Почна 16-тото издание на фестивалот „Златна лира“ на СМУМ

Фестивалот на Сојузот на музичките уметници на Македонија „Златна лира“ се одржува од 14 до 31 октомври, а сите концерти ќе бидат изведени во Музејот на македонската борба, со почеток во 20 часот.

– Веќе влегуваме во години кога интересот да се настапи на овој фестивал станува поголем и претставува своевиден престиж за македонските уметници. На фестивалот годинава ќе има најголем број концерти до сега, а ќе настапат уметници од Македонија со едно гостување од Србија. Периодот на пандемија, кој трае веќе две години, е најтежок за нас, репродуктивните уметници, и затоа од особено значење е концертниот живот да продолжи, затоа што преку креативност и самоизразување ја добиваме смислата на нашето постоење – истакнува виолинистот Љубиша Кировски, претседател на СМУМ.

Оваа година на фестивалот ќе има девет концерти. Свеченото отворање на 14 октомври беше во знакот на „Вечер на Моцарт“, со настап на Биљана Јосифов – сопран и Иван Еминовиќ – пијано. На 17 октомври следува концертот на пијанистката Кристина Светиева со наслов „Музичка импресија“ по повод 160 години од раѓањето на Клод Дебиси.

На 21 октомври ќе се одржи концертот на пијано дуото Гелебешеви. На 22 октомври ќе настапи добитникот на наградата на СМУМ на натпреварот „Охридски бисери“ – младиот и надежен пијанист од Битола, Арсениј Ангелески, кој учи во класата на професор Тања Божиновска.

На 24 октомври е концертот на минатогодишниот добитник на наградата „Златна лира“ за врвни уметнички достигнувања Нинослав Димов – саксофон и Маја Поповиќ Караиванова – пијано. Два дена подоцна, на 26 октомври е концертот на Љубиша Кировски, кој ќе настапи со програма за соло виола и соло виолина.

Веќе на 28 октомври ќе се одржи вечер на Пиеси на македонски фолклорни теми од Васил Атанасов, а ќе настапат Васил Атанасов – обоа и Катерина Гелебешева – Костадиновска на пијано. Гостите од Србија, Марко Јосифоски – виолина и Смиља Јосифоски – пијано ќе настапат на 29 октомври. Иако долги години живее во Србија, Марко по потекло е од Македонија и секогаш со задоволство настапува тука.

Свеченото затворање на фестивалот и доделувањето на наградите „Златна лира“ ќе се одржи на 31 октомври. На овој настан ќе настапи триото „Аура“ во состав: Страшо Темков – флејта, Маријан Милошевски – фагот и Ана Гацева – пијано.

– Сметам дека не постои поголема чест за еден музички уметник кога ќе биде награден и испочитуван од своите колеги. Ние, како Сојуз, по предлог и гласање на Управниот одбор, составен од проф. м-р Љубиша Кировски -претседател на СМУМ, проф. м-р Тодор Светиев, проф. м-р Васил Атанасов, проф. м-р Зорица Каракутовска и проф. д-р Ана Гацева, оваа година ги доделивме наградите „Златна лира“ за врвни уметнички достигнувања за 2021 година на кларинетистот Ристо Ѓоревски, додека наградата за животно дело ќе ја врачиме на кларинетистот Иван Кочаров.

Традиционално, наградите ги доделуваме на затворањето на фестивалот. Тоа се статуетки што за нас уметниците се од огромно значење, затоа што се резултат на нашите достигнувања, а најважно е што тоа е почит за нашите колеги, како и на нашите доајени што имаат огромен придонес за развојот на музичката репродуктивна уметност во Македонија и надвор од неа. Тоа е награда од уметникот за уметникот и затоа сметаме дека е особено значајна за секој уметник што изминативе години ја добил наградата „Златна лира“ – потенцира Кировски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 150, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот