Почина американски доктор кој ја примил вакцината на „Фајзер“ против ковид-19

Фото: Фејсбук

По нешто повеќе од две недели откако се вакцинирал со вакцината на „Фајзер“ против ковид-19, почина американскиот доктор Грегори Мајкл, пишува USA Today.

Оваа информација со јавноста ја споделила неговата сопруга Хајди Никелман, која истакнала дека Мајкл бил вакциниран на 18 декември, а починал 16 дена подоцна.

Според извештаите, д-р Грегори Мајкл (56) од медицинскиот центар Монт Синај во Мајами Бич починал откако доживеал хеморагичен мозочен удар, очигледно како резултат на недостаток на тромбоцити.

Лекарите во Мајами ја испитуваат неговата смрт, се вели во соопштението на Министерството за здравство во Флорида.

„ЦДЦ и ФДА се одговорни за преглед на податоците за безбедноста на вакцините против ковид-19 и презентирање на тие информации за федералните препораки за администрација на вакцини. Државата ќе продолжи да ги обезбедува сите достапни информации до ЦДЦ, додека тие ја водат оваа истрага.“ изјави директорот за комуникации Џејсон Махон.

Иако според „Фајзер“ смртта не е поврзана со вакцинацијата, неговата сопруга Хајди ја обвинува вакцината како причина за ненадејната смрт, опишувајќи го д-р Грегори Мајкл како човек кој верувал во вакцините, а токму затоа решил да се вакцинира.

– Верувам дека неговата смрт е 100 проценти поврзана со вакцината. Нема друго објаснување – вели Никелман во објавата на нејзиниот фејсбук-профил. 

Никелман вели дека Мајкл би имал подобро здравје доколку не пушел, истакнувајќи дека тој само понекогаш пиел алкохол во друштво, вежбал и пловел со кајак затоа што сакал да риболови.

Покрај тоа, последниот лекарски преглед покажал дека Мајкл е целосно здрав. Никелман пишува дека Мајкл бил префрлен на одделот за интензивна нега поради лошата крвна слика по што починал од мозочен удар.

„Верувам дека луѓето треба да бидат свесни дека несакани ефекти може да се случат, дека не е добро за секого и во овој случај уништи убав живот, совршено семејство и погоди толку многу луѓе во заедницата“, напиша таа. „Не дозволувајте неговата смрт да биде залудна, ве молиме спасете повеќе животи правејќи ги овие информации вести“, стои во објавата.

Директорот на канцеларијата за медицински истражувања во Мајами, Дарен Капрара, изјави дека смртта на Мајкл е прва што канцеларијата ја истражува поради евентуална поврзаност со вакцината.

Се огласија и од „Фајзер“

„Фајзер“, кој заедно со својот партнер BioNTech ја направија вакцината што ја примил човекот, во изјавата за јавноста велат дека се „свесни за смртта“.

„Активно го истражуваме овој случај, но во овој момент не веруваме дека има каква било директна врска со вакцината“, се вели во соопштението.

Нема индикации – или од големи клинички испитувања или меѓу луѓе кои ја примиле вакцината откако владата ја одобри нејзината употреба минатиот месец – дека може да биде поврзана со тромбоцитопенија, соопштија од компанијата.

„Важно е да се напомене дека сериозни несакани дејствија, вклучително и смртни случаи кои не се поврзани со вакцината, за жал, веројатно ќе се појават со слична брзина како што би се случила кај општата популација“, се вели во соопштението, кое завршува со зборовите: „Нашите мисли се со ужаленото семејство “.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот