ПИСМА ОД ЛОНДОН: Само Европа може да ја спаси земјата

Работите стојат вака. Откако највисокиот суд во земјата, врховниот, едногласно пресуди дека одлуката на премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, за суспендирање на парламентот е незаконска и ништовна, парламентарците веќе следниот ден се вратија во зелените клупи на долниот дом. Еден веќе беше таму, како од оние одличните, како никој да не му кажал дека две недели „немаше часови“. А попладнето, слета и премиерот, директно од самитот од Њујорк каде што претпладнето зборуваше за климатските промени, а потоа се качи на авион сам, и покрај тоа што имаше најмалку 20 комерцијални летови за Лондон.

А во парламентот веќе го чекаше загреана атмосфера. Лутите пратеници чекаа Борис да се извини што го блокирал парламентот незаконски, опозициските бараа да поднесе оставка. А за да се подготви ситуацијата, „публиката“ ја запали владиниот јавен правобранител Кокс, кој својата сопартијка која го смени дресот, наместо „пребегната кокошка“ ја нарече „избеган стаорец“, што според степенот на навреди во англискиот говорен е – многу навредливо. А за говор во парламент, нечуено.

Ама тоа не е сè!

Но ова беше само почеток. Зашто потоа настапи тешката артилерија. Премиерот Борис Џонсон. Ако некој очекуваше извинување и оправдување, се излажа. Видете, сите што го знаат стилот на Борис ќе беа изненадени тој да се извинуваше, но сепак никој не очекуваше таков речник и такво однесување од премиер на земја што се гордее дека е лулка на демократијата. Во говорот, барајќи да го прифатат неговиот брегзит (на невидено) парламентарците, посебно оние од опозицијата ги нарече „предавници, саботери, без морал“, кои работат против интересите на земјата и постојано инсинуира во корист на „непријателот“, односно Европската Унија, како да станува збор за воена состојба. А таква атмосфера создава и тој и неговата влада. Кога една пратеничка му рече дека со таквата воинствена реторика создава опасна атмосфера по безбедноста и животот на пратениците и го потсети дека еден брегзитовски екстремист ја уби пратеничката Џо Кокс која беше против брегзит и го замоли да го смири речникот, тој одговори дека тоа се глупости, невистини! И успеа да шокира, вознемири и расплаче добар дел од женските претставнички и понекој почувствителен маж. Така мисли воинствениот Борис, во време кога сè поголем број пратеници добиваат навреди и закани со смрт, и тие и нивните семејства. Ако не сте со мене, смета Џонсон, против мене сте, решен да ја крене политичката игра на ново, агресивно, досега невидено ниво. Или да ја спушти на ново, досега невидено ниво, барем на овие простори.

Стратегот со очила

Мене сето ова некако ми е непријатно познато. И речникот, и уцените, и навредите, и агресивноста. Посебно кога доаѓа од врвот на власта, од претседателот на владата, од премиерот што наместо да ги смири спротивставените страни, уште повеќе ги продлабочува поделбите. Станал тврдокорен и ги поттикнува тврдокорните. Што? Да не седат дома во влечки? Тој секогаш сакал да биде премиер и сега не избира начин да го оствари она што сака да го оствари. Ти се закануваат со смрт? Гласај за брегзит, му рече главниот стратег на премиерот, Доминик Камингс, на еден пратеник што му се пожали дека поради отровната атмосфера што ја создаде владата и поделеноста на земјата добива анонимни повици дека ќе го убијат. Тоа што Камингс е висок, со очила, молчалив, „специфичен“ и ја осмислува агресивноста, интригите и лажните факти и му советуваше на Борис да ги праќа противниците во ендек (или тој самиот да се жртвува во ендек – што им е тоа со ендеците значи?!) мора да е некаква космичка случајност со настани кои некаде уште никако да добијат судска завршница.

Очигледно, Вестминстер и Борис Џонсон не се сакаат. Џонсон сака брегзит и предвремени избори. Можно е да извлече уште некој трик од ракавот да го заобиколи парламентот, но… Лабуристите и либералдемократите како главни опозициски партии не сакаат предвремени пред да се осигурат дека нема излегување на земјата без договор. Парламентарците се уплашени и навредени. Шкотланѓаните чекаат да видат што ќе се случи, па да останат во ЕУ. Ирците да искористат гужва за да видат дали од две ќе стане едно или не. И црквата се вмеша да ги искара пратениците поради уличарскиот речник во парламентот. Како што сега стојат работите, освен да се крсти човек (ако е религиозен), единствено Европската Унија би можела да им ја прекине целава оваа агонија на Британците. Спасот им е во Европа. Или со Европа. Или од Европа. Вака или онака. И да има договор и да нема. Колку и да не сакаат да признаат. Зашто се Европејци. Ама некои никако да го видат тоа. Засега.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот