Почна 16-та Меѓународна графичка работилница „Софија“ во Богданци

Главната сесија на Графичката работилница „Софија“, која по 16-ти пат ќе се одржи во Богданци, почнува на 16 август. Традиционалната меѓународна графичка работилница е единствена од ваков тип во регионот, бидејќи на едно место ги собира студентите од завршните години на додипломски и постдипломски студии на факултетите и академиите за ликовни уметности од Балканот и пошироко.

Селекцијата на учесници ја прават академиите и професорите, кои избираат по двајца најдобри студенти. Нивното учество на графичката работилница е награда за постигнатиот успех за време на студиите.

Графичката уметност во наредните десет дена, во Богданци ќе собере дел од најталентираните млади графичари од факултетите и академиите од Скопје, Загреб, Нови Сад, Ниш, Сараево и Софија. Оваа година ментор на работилницата ќе биде професорката Мирјана Водипија од Академијата за ликовна уметност во Загреб.

Уметниците ќе работат во сите класични графички техники: висок печат, длабок печат, рамен печат, пропустен печат, а делата ќе ги претстават на завршната изложба на 25 август во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци.

Од основањето до денес, главен поддржувач на графичката работилница е Печатница „Софија“ од Богданци.

– Графичката работилница веќе шеснаесет години е место за средба на најталентираните млади графичари, точка на размена на искуства и идеи, средиште за творештво на многу уметници. Графичката работилница стана препознатлив културен симбол не само во Македонија туку и во регионот – вели Виктор Семенпеев, претседател на Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ Богданци, кое е организатор на настанот.

Графичката работилница „Софија“ е меѓународен центар во кој се следат современите тенденции во регионалната, но и европската графичка уметност. На неа досега учествувале повеќе од 200 уметници, поседува фонд од околу 600 дела, а отворена е во текот на целата година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот