме и мени за пијалоци, исто така кое се наплатува по лице, сепак луѓето за ова се одлучуваат самите да си го набават – изјавија од „Далма“ за „Слободен печат“.

Оние кои сами ја подготвуваат славата, немаат толку многу трошоци по човек, но и за нивното мени се потребни пари.

фото: Фејсбук

Семејството Цветковски од Скопје повеќе од 30 години го празнува заслугот за славата св. Никола, па тие за „Слободен печат“ споделија како тие ги пречекуваат своите гости и колку нив ги чини.

– Ние секогаш се одлучуваме самите да си ја подготвуваме трпезата за нашата слава, затоа што сакаме гостите да ги пречекаме, како што ние сакаме и сето тоа да биде „Убаво за душа и убаво за очи“. Во просек трошиме околу 20.000 денари, затоа што имаме околу 50-60 гости. Поголем дел од парите одат за пијалоци или некаде околу 6.000 денари, сопругот купува околу 25 кг пастрмка и самиот ја подготвува и за неа плаќаме исто околу 6.000 денари. Потоа околу 3.000 денари даваме за свеж зеленчук и овошје, а исто толку и за подготовка на колачиња и пити. Морам да истакнам дека можеби би ни биле потребни повеќе пари, но зелката за сармите ја подготвуваме претходно, исто така и туршијата, како и гравот и оризот кои ги купуваме месец-два пред славата, па така можеби и нешто заштедуваме – вели Сања за „Слободен печат“.

фото: Фејсбук

Нормално и за оние кои подготвуваат во домашни услови, цената која што ќе ја потрошат зависи од бројот на гости, дали славата е посна или мрсна, затоа што мрсните слави се поскапи и што ќе понудат на нивната трпеза.

– Славата св. Козма и Дамјан ја празуваме како именден на нашиот син кој се вика Дамјан. За оваа слава купуваме месо за скара која си ја подготвуаме самите, потоа салати, пијалоци и слично, но затоа што ја празнуваме во потесниот круг на семејството и со кумовите и старосватите, околку 20 лица, од домашниот буџет одвојуваме околу 10.000 денари – ни рече Марија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот