По бројните критики: „Ејџ-би-о“ го исклучи Милош Биковиќ од серијата „Белиот лотос“

Фото: Инстаграм/Милош Биковиќ/Profimedia

Продуцентите на серијата „Белиот лотос“ („The White Lotus“), во чија трета сезона требаше да игра Милош Биковиќ, го откажаа ангажманот на актерот.

„Решивме да ја прекинеме соработката со Милош Биковиќ и улогата ќе му биде доделена на друг актер“, изјави портпаролот на „Ејџ-би-о“, а пренесе „Варајети“.

Во оваа прилика, Биковиќ се огласи на социјалните медиуми, нагласувајќи дека „нема да попушти пред наративи кои го загрозуваат неговиот интегритет“.

„Пораснав во земја разурната од војна. Кога имав 11 години, деновите и ноќите ги поминував во засолниште, додека мојата земја и мојот роден град беа бомбардирани, никогаш никому не би посакал таков пустош.

Секој ден има сѐ повеќе конфликти низ целиот свет. Секој од нив е различен. И секој еден од нив е страшен. Посакувам сите да престанат и да преовлада принципот на љубовта. Денеска против мене се води таргетирана кампања која преку надворешно влијание создава сериозен преседан, фрлајќи сенка врз суштината на уметничката слобода. Резултатот од таквиот наратив е триумфот на глупостите и поразот на уметноста.

Чест ми е што сум избран да бидам дел од Белиот лотос, телевизиска серија која ја почитувам и колегите кон кои имам најголема почит. Но, моето учество во неа не е возможно од причини надвор од доменот на културата и нема да се поклонувам на наратив кој го загрозува мојот интегритет. Сакам да им се заблагодарам на сите што беа со мене, а на колегите им посакувам голем успех во новата сезона. И покрај сѐ, сепак верувам дека уметноста лечи и може да го обедини човештвото. Затоа, моите убедувања и мојата посветеност на уметноста ќе останат непроменети“, се вели во реакцијата на Биковиќ.

Милош Биковиќ доби руско државјанство во 2021 година и лично беше почестен од рускиот претседател Владимир Путин за неговиот придонес во руската уметност и култура. На актерот, како што и самиот кажа, му беше забранет влез во Украина во 2019 година поради национална безбедност.

На 24 јануари Министерството за надворешни работи на Украина на социјалната мрежа Икс објави дека српскиот актер и руски државјанин „од почетокот на инвазијата во полн обем ја поддржува Русија“.

„Милош Биковиќ, српски актер кој ја поддржува Русија од почетокот на инвазијата, сега ќе глуми во третата сезона на ‘Белиот лотос’“, објави украинското Министерство за надворешни работи на социјалните медиуми.

„’Ејџ-би-о’, дали е во ред да се работи со лице кое поддржува геноцид и го прекршува меѓународното право?“, се додава во објавата.


Во врска со реакцијата на Министерството за надворешни работи на Украина, и на веста дека еден од најценетите српски актери ќе глуми во новата сезона на светски познатата серија „Белиот лотос“, во која украинската страна тврди дека тој е „лице кое поддржува геноцид и го крши меѓународното право“, српското МНР посочи на „целосна неоснованост на тврдењата“.

„Република Србија наследува долга традиција на културно творештво и ние сме многу горди на уставно загарантираното право на слободно научно и уметничко творештво. Нагласуваме дека тврдењата на украинската страна се неосновани, бидејќи Милош Биковиќ, пред сѐ, е еден од најпопуларните и најталентираните српски актери од својата генерација, кој иако млад, веќе остави свој белег во српската и меѓународната кинематографија.

Потсетуваме дека министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ на Милош Биковиќ му врачи повелба на Денот на српската дипломатија во 2019 година за неговиот исклучителен личен придонес за промоција на Србија и нејзиното богато културно творештво во светот“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Србија.

Инаку, на 12 јануари беше објавено дека српскиот актер ќе се приклучи на тимот на „Белиот лотос“ . Снимањето на третата сезона на серијата во февруари во Тајланд и, „според Варајети“, серијата ќе се емитува во 2025 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот