Пјонгјанг и Сеул тестираат нови оружја: Трка за вооружување со проектили наместо дијалог за обединување

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун зборува со официјални претставници за време на посетата на изложбата за развој на одбраната „Самоодбрана-2021“, во Пјонгјанг, Фото: EPA-EFE/KCNA

Новиот севернокорејски проектил бил истрелан од подводна платформа или од подморница вкотвена во военото пристаниште Синпо на источниот брег, достигнал максимална височина од 60 километри и паднал 450 километри подалеку, во водите на Јапонско Море.

Северна Кореја во изминатите неколку недели изврши низа тестови на нови оружја, вклучувајќи хиперсонични ракети и проектили со долг дострел. Некои од овие тестови претставуваат прекршување на строгите меѓународни санкции. Обединетите нации ѝ забранија на комунистичката земја да тестира балистички проектили и нуклеарни оружја. ОН ги сметаат балистичките проектили за поголема закана од крстосувачките, бидејќи имаат значително поголем дострел, летаат побрзо и може да носат поголема бојна глава.

Властите во Пјонгјанг уште во јануари годинава објавија дека развиле нов проектил, кој е „најмоќно оружје во светот“.

Генералштабот на јужнокорејските сили објави дека новиот севернокорејски проектил бил истрелан од подводна платформа или од подморница вкотвена во военото пристаниште Синпо на источниот брег, достигнал максимална височина од 60 километри и паднал 450 километри подалеку, во водите на Јапонско Море. Јапонскиот премиер Фумио Кошида, пак, изјави дека биле истрелани два проектила и изрази „длабоко разочарување“.

Пред точно две години Северна Кореја истрела балистички проектил „пукгуксконг 3“ од подводна платформа, под специфичен агол за да не загрози туѓа територија. Проектилот достигна височина од 910 километри, двојно повеќе од орбитата на Меѓународната вселенска станица, и падна на далечина од 450 километри. Врз основа на податоците од тој тест, ако проектилот бил истрелан под вообичаен агол, би имал дострел од 1.900 километри и во својот дострел би ги имал целите територии на Јужна Кореја и на Јапонија. Можноста проектилот да биде истрелан од нурната подморница уште повеќе го зголемува неговиот дострел.

И Јужна Кореја неодамна тестираше свој нов проектил, за кој тврди дека има слични карактеристики со севернокорејските, што предизвикува загриженост дека двете земји наместо да ги удвојат декларираните напори за обединување, почнуваат опасен натпревар за вооружување. Во Сеул токму во оваа недела се одржува голем саем за оружје и воена опрема, на кој треба да бидат претставени нов јужнокорејски борбен авион, како и наведувани проектили. Јужна Кореја наскоро треба да лансира и сопствена вселенска ракета.

Севернокорејскиот врховен лидер Ким Џонг-ун неодамна најави дека ќе изгради „непобедлива војска“. Ким притоа истакна дека тој лично не сака нова војна, но и дека земјата мора да продолжи да развива оружја за да се одбрани од своите непријатели, особено од Америка. Северна и Јужна Кореја технички се во војна, бидејќи Корејската војна во 1953 година заврши со поделба на земјата на два дела и со примирје, а не и со мировен договор.

Реагирајќи на засилената закана од Пјонгјанг, шефовите на разузнавањето на Јужна Кореја, Јапонија и САД деновиве се состануваат во Сеул, а треба да им се придружи и американскиот пратеник за Северна Кореја, Синг Ким. Главната мисија на Синг е да го обнови дијалогот со Северна Кореја за денуклеаризација, за конечно официјално прогласување крај на Корејската војна, како и за понатамошните чекори за обединување на Кореја. Синг завчера изјави дека не е променет ставот на Белата куќа дека без какви било услови е подготвена за средба со севернокорејски претставници. На досегашните преговори САД инсистираа Северна Кореја да се откаже од својата програма за развој на нуклеарно оружје, за да бидат укинати меѓународните санкции за Пјонгјанг.

Вашингтон го осуди како „дестабилизирачко“ новото тестирање на севернокорејски проектил, но, сепак, истакна дека тоа „не претставува непосредна закана за САД и нивните сојузници“.

Кинески и руски воени бродови крстосуваат околу Јапонија

Група од десет воени брода од Кина и од Русија завчера поминаа низ теснецот Цугару помеѓу главниот јапонски остров Хоншу и северниот Хокаидо.

Русија и Кина одржаа заеднички поморски маневри во Јапонското Море од 14 до 17 октомври.

Теснецот што ги поврзува Пацификот и Јапонско Море е отворен за меѓународна пловидба, дури и за воени бродови, но Министерството за одбрана забележа дека ретко кога туѓи воени бродови поминуваат во толку голема група.

– Нема повреда на територијалните води, ниту е игнорирано меѓународното право – соопшти Министерството за одбрана.

САД се загрижени од хиперсоничната ракета на Кина

Белата куќа во Вашингтон изрази загриженост поради развојот на системи за оружје од страна на Кина, откако Пекинг објави дека тестирал хиперсонична ракета.

Секретарот за одбрана Лојд Остин претходно изјави дека Вашингтон внимателно го следи развојот на кинеските системи за напредни оружја, но не ги коментираше извештаите дека Пекинг тестирал хиперсонична ракета способна да носи нуклеарна бојна глава.

Министерство за надворешни работи во Пекинг, пак, го демантираше извештајот на весникот „Фајненшл тајмс“ дека Кина уште во август тестирала хиперсонично оружје. Весникот објави дека хиперсоничната ракета, со капацитет на неа да биде поставена конвенционална и нуклеарна бојна глава, по навлегувањето во вселената направила неколку орбити заради забрзување, а потоа била насочена кон целта, која ја промашила 32 километри. Весникот додава дека „таквиот подвиг ја изненадил американската разузнавачка заедница“.

– Тоа не беше воена туку вселенска ракета – одговори портпаролот на кинеското министерство Џао Лиѓијан. Тој појасни дека во јули, а не во август, било спроведено „рутинско тестирање на технологијата за повторна употреба на леталото“.

Хиперсоничните ракети, кои летаат најмалку пет пати побрзо од звукот, се тешки за откривање и пресретнување. Такво оружје развиваат САД и Русија, а и Северна Кореја во септември објави дека  тестирала хиперсонична ракета.

Американскиот конгресмен Мајк Галагер го оцени извештајот како „голема тревога“ и предупреди дека ако САД не реагираат „би можеле да изгубат нова студена војна со комунистичка Кина во рок од десет години“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот