По 250 јавувања дневно на Брза помош: Бремените жени да не излегуваат надвор од 10 до 17 часот

Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Од 200 до 250 јавувања и стотина интервенции дневно бележи периодов Итната медицинска помош.  На удар од пеколните горештини се подеднакво и болните и здравите, но како што вели д-р Милица Бубало шеф на Итната медицинска помош, високите температури исклучително лошо влијаат врз здравјето на бремените жени и хронично болните.

– Од 80 до 120 повици дневно се реализираат во зависност од денот, на останатите кои се јавуваат им помагаме со совети. Високите температури влијаат на секој организам и никој не знае што носи во себе, така што и потполно здрави луѓе може да доживеат топлотен удар предизвикан од високите температури. Хроночно болните граѓани мора редовно да си ја пијат терапијата и задолжително да се јават на матичен лекар ако забележат дека не реагираат на терапијата. Да се внимава на редовно хидрирање на организмот, да се носат лесни парчиња облека од памучен материјал и во светли бои, а исто така и да се консумира лесна храна, препорачува д-р Бубало.

Таа посебен акцент става на бремените жени и советува да не излегуваат на отворено помеѓу 10 и 17 часот.

Бремените жени да не излегуваат на отворено во периодот помеѓу 10 и 17 часот. Исто така работниците кои се изложени на физичка работа да бидат ослобедени од истата во истиот временски период, вели д-р Бубало.

Топлото време ќе продолжи и во наредниот период. Сончево и многу топло време со висок УВ индекс прогнозираат метеоролозите и во следните денови. И Министерството за здравство препорачува да се внимава за време на престојот на отворено.

– Поради високите температури кои деновиве ја зафатија територијата на државата, Министерството за здравство апелира граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита на здравјето, а особено да внимаваат и да преземаат соодветни мерки за заштита од УВ зрачењето. Доколку УВ индексот е повисок од 8, задолжително да се користи крема со заштитен фактор и капа, како и да се внимава движењето надвор да биде во сенка. УВ зрачењето и топлината се најсилни во периодот помеѓу 10 и 14 часот и се препорачува во тој период да биде што е можно помала изложеноста на сонце. Воедно, посетителите на плажа треба да имаат предвид дека белиот песок и другите светли површини рефлектираат УВ зрачење и може двојно да ја зголемат изложеноста на зрачењето, велат од МЗ.

Оттаму нагласуваат дека во текот на екстремно топли денови треба да се остане во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.

– Министерството за здравство заедно со Комисијата за следење на ефектите од високите температури при Министерството, во континуитет и на дневна основа ја следат состојбата и доколку има пораст на температурите согласно најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, ќе бидат предложени соодветни превентивни мерки, додаваат од Министерството.

Мобилните тимови на Црвениот крст на Град Скопје се веќе подготвени за да им дадат прва помош на граѓаните во случај на колапс или изнемоштеност.

– Нашите тимови се подготвени за давање прва помош. Ќе бидат распоредени на повеќе фрекфентни локации во Скопје каде што ќе мерат притисок, ќе делат вода и ќе прават транспорт на лица во колапс, рече претседателката на Црвен Крст на Град Скопје, Сузана Тунева Паунова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот